/ Прочитано:

1.007

Припадници на Министерството за одбрана на обука за новиот ЗКП

Понеделник, 3 февруари 2014 – Денеска и утре Академијата за судии и јавни обвинители на барање на Министерството за одбрана на РМ, а врз основа на надлежностите кои овластени службени лица од Министерството и воената полиција ги имаат според Законот за одбрана, организира базична обука за новиот Закон за кривична постапка.

Базичната обука ќе ја поминат 30 припадници на Министерството за одбрана, а дел од нив кои ќе присуствуваат на базичната обука ќе бидат вклучени и на напредните обуки за ЗКП, во текот на 2014 година и тоа по 1 претставник на секоја обука.

Презентација на одредени одредби од Новиот закон за кривична постапка ќе имаат: Зуица Наумова, судија на Апелационен суд Скопје, Тодор Витларов, јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Штип, Јован Илиевски, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Санде Китанов, началник на Сектор за трговија со луѓе и илегална миграција при Министерство за внатрешни работи и Јаким Наумов, адвокат.

На присутните ќе им се обратат: доц. д-р Фердинанд Оџаков, раководител на Служба за воена безбедност и разузнавање при Министерство за одбрана и директорот на Академијата, Анета Арнаудовска.