/ Прочитано:

2.117

Проблеми на одбраната во кривичната постапка во Македонија – АДВОКАТ САЊА АЛЕКСИЌ

„Кривичната постапка ќе ја оствари својата цел само ако се обезбеди  баланс помеѓу прогонот и одбраната. Во стварноста, во постапката баланс нема, а странките се во нееднакви позиции…“

Новиот Закон за кривичната постапка во Р.Македонија беше донесен на крајот на 2010 година, а почна да се применува на 01.12.2013.

Кривичната постапка ќе ја оствари својата цел само ако се обезбеди  баланс помеѓу прогонот и одбраната. Во стварноста, во постапката баланс нема, а странките се во нееднакви позиции.

Ова се должи на тоа што новиот Закон за кривична постапка воведе низа на поинакви решенија, а една од новостите е можноста на спогодување со јавниот обвинител во текот на истрагата (т.е. по носење на наредба за започнување на истражна постапка па сѐ до моментот на изготвување и доставување на обвинителниот акт до судот).

Законот пропишува дека за да отпочне постапката за спогодување неопходно е присуство на бранител, а притоа признанието на вина во оваа фаза не е неопходен услов за пристапување кон спогодување. Ваквото законско решение во практика се покажува како погрешно и истото се рефлектира како проблем на одбраната. Кога осомничениот ќе добие покана да се јави кај јавниот обвинител, при неговото испитување обвинителот му ги дава поуките за правата: му соопштува за што се обвинува, дека не е должен да ја изнесе својата одбрана, но доколку даде изјава таа може да се користи во постапката против него, дека има право на бранител, дека може да се изјасни за делото кое му се става на товар, дека може да изнесе докази кои му одат во прилог, дека има право на увид во списите , право на преведувач, преглед од лекар, како и дека може да го користи правото на спогодување со јавниот обвинител. Меѓутоа, многу од странките се правно неуки и на првата покана од обвинителот се јавуваат без бранител, па при читањето на поуките кои обвинителот повеќе рутински ги предочува, го прифаќаат правото да се спогодат со јавниот обвинител, сметајќи дека полесно ќе поминат во постапката и даваат изјава со кое го признаваат делото. Јавниот обвинител и да има чесна намера со осомничениот да направи спогодба, за кривичните дела за кои е предвидена казна до 10 години (иако истото не е регулирано со Законот за кривичната постапка туку со подзаконски акт –„Упатство“) мора  да побара согласност од Вишиот јавен обвинител, а за кривични дела за кои е пропишана повисока казна мора да прибават согласност од Републичкиот јавен обвинител.

Често во практиката се случува таква согласност од вишиот јавен обвинител да не се добие, па осомничениот на некој начин е ставен во заблуда, бидејќи постапката мора да продолжи на суд, а тој веќе дал исказ со кој го признал  делото, притоа исказот на осомничениот даден пред јавниот обвинител претставува доказ во постапката. Вака дадениот исказ на осомничениот во неуспешната постапка за спогодување дури и да се ковертира, сметам дека осомничениот веќе го довел во незгодна позиција бидејќи обвинителот веќе има сознание што и како истиот сторил кое нешто директно ќе влијае врз натамошниот тек на постапката и на одлуката на судот.

Проблем околу новите решенија на ЗКП лоцирам и кај признанието на вина на првото рочиште на главна расправа. Имено,  на главната расправа по поуките за правата што ги ужива обвинетиот, надлежниот судија го повикува обвинетиот да се произнесе дали се чувствува виновен за сите или одделни кривични дела содржани во обвинението. Странките, кои како што веќе наведов се правно неуки, водени од стравот и неизвесноста од исходот на кривичната постапка се согласуваат да признаат вина. Кога обвинетиот ќе даде признание на вина, надлежниот судија е должен да ги испита околностите дали признанието е дадено доброволно, дали обвинетиот е свесен за правните последици од признанието, како и за последиците врзани со имотно правно побарување и трошоците на постапката. Ако признанието е прифатливо, доказната постапка се редуцира и ќе се изведат само оние докази што се однесуваат на видот и висината на кривичната санкција. Ваквото решение го повредува правото на одбрана бидејќи обвинетиот мотивиран од тоа да добие помала казна признава сторено кривично дело без притоа од судот да се разгледуваат конкретните дејствија на извршување односно дали истите го чинат битието на делото за кое се обвинува или можеби во дејствието се содржани елементи на некое полесно кривично дело или, пак, во опишаните дејствија не се содржани обележјата на кривичното дело за кое се терети, или настапила застареност, или настапиле измени на законот…

 Со ваквото решение, на судот му се врзани рацете бидејќи тој воопшто не се впушта во оценка на тоа дали во дејствијата се содржани елементите на делото или не. Во оваа смисла, можеби некој ќе се повика на тоа дека обвиненијата подлежат на оценување пред судот,  меѓутоа во таа насока би го споменала само статистичкиот податок според кој при оценка на обвинителен акт и по приговор на обвинение поминуваат  над 95% од обвиненијата.

Проблем на одбраната исто така, со кој, според ставот на голем број адвокати, директно се руши балансот и како одбрана не става  во незавидна положба, е тоа што Судот повторно како во претходниот закон не е врзан со правната квалификација дадена од тужителот. Имено, при постоење на акузаторно начело за гонење и интенција на законодавецот со новиот закон судот го претвори во нем посматрач,  нелогично е повторно даденото овластувањето на судот, да може да ја менува правната квалификација, па описот на настанот даден од обвинителот да може да го подведе под друга правна квалификација. Со таквиот начин на постапување судот се става во улога на обвинител, а освен тоа го оневозможува правото на одбрана од таквата квалификација. При таква состојба, судот наместо обвинетиот да го ослободи, ја менува правната квалификација се со цел истиот да го осуди. Со давање на нова квалификација одбраната дури во жалбена постапка за првпат може да се произнесе по неа, со што го губи правото да се спори во два степени. Во поткрепа на претходното е и законското решение кое се однесува на обвинителниот предлог кој според одредбата 471 не мора да содржи законски назив на кривичното дело и правна квалификација, со кое се остава судот истите да ги избере во зависност од фактичката состојба која ќе ја утврди од доказите. Ова  укажува на тоа дека сѐ уште обвинителот и судот како да се една страна во постапката и дека одбраната повторно не е во рамноправна положба со обвинителот, бидејќи во претходно опишаниот проблем (признание на вина на прво рочиште на главна расправа) на  судот му се врзани рацете да може да интервенира при состојба кога во опишаните дејствија не се содржани елементите на кривичното дело за кое обвинетиот се терети, на истиот му се дозволува да ја менува правната квалификација и обвинетиот кого треба да го ослободи. го осуди.

Нерамноправната положба помеѓу обвинителството и одбраната и немање еднаквост на оружјата се огледа и во други законски решенија.  Во тоа што на пр. вештачење може да определи јавен обвинител во истрага и  судија на главна расправа. Тоа значи дека одбраната не може самостојно да побара изготвување на вештачење, туку само како предлог до обвинителот, а можноста на одбраната да ангажира свој технички советник не може да го ублажи очигледниот дисбаланс, а и станува збор за средства кои немаат иста доказна сила и моќ.

Исто така записникот за исказот на сведокот даден пред ЈО во претходна постапка под одредени околности предвидени во чл.388 може со одлука на судот да се изведе како доказ, иако треба со посебно внимание да се постапува при оцена на ваквите изјави бидејќи се дадени само пред обвинителот, а во отсуство на одбраната која никогаш немала можност вкрстено да го испитува истиот. Уште повеќе, кај овој исклучок е проблем што само се однесува на изјавите собрани од обвинителот, но не и на изјавите обезбедени од одбраната. Нејасно е зошто не би можело да се изведат како доказ изјавите кои ги дало некое лице пред бранителот, а подоцна истото починало, душевно се разболело или е недостапно.

Според новиот ЗКП, текот на главната расправа треба тонски да се снима или треба да се води стенографски записник. Судовите во овој дел не го почитуваат законот со образложение дека немаат техничка можност за истото. Поради овие околности се постапува како по стариот закон, односно судијата го диктира  записникот, често со свои зборови или го парафразира одговорот на сведокот или обвинетиот, па се губи автентичноста на содржината на дадениот исказ, па при таквиот начин на постапување не може да се замисли вкрстеното испрашување бидејќи без тонско снимање не може да се запази динамиката на концептот прашања и одговори, или често се случува исказот на неука странка да личи на исказ даден од високообразована личност. Многу често во практиката се случува и по завршување на главната расправа адвокатите да не добијат записник, со образложение дека записникот не е среден и дека истиот ќе го добијат дополнително во писмена форма или електронски, па на одбраната не и останува ништо, освен да верува во чесноста на судот.


Текстот е излагање на адвокатката Сања Алексиќ на почетната конференција во рамки на регионалниот проект  „Реформа на кривичното процесно законодавство“ во кој учествуваат македонската, српската, босанската, албанската и косовската адвокатска комора.

Објавено: 02.11.2015