/ Прочитано:

935

Приведен охриѓанецот кој минатата година издрогира брачен пар од Скопје

Четврток, 6 март 2014 – Охриѓанецот Г.П. (38), кој минатата година издрогира брачен пар од Скопје бил приведен од страна на српската полиција во Врњачка Бања.

Полицијата во Србија го уапсила заради осомнение на кражба на техничка стока од бугарски државјанин, но за тоа е информирано и македонското МВР кое трага по него цели осум месеци.

Во јуни минатата година, заедно со неговиот пријател Г.П., договарајќи се со брачен пар од Скопје дека ќе им продадат автомобил марка „Мерцедес“ ги намамиле во станот на пријателот на улицата „Мирче Ацев“ во Охрид.

Огласот за продажба на автомобил го објавиле на социјалните мрежи и успеале да го убедат брачниот пар да допатува во Охрид. Наместо да го добие автомобилот, брачната двојка била издрогирана, претепана и одведена на високите предели поточно во месноста „Корита“ на планината Галичица. Освен повредите на глава, граден кош и на екстремитетите, мажот и неговата сопруга од Скопје останаа покуси и за 3.500 евра. По нивната средба во Охрид, осомничениот на брачната двојка лажно им се претставувал користејќи го името Сашо, ги одвел во својот стан на улицата „Мирче Ацев“ каде им кажал дека неговата сопруга за брзо време ќе дошла и ќе го донела возилото. Притоа, тој ги послужил сопружниците со инстант нес-кафе и со кисела вода. Набрзо тие почувствувале замаеност и зашеметеност по што се губи нивната меморија. Истиот ден околу 18 часот и 40 минути, откако се освестил сопругот забележал дека лежи на трева во планински предел, па од мобилниот телефон на сопругата ја алармирал полицијата.