Притворени високи функционери на чешката владејачка партија
Четврток, 13 јуни 2013 – Припадници на специјалната единица за борба против организираниот криминал (УООЗ) синоќа при интервенција во зградата на чешката Влада ја уапсиле шефицата на кабинетот на премиерот Петр Нечас, Јана Нагиова и неколку поранешни пратеници и еден екс-министер.
Како што пренесоа медиумите, во акцијата која се поврзува со премиерот Нечас, покрај поранешниот министер за земјоделство Иван Фукса, поранешниот заменик министер Марк Шнајдер, поранешниот шеф на пратеничката група на ОДС, Петр Тлухор, можно е да е уапсен и поранешниот шеф на военото разузнавање Ондреј Паленик, јави дописникот на МИА од Прага.
Сите притворени се членови на најголемата десничарска владејачка партија ОДС (Граѓанската демократска партија).
„Можам само да кажам дека спроведуваме акција и сите активности се под надзор на Јавното обвинителство“, изјави портпаролот на УООЗ.