Приштина се спрема за дочек на Харадинај, Белград предупредува
Среда, 28 ноември 2012 – Хашкиот Трибунал утре треба да ја изрече пресудата за поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и екс-премиер, Рамуш Харадинај. Додека косовските Албанци се спремаат за свечен дочек и најавуваат нов политички ангажман на хашкиот притвореник, властите во Србија предупредуваат дека неговото евентуално ослободување може да го загрози политички дијалог кој се води во Брисел.
Харадинај на кој до изрекувањето на правосилната пресуда му е одреден домашен притвор е пристигнат во Шевенинген. Хашкиот судија Баконе Молото на повтореното судење по неколку точки од обвинението, утре треба да ја изрече пресудата. Доколку поранешниот косовски премиер биде ослободен веднаш ќе замине за Приштина.
По неодамнешната ослободителна пресуда за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, во Белград и во Приштина се шпекулирало за можна ослободителна пресуда и за комантандот на ОВК кој се товари за злосторства над Србите и другите неалбанци на Косово во 1998 година.
Пресудата ќе влијае врз понатамошните преговори меѓу Приштина и Белград
Меѓутоа, најголемите српски предупредувања се дека таквата одлука е политички мотивирана за да има сериозни последици по дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој по последните избори на новата Влада, српските власти сметаат дека е на највисоко ниво. Белградските медиуми пишуваат дека ослободителната пресуда ќе го симне дијалогот на така наречено „техничко ниво“ што практично значи дека состанокот меѓу српскиот и косовскиот премиер закажан за 4 декември ќе биде откажан.
Оливер Антиќ, советникот на претседателот на Србија како и премиерот Ивица Дачиќ потврдиле дела ослободувањето на Харадинај ќе ги загрози преговорите.
„Имаме доволно причини се да откажеме, но се прашувам што тоа ќе ни донесе, буквално ништо, нема да можеме да ги измениме фактите“, вели Антиќ за српските медиуми.
„Ослободителната пресуда би им донела крила на Албанците. За нив се и западните земји кои имаат најголемо влијание врз Трибуналот. Ослободувањето на Харадинај нас би не оддалечило од помирување, а тоа најверојатно е нечија цел“, рекол Антиќ.
Вакви пораки упатуваат претставници на Српската православна црква, пратениците во Собранието, министрите во Владата, но и Србите на Косово.
По Трибуналот, Харадинај повторно косовски премиер
Во Приштина не само што се спремаат за свечен дочек на својот херој, косовските власти не ја исклучуваат можноста Харадинај повторно да заплива во политичките води, повторно како премиер на Косово. Билбордите ширум Приштина со натписи „Добредојде Харадинај“ говорат дека косовски Срби на големо очекуваат негова слобода. И не само народот туку и косовките политичари ги потврдија своите очекувања.
Косовскиот министер за безбедносни сили, Агим Чеку смета дека Харадинај ќе биде ослободен и ќе му биде организиран свечен дочек, исто како што Хрватите ги дочекале Маркач и Готовина.
Медиумите пишуваат дека Хашим Тачи има намера да ја прошири Владата со реконструкција и тоа до крајот на годината, со цел да се направат потребни отстапки во прилог на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Косовскиот аналитичар и уредник на „Коха Диторе“ , претходно пишувал дека ако Харадинај биде ослободен веќе во декември ќе има реконструкција на косовската Влада и тој ќе биде дел од неа. Сепак, според неговите анализи претерани се тврдењата дека Харадинај ќе го преземе премиерското место, само ако Тачи стане претседател на Косово.
Хашкото обвинителство бара најмалку 20 години затвор
Заедно со Харадинај, обвинителството ги товари и Идриз Балјај и Љахи Брахими за злосторства врз српското население на Косово и Метохија за време на конфликтот од 1998 година. Обвинителството бараше најмалку по 20 годинин затвор за сите тројца обвинети, додека одбраната тврдеше дека треба да бидат ослободени. Харадинај е во куќен притвор, но сега е префрлен во Шевенинген за да присуствува на изрекувањето на пресудата.
Харадинај и Балјај на 3 април 2оо8 година, по три години од стартот на судскиот процес беа ослободени по сите точки од обвинението, додека Брахими беше осуден на 6 години затвор. Меѓутоа, Трибуналот на 21 јули 2010 година одлучил дека судењето делумно треба да биде повторено. Ова е првиот повторен судски процес во историјата на Трибуналот.
Харадинај во 2004 беше избран за премиер, но идната година во март поднесе оставка затоа што против него беше покренато хашкото обвинение и тој сам се предаде на судот.