/ Прочитано:

807

Продолжуваат протестите во Бразил — Владата испраќа војска на улиците

Вторник, 19 јуни 2013 – Продолжуваат протестите во поголемите градови во Бразил против огромните суми пари потрошени за подготовките на Светското првенство во фудбал, зголемените даноци и високите цени на јавните услуги.

Иако во помала бројка од вчерашната, кога над 250.000 Бразилци  излегоа на улиците на Сао Паоло, Бразилија и Рио де Жаниеро, масовните протести против организацијата на Мундијалот во 2014-та година, покачените цени на јавниот превоз, образованието, како и зголемените даноци, продолжија и синоќа. 

Претседателот на Бразил, Дилма Русеф, вчера изјави дека се согласува со барањата за подобар јавен сервис за граѓаните и поодговорна влада, оценувајки дека демонстрациите ја покажуваат силата на демократијата во земјата. 

Група специјалци, пак, кои беа пратени на задача да им се спротивстават на демонстрантите во Бразил, наместо да тргнат против нив, тие одлучија да им се придружат и да ги поддржат во протестите. 

Тие седнаа меѓу нив, давајќи им поддршка во протестите, а нивниот гест беше дочекан и поздравен со овации.

Ова се најголемите протести што му се случиле на Бразил во последните 20 години. Бразилската влада најави распоредување на војска во сите градови кои ќе бидат домаќини на Мундијалот.

Одлуката за испраќање на војската доаѓа по жестоките судири на демонстрантите и полицијата во Сао Паоло.