/ Прочитано:

3.712

ПРИДОНЕСИ ЗА ХОНОРАРИTE: Содржина на новите законски измени, насоки, методологија и начин на пресметка и уплата

Објавени се најновите измени на сетот закони популарно наречени „Законите за хонорарците“, кои се донесоа по скратена постапка, а со кои се регулира плаќањето на придонеси за остварени надоместоци врз основа на склучени договори за дело, авторски договори и други договори. За таа цел, изменети се Законот за работните односи, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравствено осигурување, а објавен е и Правилникот со кој се пропишува формата и содржината на пријавата за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело, авторски договор или друг договор. Управата за јавни приходи jа објави и методологијата за начинот на пресметка и уплата на приходи  од извршување физичка или интелектуална работа врз основа на договор за дело, авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа.

Измени во Законот за работните односи

Според Законот за работните односи  работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа. Овој договор може да се склучи и за културно-уметнички работи со лице кое врши културно-уметничка дејност.

Според законските измени, надоместоците за извршената работа од посочените договорите подлежат на плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Што се пропишува во измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување ?

Со измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се пропишува дека лицата кои не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надоместоци по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9590 денари), така што овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој износ.

Понатаму, во однос на лицата кои остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата кои остваруваат приходи по основ на пензија (пензионери) се пропишува ослободување од обврската за плаќање придонеси доколку истите остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, кои се помали од износот на просечната нето плата исплатена во Република Македонија во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика. Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува износот на просечната нето плата.

Доколку пак станува збор за вработено лице кое остварува дополнителни приходи по основ на договор кај истиот работодавач или кај правно лице кое има сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот, во тој случај придонеси ќе се плаќаат на целиот износ на приходите остварени по основ на договорот.

Исто така, со законските измени се пропишува дека за лицата кои остваруваат приход по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор, да не се применува досегашната најниска основица за пресеметка и плаќање на придоенсите која изнесува 50% од просечната плата по работник во Република Македонија. Ова значи дека за приходите по основ на договорите нема да се врши плаќање на придонесите во висина на најниска основица како што се применува при пресметка на придонесите за плата.

Дополнително, со измените на Законот се укинува и ограничувањето на највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите како по основ на плата, така и по основ на приходи остварени од договори за дело, авторски договори или друг вид на договор со кој е определен надоместок за извршена работа.

Што се пропишува во измените  на Законот за пензиското и инвалидското осигурување?

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување  се пропишува дека осигуреници се и лицата кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата  утврдена со закон

Се пропишува дека осигуреникот кој плаќа придонес во вториот пензиски столб,  и кој има индивидуална сметка и е член во задолжителен пензиски фонд,  да не плаќа придонес во вториот пензиски столб на надоместокот од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа договор за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа.

Во законските измени се  регулира начинот на воспоставување на својство на осигуреник за лица кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата  утврдена со закон.

Според измените, осигурувањето се врши и преку пријава за износот на примениот надоместок која е уредена со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Понатаму се пропишува дека дека на корисник на пензија кој покрај пензијата остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, не му се запира исплатата на пензијата.

Што се пропишува со измените на Законот за здравствено осигурување?

Во измените на Законот за здравствено осигурување се определува дека осигуреници се и лицата кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

Глоби

Во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се пропишува дека лицата кои се обврзници за уплата на придонесите сами за себе, се должни да достават пријава за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело или авторски договор или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија најдоцна во рок од 5 дена по приемот на надоместокот.

Доколку лицето од посочената категорија не достави пријава за износот на примениот надоместок ќе треба да плати глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Правилник за формата и содржината на пријавата 

Покрај законските измени, објавен е и Правилникот со кој се пропишува формата и содржината на пријавата за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело, авторски договор или друг договор.

Во Правилникот се пропишува дека пријавата за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело или авторски договор или друг договор се доставува во формат А4 на хартија во бела боја.Формата и содржината на пријавата е следната:

 

Кој е рокот за поднесување на пресметки?

Рокот за поднесување на пресметките на придонеси за јануари 2015 година е 20-ти февруари 2015 година, а рокот на пристигнатост за плаќање на придонесите е 25- ти февруари 2015 година.

Обврската за плаќање на ППИО и ПЗО се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договори 

Од УЈП посочуваат дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се утврдуваат категориите на обврзниците кои од 1 јануари 2015 година имаат обврска за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ППИО) и придонес за здравствено осигурување (ПЗО) за приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа.

„За секоја категорија на обврзници се регулира настанувањето на обврската за плаќање на придонеси, основицата за пресметка на придонесите и кој е обврзник за поднесување на пресметката и за уплата на придонесите“, велат од УЈП.

Обврската за плаќање на ППИО и ПЗО се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договори почнувајќи од 1 јануари 2015 година, без оглед на тоа кога е склучен договорот и/или кога е извршена физичката и/или интелектуална работа врз основа на договор.

Обврзник за плаќање и обврзник за поднесување на пресметка и за уплата на придонесите

Пример 1:  За лице во работен однос кое во текот на месецот примило надоместоци по договор и од својот работодавач (или нему поврзано правно лице) и од други исплатувачи: – работодавачот (или нему поврзаното правно лице) поднесува МПИН пресметка и врши уплата на ППИО и ПЗО за надоместоците исплатени од негова страна; – лицето доставува до ФПИОМ пријава на секој друг надоместок примен од друг исплатувач (домашно или странско правно или физичко лице). ФПИОМ утврдува дали за месецот лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, во зависност од вкупниот износ на другите надоместоци исплатени на лицето, споредбено со објавената просечна нето плата. Доколку лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, ФПИОМ изготвува и поднесува МПИН пресметка на придонесите, а лицето врши уплата на придонесите.

Пример 2:  Лице кое остварува приходи од самовработување или пензија, доставува до ФПИОМ пријава на секој надоместок примен од домашно или странско правно или физичко лице. ФПИОМ утврдува дали за месецот лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, во зависност од вкупниот износ на надоместоци исплатени на лицето, споредбено со објавената просечна нето плата. Доколку лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, ФПИОМ изготвува и поднесува МПИН пресметка на придонесите, а лицето врши уплата на придонесите.

Пример 3:  Лице кое не остварува приходи од работен однос, самовработување или пензија, доставува до ФПИОМ пријава на секој надоместок примен од домашно или странско правно или физичко лице. ФПИОМ утврдува дали за месецот лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, во зависност од вкупниот износ на надоместоци исплатени на лицето, споредбено со минималната плата утврдена со закон. Доколку лицето има обврска за плаќање на ППИО и ПЗО, ФПИОМ изготвува и поднесува МПИН пресметка на придонесите, а лицето врши уплата на придонесите.

Основица и стапки за пресметка на придонесите

УЈП: Важни напомени за правните лица – исплатувачи на надоместоци по договори

Утврдување на основицата за плаќање на ППИО и ПЗО од страна на правното лице-исплатувач за обврзниците за плаќање од точката 1 се врши така што: – на исплатениот нето надоместок, намален за процентот на признати трошоци доколку се работи за авторски договор, се пресметува ПДД, – од збирот на исплатениот надоместок и пресметаниот ПДД се утврдува бруто основица за пресметување на придонеси пред намалување со процент на признати трошоци, – бруто основицата за пресметување на придонеси се намалува за соодветниот процент на признати трошоци, ако се работи за исплата по авторски договор. Така добиениот износ се внесува во полето 3.14 во клиентскиот софтвер (образец МПИН). Во клиентскиот софтвер автоматски се врши пресметување на придонесите со примена на пропишаните стапки.

Напомена: Како помошна алатка може да го користите Калкулаторот за утврдување на основицата за пресметување и плаќање на придонеси за договор за дело, авторски договор или друг договор.

Со измените на законот не се утврдени најниска и највисока основица за пресметување и плаќање на придонеси за договори.

Правното лице-исплатувач на надоместок по договор е обврзник за пресметка и уплата на персонален данок на доход по одбивка за секој исплатен надоместок во секој случај, и кога е обврзник за пресметување и уплата на придонесите за лицето кое го примило надоместокот (точка 1) и кога не е обврзник за пресметување и уплата на придонесите за лицето кое го примило надоместокот (точка 2 и 3). Пресметувањето и плаќањето на ПДД се врши на целосно ист начин како до сега, а обврската за плаќање е со исплатата на надоместокот.

Рокови за поднесување на МПИН пресметки и за плаќање на придонесите

Пресметката на придонесите се врши месечно, со користење на т.н. клиентски софтвер (МПИН образец) и се доставува до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во тековниот за претходниот месец, по електронски пат. Плаќањето на месечната пресметка се врши до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Напомена: За надоместоците по договори исплатени во месец јануари 2015 година, рокот за поднесување на МПИН пресметка е до 20-ти февруари 2015 година, а рокот за плаќање на придонесите е до 25-ти февруари 2015 година.

Поднесување на МПИН пресметка од страна на правно лице – исплатувач

Правното лице – исплатувач преку МПИН образецот врши пресметка и уплата на ППИО и ПЗО за исплатените надоместоци по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор, со поднесување на пресметка со вид на обврска 201 и вид на обврзник 210, во која треба да ги вклучи СИТЕ ЛИЦА за кои исплатил надоместок во месецот.

Потребно е да ги пополните следните полиња од клиентскиот софтвер (образец МПИН):

Поднесување на исправка на МПИН пресметка од страна на правно лице – исплатувач

Правното лице – исплатувач има можност за исправка на податоците за пресметаните и платени придонеси за ППИО и ПЗО за исплатените надоместоци по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор. Исправката на податоците од поднесената и платена МПИН пресметка се врши со поднесување на МПИН пресметка со вид на обврска 213 и вид на обврзник 210 само за лицето/лицата за кои се корегираат податоците. При поднесување на исправка на пресметка, бруто основицата и пресметаните придонеси се внесуваат во вкупен износ, вклучувајќи ги претходно поднесените и платени износи.

Потребно е да ги пополните следните полиња од клиентскиот софтвер (образец МПИН):

Порамнување

Во законските измени се пропишува дека одредбите од овој закон се однесуваат за плата, дел од плата, надоместок на плата, друг надоместок и надоместок врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор за јануари 2015 година.

За придонесите по основ на приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор со кој е определен надоместок за извршената работа, кои се платени пред влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на РМ“, бр.20 од 12.02.2015 година), ќе се изврши порамнување.

За правните лица кои имаат поднесено МПИН-пресметка и имаат извршено уплата на пресметаните ППИО и ПЗО за месец јануари 2015 година по основ на приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договори пред влегување во сила на наведниот закон, Управата за јавни приходи по службена должност ќе донесе решение за враќање и ќе изврши враќање на платените придонеси со обезбедување на средства од ФПИОМ и ФЗОМ. Правното лице треба да поднесе МПИН-пресметка и да изврши плаќање на ППИО и ПЗО за месец јануари 2015 година, само за лицата кои се во работен однос кај него или кај нему поврзани правни лица, на кои им извршило исплата на надоместоци по договор во текот на месец јануари 2015 година.

Калкулатор за пресметка на придонеси 

Во Калкулаторот за пресметка на придонеси и ПДД од нето надоместокот, со внес на износот на исплатениот надоместок за извршената работа (нето износ) во соодветното поле и во соодветна колона според видот на договорот и според процентот на признати трошоци за авторски договор, калкулаторот ќе ја утврди основицата за пресметка на придонесите по намалување со признати трошоци, која треба да ја внесете во полето 3.14 во клиентскиот софтвер за пресметка на придонесите.

Калкулаторот може да ви послужи за утврдување на основата за пресметка на персоналниот данок на доход и износот на персоналниот данок на доход за сите случаи за кои како правно-лице исплатувач на надоместок по договор сте обврзник за плаќање на ПДД по одбивка, односно и за лицата за кои не сте обврзник за пресметка и за уплата на придонесите.

Напомена: Процентот на признати трошоци за делото е определен во Упатството за начинот на пресметување и плаќање на аконтациите на персоналниот данок на доход по одбивка.

Со Калкулаторот за пресметка на придонеси и ПДД од бруто надоместокот можете да го утврдите износот на обврската за придонеси, обврската за ПДД и нето износот на надоместокот за исплата. Со внес на износот на бруто надоместокот од договорот во соодветното поле и во соодветна колона според видот на договорот и според процентот на признати трошоци за авторски договор, калкулаторот ќе ја утврди основицата за пресметка на придонесите по намалување со признати трошоци, која треба да ја внесете во полето 3.14 во клиентскиот софтвер за пресметка на придонесите.

Преземи КАЛКУЛАТОР 

ФПИОМ: Насоки за плаќање на придонеси за хонорарите

„Со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се утврдуваат категориите на обврзниците кои од 1 јануари 2015 година имаат обврска за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување и придонес за здравствено осигурување за приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор, или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа“, велат од ФПИОМ.

Обврската за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско и здравствено осигурување се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договорите почнувајќи од 1 јануари 2015 година.

Лицата кои се обврзници за уплата на придонесите, сами за себе (вработени, пензионери и невработени лица) се должни да достават Пријава за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор до Фондот на ПИОМ во рок од 5 дена од приемот на надоместокот.

 Пријавата ја доставува:

  •  Лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија (вработенo лицe или пензионер), остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика.
  • Лице кое остварува приходи од извршување на физичка или интелектуална работа (невработенo лицe), врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

При поднесувањето на пријавата за  договор за дело и/или авторски договор или друг вид на договор, лицата е потребно да ја достават следната документација:

  • Копија на трансакциска сметка
  • Копија на лична карта или лична карта на увид
  • Копија од банкарски извод на примени средства
  • Овластување од физичкото лице
  • Список на лицата за кои се поднесува пријава (ако се поднесува пријава за повеќе од едно лице)

 *Табела за условите и обврските на лицата кои остваруваат приходи врз основа на договор за дело, авторски договор и друг вид договор

Категории на лица кои се должни да достават пријава во ФПИОМ

Услов за плаќање на придонес Основица за пресметка на придонес Обврска за поднесување на Пријава   Обврзник за плаќање на придонесот и  МПИН
вработени/пензионери  Износ на разликата меѓу нето надоместокот и просечната нето плата која изнесува 21.300 денари остварен приход намален за износот од условот 21.300 да Физичкото лице а МПИН изготвува ФПИОМ
невработени Износ на разликата меѓу нето надоместокот и минималната плата која изнесува 9.590 денари остварен приход намален за износот од условот 9.590 да Физичкото лице а МПИН изготвува ФПИОМ

УПАТСТВО ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ НА ПРИЈАВАТА

Лицата кои се обврзници за уплата на придонесите сами за себе, се должни да достават пријава за износот за примениот надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договр или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, најдоцна во рок од 5 дена по приемот на надоместокот.

Пријавата ја доставува:

  • Лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија (вработено лице или пензионер), остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика.
  • Лице кое остварува приходи од извршување на физичка или интелектуална работа (невработено лице), врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

 1.ОПШТИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДНОСИТЕЛОТ НА ПРИЈАВАТА

 1.1 Име (впишете го името на лицето  за кое се доставува пријавата)

1.2 Презиме (впишете го презимето на лицето за кое се доставува пријавата)

1.3 ЕМБГ  (впишете го матичниот број на граѓанинот, за кого се доставува пријавата)

1.4 Државјанство

1.5 Трансакциска сметка (впишете ја сметката на подносителот на пријавата)

2.ПОДАТОЦИ ЗА КОНТАКТ

2.1 – 2.6 (податоците за контакт се однесуваат за лицето кое се доставува пријавата)

3.ПОДАТОЦИ ЗА ПРИМЕНИОТ НАДОМЕСТОК

Износ на примен нето надоместок

(се внесува износот на примениот нето надоместок за извршената работа)

Датум кога е примен надоместокот.

(се внесува датумот кога е примен надоместокот на сметката на подносителот на Пријавата).

Назив на исплатувачот на надоместокот

 се внесува називот или името и презимето на исплатувачот на  надоместокот)

ЕДБ/ЕМБГ на исплатувачот на надоместокот

4.ПЕРИОД ЗА КОЈ СЕ ОДНЕСУВА ПРИМЕНИОТ НАДОМЕСТОК

 Се пополнува периодот за кој се однесува примениот надоместок

5.СТАТУС НА ПОДНОСИТЕЛОТ НА ПРИЈАВАТА

5.1- 5.3 (подносителот на Пријавата е должен да избере еден од трите статуси)

Пријавата за износот за примениот надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договр или друг договор, може да се подигне и на шалтерите во филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

17.02.2015