/ Прочитано:

3.103

Претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова: Работиме на принцип на децидно, јасно и прецизно детектирање на недостатоците!

Кадровската екипираност на стручната служба со тек на време се подобрува, не толку од аспект на бројот на вработените, туку на нивната стручност, што придонесува пред се на квалитетот на донесените решенија, вели претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова. Што се однесува до случаите на жалби во областа на работните односи, Брзанова уверува дека не се забележани драстични повреди на правата на вработените кои вложиле жалба. 

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен уште при самото формирање веднаш беше ставена под притисок на огромен број предмети кои чекаа на решавање. Можете ли да ни дадете бројки со колку предмети иницијално бевте соочени, каква беше екипираноста во тоа време и кои се областите во кои жалбите беа најбројни? 

Бројчаната состојба на преземените нерешени предмети и приливот на предметите во периодот од кога почна да работи Државната комисија изнесува 11.472 предмети. Од вкупно 11.472 предмети за работа во 2012 години Државната комисија постапила по вкупно 8.619 предмети. Останале нерешени вкупно 2.853 предмети. 

Кадровската екипираност на стручната служба со тек на време се подобрува, не толку од аспект на бројот на вработените, туку на нивната стручност, што придонесува пред се на квалитетот на донесените решенија, што за Државната комисија е приоритет.

Колку од предметите по кои е покренат управен спор се прифатени, односно одбиени?

Во однос на прашањето за начинот на решавањето на Управниот суд по заведени управни спорови против решенија на Државната комисија, за таква анализа е премногу рано имајќи предвид колкава е бројноста на предметите заведени пред Управниот суд, нивната широка лепеза (која не е секогаш поврзана со решенија донесени од Државната комисија) и динамиката на нивното решавање. Генерално, може да се каже дека реакцијата на квалитетот на решенијата на Државната комисија од страна на судот е позитивна.

Согласно со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, рокот за решавање на предметите во Државната комисија е 2 месеци (или пократко, доколку така утврдува некој друг пропис). Колкав предизвик е целосно придржување до овој законски рок?

Државната комисија настојува да ги почитува законски определените рокови, но постапувањето во рамките на определениот рок не зависи само од овој орган, туку и од комплетираноста на списите на предметот, материјалните докази кои се ставени на располагање и тоа не само од првостепените органи туку и од самите странки.

Обврската за решавање во определен рок настапува од моментот кога овој орган ќе ги има на располагање сите материјални докази и може со сигурност да ги утврди сите околности на случајот за правилна примена на материјалното право. Согласно начелото на сервисната ориентираност кон граѓаните кои се јавуваат како странки во правните работи, Државната комисија пред се е насочена кон целосен увид во фактичката состојба што е услов за правилна примена на правото и доследно обезбедување на правата на странките кои со закон се пропишани, па во случаи кога треба дополнително да се прибават определени материјални докази на околности кои влијаат за правилно решавање, приоритет е нивното прибавување и согледувањето на состојбата.

Не интересираат случаите на жалби во областа на работните односи, какво е Вашето искуство со истите? Како ја оценувате постојната законска регулатива во однос на вработувањето на државните службеници?

Како што Ви е верувам добро познато, во областа на работните односи и правата на вработените од работниот однос, Државната комисија има надлежност да постапува по жалби за кои не е надлежна Агенцијата за администрација, како и  по жалби на вработените во Агенцијата за администрација.

Имајќи го предвид горе наведеното, Државната комисија нема мандат да дава оценки на постојната законска регулатива која се однесува на вработувањето на државните службеници, за што конкретно треба да се обратите до Агенцијата за администрација, односно до Министерството за информатичко општество и администрација како базни носители на надлежностите во оваа област.

Сметаме дека прашањето во однос на искуството на Државната комисија во областа на работните односи е прешироко и недоволно конкретизирано, а имајќи предвид дека можни повреди на правата од работен однос имаат широк спектар. Генерално, од досегашното искуство на Државната комисија може да се каже дека во најголем број случаи работодавачите ги донесуваат одлуките кои се предмет на жалбена постапка со правилна примена на материјалното право и не се забележани драстични повреди на правата на вработените кои вложиле жалба. Жалбите во најголем број случаи се однесуваат на извршени распоредувања во рамките на работодавачот, за што во принцип работодавачите водат сметка истото да биде спроведено согласно материјалниот закон и колективните договори, а истото може да се констатира и во однос на постапките за сторени повреди на работната дисциплина.

Ги почитуваат ли првостепените органи одлуките на Државната комисија, или Вашиот став воопшто, дали одлуките на Вторстепената комисија со кои Комисијата дава јасни насоки на решавање на првостепените органи треба да се спроведат во целост и комплетно според насоките?

Насоките дадени од Државната комисија во однос на примената на материјалното право или формално правните недостатоци забележани во текот на спроведувањето на постапката се почитуваат од првостепените органи. Државната комисија работи на принцип на децидно, јасно и прецизно детектирање на недостатоците и јасни напатствија во која смисла утврдените недостатоци од било кој вид треба да бидат отстранети и на кој начин. При тоа, решенијата на Државната комисија содржат децидни појаснувања во смисла на тоа како треба да се примени материјалното право, во зависност од утврдената фактичка состојба и околноста на случајот.

Самата позиционираност на Државната комисија како второстепен орган создава обврска за првостепените органи да ги почитуваат материјално правните и формално првните видувања на Државната комисија, а од досегашното искуство на овој орган произлегува дека првостепените органи ги респектираат ставовите на Државната комисија и постапуваат во тие рамки.

Колкав е бројот на предмети кои се решени in meritum од страна на Комисијата (согласно со став 7 од член 8 од Законот – кога Државната комисија постапува по изјавена жалба против решение кое еднаш било поништено и вратено на повторно решавање)?

Бројот на решени предмети и начинот на нивното решавање е содржан во годишниот извештај што овој орган има обврска да го доставува до Собранието на Република Македонија и овие податоци се јавни, Државната комисија постапила по 8.619 предмети. Во секој случај кога за таков начин на решавање се создадени услови, посебно во поглед на расположивите материјални докази и нивната правна сила која укажува на целосно утврдена фактичка и правна состојба на работите, Државната комисија нема пречки мериторно да одлучува.

Каков е Вашиот став за поставеноста на Државната комисија како независно тело под Собранието, т.е. законодавната власт, наспроти бројните примери телата/механизмите за второстепеното решавање во управните области да се сместени во рамки на извршната власт? 

Државната комисија постапува во рамките на законски дадените надлежности и нема мандат да коментира законски решенија кои на демократски и транспарентен начин ги донесува законодавното тело, односно Собранието на Република Македонија.

Системската позиционираност на Државната комисија како независен и самостоен орган надлежен за решавање во втор степен по жалби изјавени против решенија донесени од органи коишто имаат јавни овластувања према трети лица, од досегашното искуство, покажа позитивни резултати  во однос на објективноста при решавањето, што се должи на целосната оценка на законитоста на побиваните решенија и објективниот пристап на овој орган во однос на сите аспекти кои поединечен правен акт го чинат законит. Приоритет на Државната комисија е да го цени објективно и непристрасно секој побиван поединечен правен акт, како во однос на правилно утврдување на фактичката состојба, така и во однос на правилна примена на процесуално правните и материјално правните норми, а таквиот пристап секогаш е во функција на реална заштита и обезбедување на правата на странките како што се утврдени во материјалните закони, почитувајќи ги условите за нивно остварување.

На што вообичаено се должи поднесувањето на жалби до Државната комисија кои во постапката потоа се уважуваат од ваша страна, каде лежат најчестите повреди? (На пример, повреди на законот од материјален или процедурален аспект, недоволната обученост/познавање на администрацијата на содржината на законските норми или процедурата, пристрасност во одлучувањето и слично. )

Не може да се даде прецизен одговор на вака широко поставено прашање. Жалбите во принцип се поднесуваат по сите основи, тоа е начин на постапување на странките и нивните полномошници да ја спорат првостепената одлука од сите аспекти, без оглед на објективната состојба и на начинот на решавањето од страна на првостепениот орган. Во принцип, не можат да се определат најчестите причини за уважување на жалбите, што зависи не само од тоа дали е во некој аспект повредено материјалното право или процесуално правните норми, туку зависи и од тоа какви материјални докази приложила странката и каква фактичка состојба од тоа произлегла.


Разговараше: Паула Божиновски

Oбјавено: 19.11.2013