/ Прочитано:

2.207

Претседателот на Основниот суд Куманово, Муса Сулејмани: Корумпираните судии кажете ги со име и презиме!

„Корумпираните судии да се кажат со име и презиме, да не се генерализира и да се руши угледот на судиите“, вели претседателот на Основниот суд Куманово Муса Сулејмани во интервјуто за Академик.

Првиот човек на Основниот суд Куманово, кој на претседателското столче седна пред само три месеци, е соочен, како што вели, со вистински предизвик да го врати угледот на судот и довербата на граѓаните.

„Ако продолжиме со ова темпо Куманово ќе си го врати угледот, граѓаните ќе ја повратат довербата во судот. Оваа зграда  не е постои само за да казни некого, оваа зграда е за граѓаните, ние сме поставени да ги услужиме. Додека јас сум тука, вратите се отворени за сите. Во глобала, средствата се болна точка, ние сме со проширена дејност имаме големи трошоци, кои не можеме да ги покриеме“, вели тој.

Во однос на лошата слика во јавноста за судството, Сулејмани истакнува:

„Мислам дека надлежните прават напори да се поправи оваа слика и да се врати довербата на народот во судската власт. Тоа што се генерализира и се пишува дека сите судии се корумпирани, едноставно не е вистина. Ми пречат овие генерализации од страна на медиумите. Ако е некој корумпиран трева да се каже со име и презиме. За овој временски период, не сум наишол на такво нешто. Тврдам дека нема, можеби има, но 99 % судиите се многу ажурни, пазат на роковите да ги решат предметите, да бидат задоволни странките без разлика дали е обвинет или оштетен“.

Во однос на транспарентноста на судството, тој вели дека, конкретно вратите на кумановскиот Суд се секогаш отворени за преставниците на медиумите. Според неговото кажување, ниту една медиумска куќа не останала покуса за информација. 

„Доста сме транспарентни, на ниедна медиумска куќа не сме и забраниле да снима, зборувам и како кривичен судија. Имаме лице за односи со јавност кое е задолжено да ги задоволува апетитите на новинарите за информации од судот. Секој што дошол со уредна дозвола од Врховниот суд, ние му ги отвараме вратите за фотографија или снимка“, појаснува Сулејмани. 

Пред да седне на претседателското столче, Сулејмани седум години работел како кривичен судија, а претходно бил началник на Управата за имотни правни работи при Секретаријатот за финансии. 

„Пред да станам претседател на судот, по завршувањето на Правниот факултетот, се вработив во тогашниот Секретаријат за финансии, во Управата за имотно правни работи. Таму бев цели 23 години, од кои 8 години бев началник. Учествував во изготвувањето на Законот за денационализација. Имам постигнато одлични резултати во спроведувањето на законот. Во тоа време, во Куманово вратив доста недвижнини. Првото решение за денационализација во РМ, јас го имам донесено. Потоа, станав кривичен судија, работев во кривичниот оддел се до моето назначување како претседател. Слободно можам да кажам еден податок, кој домашното правосудство не го памети: како кривичен судија за еден месец решив 121 предмет, тој успех се должи на добрата екипа со која работев. Соработката и колегијалноста зачинета со многу труд, дава беспрекорни резултати во работата. Тоа ви го гарантирам“, истакнува Сулејмани. 


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 15.10.2013