/ Прочитано:

1.948

ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА СУДСКАТА ПРАКСА НА СТРАЗБУР ДО ЈАВНОСТА: Нова веб-страница на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП

Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права ја стави во функција новата веб-страница, во која се содржани сите релевантни информации во врска со надлежностите на Бирото, како и сите информации за работата на Европскиот суд за човекови права.

akademik foto

Новата веб-страница на Бирото http://biroescp.gov.mk ќе биде ажурирана со најновите информации кои се однесуваат на работата на Бирото и новостите од Европскиот суд за човековите права. Во таа насока, на страницата се содржани рубрики што се однесуваат на надлежноста на Бирото, пресудите и одлуките на ЕСЧП во однос на Македонија, процесот на извршување на одлуките, прашања кои се однесуваат на Европската конвенција за заштита на човековите права и судската пракса на Стразбур. На веб-страницата се содржани и информации за апликантите и за тековните активности на Бирото во поглед на обуките, едукацијата и соработката со релевантните државни институции.

Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права е орган на државната управа во состав на Министерството за правда кој ги врши работите што се однесуваат на застапувањето и постапувањето на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и врши други стручни работи од надлежност на Министерството.

akademik foto 1

Бирото jа претставува Република Македонија во постапките пред Судот во случаите кога Република Македонија е странка во споровите пред Судот, обезбедува соработка на органите на Република Македонија со Судот и со другите органи на Советот на Европа по прашањата кои се однесуваат на застапувањето на Република Македонија пред Судот и подготвува одбрана и непосредно ја застапува Република Македонија во постапките пред Судот.

Во предметите по кои постапува, Бирото посредува во контактите на Судот со домашните судови и државните органи, комуницира и презема дејствија за извршувањето на пресудите на Судот кои се однесуваат на заштитата на човековите права во рамките на Советот на Европа.

Со работата на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права раководи директор – владин агент, а дејноста на Бирото е подетално регулирана со Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

Владиниот агент м-р Костадин Богданов вели дека досега во текот на 2016 година Европскиот суд  за човекови права има донесено вкупно 12 пресуди против Република Македонија.  Значајно е да се спомене, вели Богданов, дека Судот во Стразбур не утврди во сите пресуди повреда на некое од правата и слободите загарантирани со Европската конвенција за човековите права.

akademik foto

„Имено, од овие 12 пресуди, ЕСЧП утврди повреди на одредени права од Конвенцијата во 8 предмети, додека во 4 пресуди не е констатирана повреда на ниту едно од правата и слободите загарантирани со Конвенцијата. Истовремено, треба да се нагласи дека освен неколкуте одлуки со кои во стандардна и вообичаена процедура Судот констатираше дека меѓу државата и апликантите, а на предлог на Судот, било постигнато пријателско спогодување, односно во два од нив била изјавена унилатерална декларација и им било исплатено правично обесштетување на апликантите, ЕСЧП годинава донесе и неколку значајни одлуки во кои, по детална анализа на меритумот на наводите на апликантите, утврдено е дека нивните апликации треба да бидат прогласени за недопуштени од различни причини“, истакнува Богданов.

Новата веб-страница на Бирото, вели Богданов, има за цел да ја доближи работата на Бирото и праксата на Европскиот суд за човекови права до јавноста со оглед на тоа дека расте бројот на македонските граѓани кои ја бараат правдата пред Европскиот суд за човекови права и поради тоа што е зголемена потребата од следење на судската пракса на ЕСЧП, како од пошироката така и од стручната јавност, а особено од страна на македонските судии кои сè повеќе прибегнуваат кон реферирање на праксата на ЕСЧП во своите пресуди.

„Судиите треба да избегнуваат претеран формализам во постапувањето“– интервју со Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП

M.В