/ Прочитано:

2.840

ПРИТВОР: Нов Закон, стари проблеми

И со примената на новиот Закон за кривична постапка провејуваат старите проблеми во однос на мерката притвор: необразложени решенија за притвор, едно решение за повеќе обвинети, не се внимава на презумцијата на невиност во истрага, па се наведува дека приворот се определува заради запретената казна и начинот на сторување на делото, не се наведуваат докази и факти за основаното сомнение дека осомничениот го сторил делото, како и докази за основите за определување на мерката притвор… – вели адвокатот Александар Тумановски, кој заедно со проф. д-р Гордана Бужаровска и судијката Славица Андреевска е автор на публикацијата „Примена на мерката притвор според Законот за кривична постапка од 2010 година“, која неодамна беше промовирана под покровителство на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија во соработка со Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ. 

„Libertas inaestimabilis res est“ – Слободата има непроценлива вредност 

Оскудни и непотполни образложенија на решенијата

„Со новиот Закон за кривична постапка од 2010 година се воведоа бројни измени во поглед на притворот со цел оваа мерка да биде поретко користена од страна на обвинителите и судот. Судијата на претходна постапка кој ја определува мерката притвор по предлог на обвинителот има улога на гарант на правата на осомничениот. Во делови во Законот јасно се посочува дека притворот треба да биде последна мерка за која судијата треба да размислува, дека во решенијата задолжително треба да ги истакне сите докази и факти за основаното сомнение дека некој е сторител на кривично дело, па потоа да ги образложи поединечно сите основи за кој се бара мерката притвор. Воедно во решенијата треба стои и од кои причини судијата не ја определил поблагата мерка која му стоела на располагање“, објаснува адвокатот Тумановски.

Во публикацијата, која ја анализира примената на мерката притвор во согласност со новиот ЗКП, авторите забележуваат дека  иако периодот на примена на Законот е краток, сепак во практиката веќе се забележува погрешен пристап.

„И со примената на новиот Закон за кривична постапка провејуваат старите проблеми во однос на мерката притвор: необразложени решенија за притвор, едно решение за повеќе обвинети, не се внимава на презумцијата на невиност во истрага, па се наведува дека приворот се определува заради запретената казна и начинот на сторување на делото, не се наведуваат докази и факти за основаното сомнение дека осомничениот го сторил делото, како и докази за основите за определување на мерката притвор – мислам на докази за бегство од страна обвинителот  или докази за влијание на сведоци.  Не смее ова да се сведе на паушални образложенија без да се понуди материјален доказ, или на шаблонизираните фрази – дека некој нема формирано семејство и не е вработен поради што судот прифатил дека ќе се даде во бегство, а станува збор за лице на граница на полнолетство – матурант и такво нешто не е очекувано од него. Сега судот има задолжителни елементи кои треба да ги внесе во решението за притвор, како доказите и фактите за основаното сомнение дека некој е сторител на кривичното дело за кое се бара мерка притвор, потоа мора да ги образложи основите за притвор – секоја поединечно, и да наведе зошто не ја определил поблагата мерка туку ја определил најтешката мерка притвор. Тука нема избор или алтернатива, ако не постапи по закон, таквите решенија се незаконити и за тоа треба секој да понесе одговорност“, вели Тумановски.

Во практиката, посочува тој, одбраната се соочува и со проблем по однос на кривичните дејствија за кои се сомничи осомничениот.

„Во случаите кога на обвинет му се определува мерка притвор дирекно во суд, без претходно обвинителот да му земе исказ, одбраната останува без точно информација за какви кривични дејствија му се бара таа мерка, па се доведуваме во ситуација, како директни учесници во постапката да се информирааме од средствата за јавно информирање – информаци кои не се целосно точни бидејќи се пласираните од страна на потпаролот на МВР и се извадени од кривичната пријава,  која често се разликува од поднесеното барање за спроведување на истрага на јавниот обвинител. При вакви ситуации се губи смислата на ефикасна и ефективна одбрана загарантирана со новиот ЗКП. Со најавените измени во ЗКП е предвидено јавниот обвинител да го информира осомничениот и неговиот бранител по однос на преземените кривични дејствија кои му се ставата на товар, што не беше предвидено досега, па остана на добра волја на обвинителите или судиите да ја дадат таквата информација на одбраната за да спроведат своја паралелна истрага“, истакнува Тумановски.

Тумановски укажува на неодамнешен пример од практиката според кој  на сметка на неефикасноста на институциите обвинетиот е тој кој трпи последици.

„Во конкретниоот случај, јавниот обвинител во четвртиот месец од притворот бара од Апелациониот суд да се продолжи мерката поради фактот што доказите не биле доставени од МВР,  судот на основа на тоа го удоволува барањето и ја продолжува мерката. Поради затајување на системот обвинетиот ќе трпи последици со долготрајност и неоправданост на притворот“, истакнува тој.

Во анализата, додава тој, даваме препорака да му се овозможи на судијата на претходна постапка, со оглед на неговата улога на гарант на правата на обвинетиот во постапката, доколку утврди дека не постои основано сомнение за кривичнито дело кое му се става на товар на осомничениот за кого се бара мерка притвор, таквиот предлог да не го прифати и со тоа да ја запре постапката.

„Во првата половина од примената на новиот ЗКП, беше направена и кратка анкета меѓу обвинителите кои беа учесници на напредните обуки за ЗКП во периодот мај – јуни 2014 година, како и низа разговори и консултации со судии, обвинители и адвокати кои работат во областа на кривичното право.

Одговорите дадени на Анкетниот прашалник дадоа определени сознанија за начинот на постапувањето на обвинителите и нивното искуство во однос на определувањето на мерката притвор. Во најголем број обвинителства, јавните обвинители кон предлогот за определување на мерката притвор доставуваат:

– наредба за истражна постапка (освен во случај на скратена постапка), и

-сите списи кои се релевантни за стореното кривично дело односно за личноста на сторителот и со кои се располага во моментот на поднесување на предлогот (записник за задржување, записник за правото на бранител, записник за сослушување на обвинетиот, записници со изјави на сведоци, докази поврзани со основаното сомневање, докази со кои се исполнува основот по кој се бара притвор, патна исправа, извод од криминалистичка евиденција, потврда за одземени предмети, доказ за идентификација и слично).

Интересен за анализа е фактот што ниту еден предлог за определување на мерката притвор не бил одбиен како неоснован од страна на судот, иако обвинителите истакнуваат дека многу често располагаат единствено со доказите што ги добиле во прилог на кривичната пријава, дека честопати ги немаат вештачењата од МВР, дека нема доволно материјални докази кон кривичната пријава, дека обвинителите имаат проблем што немаат пристап до казнената евиденција, што секако укажува на леснотијата со која судијата го прифаќа предлогот без доволни докази што го оправдаат основаното сомневање и основите за кои се бара определување на мерката притвор.“

*Извадок од Публикацијата

Невоедначена судска пракса

Анализата, вели Тумановски, покажала дека македонските судови различно го применуваат Законот.

„И покрај сите тие новини кои се јасно, недвосмислено и таксативно наброени во Законот, како задолжителни елементи на решенијата на судот по однос на мерката притвор, преку анализата се соочивме фактот дека судовите во Македонија различно го читаат Законот. Во некои од апелациони подрачја дел од новините се применуваат, во некои во целост немат примена. Ова може да се препише на тоа дека се работи за нов закон кој е во примена, но претставува лоша слика за веќе влошената ситуација во правосудството во целина. Проф. д-р.Гордана Бужаровска и проф. д-р Гордан Кајлаџиев, кои учествуваа во изготвување на новиот ЗКП,  во својот Коментар на законот,  наведуваат дека сите тие новини се ставени во Законот за да се намали бројот на неаргументирани и чести притвори, но и да се почне со примена на другите поблаги мерки за обезбедување на обвинетите во постапките“, посочува тој.

Адвокатите да поднесуваат жалби на решенијата за притвор

На промоцијата на книгата, истакнува Тумановски, имало професори од Катедрата за кривично право и криминологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Факултетот за безбедност, ФОН, Штуловиот универзитет и над петнаесетина адвокати, но за жал, како што вели, немало обвинители и судии  да слушнат до каде се стигнало со примената на мерката притвор во согласност со новото законско решение.

„Како презентери укажавме на зголемениот број на пресуди на ЕСЧП од Стразбур кој укажува на многу проблеми при примената на оваа најмалку посакувана мерка. На адвокатите им се сугерира да поднесуват жалби на решенијата за притвор, бидејќи со неподнесување на жалби обвинетите го губат правото за поднесување на апликации пред ЕСЧП. Како пример беше истакнат случајот со новинарот Кежаровски, кога во почетниот стадиум имал определено адвокат по службена должност, кој не поднел жалба на решението за притвор и со тоа го изгубил правото за поднесување на апликација.

Во фелата провејува една догма дека со праќање на жалби на решението за мерката притвор ќе се одолговлечел притворот што во пракса не е така. За тоа зборува и статистиката на Јавното обвинителство на РМ за 2013 година во која е наведено дека од Одделението за организиран криминал биле доставени барања за мерката притвор  за 278 обвинет, за 275 бил определен притвор, а за  3 обвинети била определана мерка куќен притвор, што е фрапантна бројка на барани и определени притвори која се движи над 99%. Од сите тие притвори,  на 107 обвинети им била продолжувана мерката притвор повеќе од 6 месеци, што значи дека неподнесувањето жалба на решението за мерката притвор не ја менува ситуацијата дека притворот ќе се одолговлекува, туку се дава една комоција на тие кој најмногу треба да внимават тој да биде краток и нужен без да трае во недоглед“, објаснува Тумановски.

Продолжувањето на притворот треба да биде посилно аргументирано

Како релевантни примери од праксата на Европскиот суд за човекови права кои ја отсликуваат проблематиката, Тумановски ги посочува случаите на СТОЈАНОВСКИ, ЛАЗАРОВСКИ, МИТРЕВСКИ, ВАСИЛКОВСКИ, МИЛАДИНОВ…, сите против Македонија, како и предметите кои се најавени со повреди во поглед на мерката притвор – СЕЈДИУ, РАМКОВСКИ, МИЦОВ… против Македонија.

„Од Судот за човекови права, меѓу другото, се укажува на долготрајните постапки пред Апелациониот суд кога се решава по жалби на решенијата за продолжување на мерката притвор, за кои ЕСЧП сугерира дека секое продолжување има поголема тежина,  така што образложенијата треба да бидат поголеми со разумни основи за мерката притвор.

Владиниот агент кој ја застапува Македонија пред ЕСЧП во Стразбур, во една своја анализа за состојбите по однос на мерката притвор има предлог до Академијата за судии и обвинители да се направи континуирана обука во наредните години на судиите и обвинителите за да се намали бројот на неаргуметирани, неосновани, незаконски, предолги притвори, да се почне со примена на другите мерки кој воопшто не се застапени. Исто така сугестија на адвокатите е да се борат против таквите решенија со поднесуваање жалби во сите истанци, како на јавни седници пред кривичниот совет, Апелациониот суд и Врховниот суд, за на крај, после толку пресуди на ЕСЧП против Македонија, да поднесат и апликација пред овој суд. Тоа е доволен почеток  да се тргне од некаде и да се подобри сликата пред сѐ за државата и судството пред меѓународните институции, како и дома – пред своите граѓани“, вели Тумановски.

Авторите на Публикацијата, сепак посочуваат дека подеднакво важно е да се напомене, дека при разгледувањето на решенијата за определување притвор во однос на прашањето за определување на мерката притвор се сретнуваат и позитивни пристапи во практиката.

Публикацијата „Примена на мерката притвор според Законот за кривична постапка од 2010 година“, вели Тумановски, всушност треба да преставува водич низ постапката за правилна примена на мерката притвор на сите чинители. Таа исто така содржи препораки во насока на предлози за измени и дополнувања на Законот.

„Публикација треба да биде водич за обвинителите кои ја предлагаат мерката притвор,  за судиите кои ја определуваат и за адвокатите кои треба цврсто да и се спротиставуваат. Публикацијата исто така преставува и запознавање со другите мерки за обезбедување на обвинетите лица во постапките,  куќниот притвор, гаранцијата и другите мерки на претазливост за обезбедување на обвинетите, за кои од анализата може да се види дека воопшто не се применуваат или се применуваат минимално“, потцртува Тумановски.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 21.09.2015