/ Прочитано:

1.834

Претседателот на Основен суд Крушево, Благоја Бошковски: Се плашам дека судиските столчиња во Крушево ќе останат празни

Потешко е да судиш во мало место отколку во милионски град, вели претседателот на Основен суд Крушево, судија Благоја Бошкоски. Како вљубеник во родниот град, останал цели 34 години да им суди на роднините и соседите. Судската тога си ја зела цената, судијата пред законот морал да ги заборави сите пријателски и семејни врски, а со тоа да се дистанцира од своите сограѓани. Во интервјуто за „Академик“, првиот човек на крушевскиот суд со насмевка зборува за судиската кариера, но со тешко срце го опишува изумирањето на највисокото гратче на Балканот, Крушево. 

Повеќе од три децении, Благоја Бошковски суди во малото планинско гратче Крушево. На претседателот на Основен суд Крушево и на уште  двајца судии, во просек, годишно низ раце им поминуваат околу 2000 предмети. Првиот човек на крушевскиот суд е единствениот кривичар во градот, вљубен во професијата, но уште повеќе воодушевен од историјата и архитектурата што низ вековите се сплотиле во неговиот роден крај. Одлучил никогаш да не го напушти градот, без разлика на општествените случувања низ тркалото на времето. 

Цврсто е убеден дека судијата во мало место отколку во голем град има потешка задача. На многу едноставен начин ни го долови неговото секојдневие, во кое тој успева да најде баланс меѓу професионалниот и приватниот однос со сограѓаните. 

„Да судите во поголеми места, мислам дека е полесно. Причината е многу едноставна, во милионски град, речиси никој со никого не се знае, овде мора да се дистанцираш буквално од сѐ: од роднини, од пријатели, од соседи… Најверојатно тоа  е единствениот начин да донесете правична одлука темелена на законските рамки. Тука судам цели 34 години. Сум се довел во ситуација да им судам на многу блиски лица, сум можел да се изземам од предметот, но кој друг ќе суди во кривичен предмет. Тоа е мојата професија, моја животна одлука. Ако за некого сум направил исклучок, во ова мало место тешко ќе помине без некој да слушне или да види. Останав тука, одлучив да не заминам во Апелација, можеби не погрешив. Ова мало парче земја е мојот живот“, вели судијата Бошкоски. 

Со поминати неколку мандати како претседател, тој ги гледа и „микроскопските“ проблеми во судската зграда. 

„Како и во сите судови, ни недостигаат финансиски средства, одвај ги подмируваме давачките. Од друга страна, пак, имаме две опремени тонски судници, АКМИС системот е во целост спроведен. Нас ни недостасува повеќе човечки фактор, отколку материјални работи“, објаснува судијата Бошкоски. 

За две години, тројца негови колеги заминале во пензија. Судијата стравува дека меѓу младите крушевчани нема ниту еден кој може да го замени него и неговите колеги со оглед на тоа што за помалку од една деценија, треба сите да заминат во пензија. Според неговита прогноза, доколку во наредните години нема никакви промени, Крушево може да остане без судии. Поради дефицит на кадар, судот воопшто нема кривичен совет, туку делегација од прилепскиот Суд одлучува за притворски предмети. 

„Проблемот е тоа што немаме стручни вработување. Нема млади правници кои ќе го спечалат занаетот и еден ден ќе станат одлучни судии. Во моментов, има само еден стручен соработник, се плашам дека никој нема да може да не замени како судии. Колегите се моја генерација, ни требаат треба млади образовани кадри на кои ќе им го пренесеме искуството“, вели тој.

Тргувајќи од помислата дека Крушево ќе остане без правници, судијата Бошкоски уште повеќе го загрижува  иднината на градот, неговото измуирање.

„Ниту културното наследство, богатата историја, специфичната архитектурата, природните убавини, ниту скијачките терени, ништо не ги задржува младите во градот. Се слушаат само камбани за погреб, скоро никогаш не бијат камбаните за свадби. Општествените прилики си го направија своето, градот остана на старците, нема детски џагор, ниту надеж за подобра иднина на крушевчани. Младите немаат избор, немаат работа, па оттука немаат ни за живеачка, си го бараат чарето надвор од градот. Порано за крушевските жени работеа жени од соседните села, сега тие се аргатки по селата. Жално, се враќаме векови наназад“, заклучува Бошкоски.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 07.10.2013