/ Прочитано:

1.069

Претставките на граѓаните за работата на судиите ќе го почекаат формирањето на Советот за утврдување на факти

Надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија да постапува по претставки и поплаки од граѓани и правни лица престана на 20 мај 2015 година од кога е во примена Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Сепак, претставките кои во Судскиот совет се примени по 20 мај ќе почекаат, бидејќи  новото тело кое има рок од 40 дена да одлучи по претставка, сè уште не е формирано. 

Сè уште не е распишан оглас за членови од редот на професорите

„Секоја претставка која во Судскиот совет на Република Македонија е примена по 20 мај 2015 година ќе се достави на надлежност на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, и за тоа подносителот на претставката ќе биде известен“, информираа вчера  од Судскиот совет на РМ.

Во согласност со Законот, Советот за утврдување факти задолжително најмалку еднаш во текот на една работна недела одржува седница на која расправа поединечно по сите иницијативи и донесува одлука, најмногу во рок од 40 дена од денот на поднесената претставка или поплака, односно од денот на допрениот глас или друго добиено сознание. Сепак, непознато е кога новото тело ќе профункционира и ќе почне да постапува по претставките, со оглед дека Судскиот совет сè уште не распишал оглас за избор двајца членови на Советот од редот на пензионираните универзитетски професори, откако минатиот оглас беше поништен бидејќи едниот од пријавените професори ја повлекол кандидатурата, а другиот не ги исполнувал критериумите. Советот за утврдување факти исто така се’ уште нема свои простории и опрема, кои треба да ги обезбеди Владата на РМ, па преставките засега ќе треба да се адресираат до Судскиот совет. Поради овие причини, иако веќе се избрани  членови од редот на судиите, адвокатите и обвинителите, досега не е оддржана конститутивна седница, која согласно Законот треба да се одржи 15 денови од изборот на членовите, ниту, пак, е донесен Деловник за работа и избран претседател од редовите на телото.

На гласањето за избор на членовите на Советот за утврдување на факти што се одржа на 10 јули годинава,  од вкупно 594 судии излегоа 535, а неважечки беа 160 ливчиња. Судиите од сите нивоа во државата избраа седум члена. Од редот на пензионираните судии беа избрани Јордан Лазаров, Злата Стамболиска и Фатон Пачуку. Од редот на пензионираните обвинители беа избрани Иван Јакимовски, Кире Секуловски и Фета Исени, додека од редот на пензионираните адвокати – Сашо Поцевски.

Советот за утврдување на факти ќе има надлежност: да расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните,  правните лица, претседатели на судови  за работата на судиите или претседатели на судови, како и за одолжување на судските постапки, како и по допрен глас или други добиени сознанија за работата на судиите или претседатели на судови;  да прибавува податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата; да прибавува  податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата кои се наоѓаат кај државен орган, кај орган на единицата на локалната самоуправа или кај физичко или правно лице на кое му е доверено вршење на јавни овластувања, кои се должни без надомест да ги достават до Советот во рокот определен во барањето; да врши непосреден увид во судски списи и други списи и досиеја кои се од интерес на Советот за утврдување на фактите  во врска со наодите во иницијативата, да ги разгледува извештаите на Судскиот совет на Република Македонија за работата на судиите и судовите итн.

Законот оспорен пред Уставниот суд

Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност наиде на бројни забелешки во јавноста. Демократскиот сојуз, достави Иницијатива до Уставниот суд за покренување постапка за оценување на уставноста на членот 6 од Законот кој предвидува само пензионирани кадри да можат да бидат членови на Советот. Изборот за членови на Советот за утврдување на факти од страна на судиите, пак,  од ДС го нарекоа „Театар на апсурдот“. Законот како дискриминаторски и противуставен го оценија и од Хелсиншкиот комитет.

Според Судскиот совет, пак, со формирањето на ова тело се имплементираат забелешките и препораките на меѓународната заедница за надминување на досега законски утврдената надлежност еден исти орган (ССРМ) да ја покренува постапка за утврдување на одговорноста на судијата и истовремено да одлучува за неговата одговорност и изрекување на мерка.

Средствата за работа на Советот за утврдување на факти се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на Судската власт.

Платата на претседателот на Советот е соодветна на платата на претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, а на членовите на Советот соодветно на платата на членовите на Судскиот совет на Република Македонија.

Според Законот за исплата на платите на членовите на Судскиот совет на РМ, основната плата на претседателот изнесува приближно 90 илјади денари, додека на членовите – приближно  83 илјади денари.


 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 18.09.2015