/ Прочитано:

1.678

Проф. д-р Калајџиев за новиот ЗКП: „Голема амбиција на реформата е да се поевтини, забрза и направи поправична постапката“

На 1 декември годинава, кривичната постапка во Македонија комплетно ќе го напушти судскиот патернализам, постапката ќе стане акузаторна, со нагласена улога на процедуралната правичност и на начелото на контрадикторност на главната расправа. Со новиот Закон за кривичната постапка, кој беше донесен во 2010 година и чијашто примена досега два пати беше одложувана, во целост се менува концептот на досегашната — во својата суштина — инквизиторна постапка, дизајнирана како службена истрага на судот. „Јас сум убеден дека Законот ќе донесе своевиден ефект, иако можеби на почетокот ќе се јават проблеми“, оценува во интервјуто за Академик, проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“, еден од креаторите на измените и обучувач на кадрите, кои ќе го практикуваат Законот. Eкспертот по кривично право, на помалку од десетина дена пред стартот на револуционерната реформа, укажува оти и натаму недостига сеопфатна дебата за новата улога на адвокатурата, не се завршени некои технички аспекти на имплементацијата, како и дел од организациските прашања, особено формирањето на правосудната полиција…

На 1 декември 2013 година стартува примената на новиот Закон за кривичната постапка. Дали сметате дека овојпат се исполнети условите за спроведување на новиот систем на казненото процесно право?

Toчно е дека Законот не е само обична новост само во смисла на нов процесен закон, којшто би ја тангирал само казнената постапка и процедурите, туку практично востановува и нови односи меѓу главните учесници во постапката, пред се: судот и обвинителството. Се разбира сосема нова улога има и адвокатурата, а за ова последново и најмалку сме зборувале досега. Главниот фокус последниве две -три години беше ставен врз обвинителството и полицијата, особено беше истакнато стравување: дали е преголема носечката улога во истрагата на обвинителството. Другите аспекти, особено делот на адекватни и соодветни мoжности за ефикасна одбрана беа на некој начин запоставени. Законот, се разбира, бараше усогласување и на други закони; тие во поголем дел се извршени, што е полесната страна на работата. Некои технички аспекти на имплементацијата на Законот не се завршени, од типот на: подготвување за снимање на исказите дадени во претходната постапка и снимање на главната расправа бидејќи веќе го нема оној стар пристап на судење што го води судот и којшто прераскажува се’ што кажале учесниците во постапката.  Во тој дел, снимање на главната расправа, дури ни технички не беше можно тоа  да се имплементира на таков начин како порано бидејќи судот сега станува само арбитер на изведување на докази од странките, а тие поставуваат прашања, а и ги тестираат доказите во едно вкрстено испрашување. Судот со новиот ЗКП и да сака не може да прераскажува, како што тоа изгледало, и оттука технички е изводливо или да се водат стенографски записници или да се снима. Кај нас некако преовладуваше снимањето како техничка опција со цел меѓу другото да се усогласи и со она што е новина и во граѓанските процесни закони, меѓутоа таа приказна не е завршена. Дел од организациските прашања на системот, особено најистакнуваниот — за тоа како ќе се формира правосудната полиција во одделот на т.н. истражни центри на Jавното обвинителство, се незавршени. Во овој дел, особено треба да се донесат подзаконски прописи или некои други акти за односите меѓу полицијата и Oбвинителството. Треба физички и правно да се изведе конкурсот, со цел да се изберат тие лица, тоа не е завршено, па дури не се решени ни техничко-концепцските прашања. Имено, главната идеја е дека криминалистичките инспектори кои ќе работат во тимот на обинителот, ќе му помагаат како еден вид на негови асистенти, бидејќи тој нема ниту време ниту знаење да собира докази, ниту да разговара со дел од сведоците  во раните фази на постапката. Тој тип на докази треба да го собираат криминалистичките инспектори што треба да работат со обвинителот и евентуално стручните соработници. Доколку ова профункционира би требало да се забрза делот на претходната постапка.

Дали тоа значи дека сите предуслови за ефикасно применување на новиот ЗКП не се создадени?

Сите предуслови, во смисла на тоа како би ги посакувале, не се создадени. Значи, не е затворена ниту правната рамка , а тоа е помалиот дел од работата. Единствено се доследно спроведени обуките во организација на Академијата за судии и јавни обвинители со помош на ОБСЕ и на Американската агенција ОПТАД, којашто работи со Обвинителството во Македонија. Надвор од тоа, мислевме дека  ќе имаме можност за студиски посети за проучување на некои новини од Законот, а тие не се направени. Законот, на некој начин, е преработен со помош на забелешките кои се појавија во текот на обуките и семинарите што се изведоа во овие три години: беа увидени  слабости во смисла на дотерување, на технички проблеми…, бидејќи се работи за нов концепт. Значи, актуелно е тоа прашање на измени и дополнувања на Законот коишто главно се сведуваат на негово дотерување, ама има и некои работи кои што се суштински, особено во делот на правните лекови не сме биле доследни во менувањето на концептот.

Во законот првпат се воведува вкрстеното испрашување. Сметате ли дека се исполнети сите процесно-технички претпоставки за негово користење и применување?

Измени, како што реков, има повеќе во стилот на дотерување. Проблемот во однос на прашањето дали ќе има вкрстено испрашување или не, е врзано со начинот на снимање и на водење на записник, бидејќи од хрватското искуство се увиде дека без соодветни технички помагала не можат да се спроведат некои работи, особено вкрстеното испрашување. Меѓутоа досега, јас колку што сум запознаен, никој сериозно не размислувал за тој дел да се промени, напротив истото дури е и точка на дневен ред на советување на кое ќе присуствувам. Објективно да ви кажам не се работи за големи пари, тоа се релативно ситни пари кои општеството може да ги издвои без поголем проблем. Друго е прашањето за приоритетите, за добра организација, за професионалност… Мислам дека и Министерството за правда, како и Обвинителството, адвокатурата и судовите чекаат до последен момент, шпекулираат, некако им е  најлесно работите да се одложат бидејќи се научени на она што го знаат. Тоа е слично како кога ќе дојдете на испит: најдобро ви е да се одложи испитот, вие нема да положите, ама испитот е одложен и привремено ви е олеснето. Јас сум убеден дека Законот ќе донесе ефект, иако можеби на почеток ќе има проблеми.

Во 2011 година, токму Вие имате изјавено дека Обвинителството „иде на нов фронт без муниција“. Дали денес, две години подоцна, сметате дека оваа слика е променета и дека Обвинителството е подготвено да ја преземе диригентската палка?

Искрено, бројот на обвинители во Македонија не е мал, значи Обвинителството се жали дека има малку обвинители, особено малку стручни соработници. Бројот на обвинители во Македонија е прилично висок, иста како и бројот на судии. Тие се околу педесет проценти повеќе од бројот на обвинители и судии во рамките на европските стандарди — од аспект на 100 илјади жители. Истото важи и за полицијата. Значи, ние од аспект на учесници од државата во казненото правосудство, имаме доволно кадри. Дали им се доволни стручни соработници?! Веројатно не им се доволно и немаат ни доволно средства: од простории до финансиски средтсва за возила и сл. Дел од  овие средства, секако се обезбедени преку обезбедување на новите објекти за Обвинителството. Лично, сметам дека со префлањето на извесен број инспектори во Обвинителството, тој проблем, кој е на половина пат, би се решил. Претпоставувам дека има и некои отпори од страна на Министерството за внатрешни работи. Досега имавме монопол над истрагите, така што Обвинителството иако правно е господар на истрагата и одлучува самостојно и единствено за тоа кого ќе гони кривично, тоа дефакто зависеше од капацитети и од монополот на истрагите на полицијата. Веројатно тоа еден дел од проблемот, зошто полицијата ги препушти овие капацитети и имаме едно извртување на идејата за правосудната полиција како асистенција на Обвинителството во смисла да се формираат истражни центри – еден или два за организиран криминал и евентуално за Скопје, а можеби за помалите обвинителства некои заеднички. Значи тоа е погрешна идеја, бидејќи не е смислата тие да имаат асистенти аутсорсирани, идејата е тие да им се при рака и да им помогнат во собирањето на податоци: тоа да не биде со преписки по писмен пат, туку да иде низ една побрза процедура, понеформална. Тоа не значи исто така дека Обвинителството, нема да ги користи Финансиската полиција и сличните и дека тие се сосема отуѓени, напротив новиот Закон и нив ги става  во поддиректен линк со надлежниот јавен обвинител којшто им е непосредно претпоставен и којшто би требало да влијае врз нивната кариера. Тука, морам да признаам дека работите не се дореализирани и дури немам ни вистинска контрола врз целата ситуација. Објективно, во времето кога се подготвуваме за Законот сметав дека е многу важно процесот на имплементација да биде надгледуван, особено од една помала група која што го водеше процесот со цел истиот да биде спроведен доследно и согласно на концептот и да не го толкува секој од свој аспект  бидејќи има спротивни интереси во државните органи и судството, наспроти Обвинителството, наспроти полицијата. Значи во тој дел, работите уште не се „на чисто“ и можно е да се докомплицираат.

Направена ли е релевантна проценка во врска со тоа колкав  буџет е потребен за непречно спроведување и применување на Законот?

Ние во ниту еден момент не направивме доследна финансиска проценка. Погрешни претпоставки, генерално, имаше дека новиот закон ќе наметне нови вработувања во Обвинителството и судовите, но тоа не е точно. Во принцип, бројот на работни часови или час на ангажираност на луѓе би требало да се намали. Идејата е да се забрза постапката со прескокнувањето на формалната судска истрага, а и со спогодувањето. Забрзување, исто така, ќе имаме на главната расправа, бидејќи судот не ќе може да придодава докази; очекуваме тоа да допринесе за концентрација на судската расправа, бидејќи двете страни пред судењето ги обзнануваат доказите и предлагаат листа на докази — веќе ниту тие, ниту судот нема да можат да додаваат докази, освен во исклучителни ситуации. Тоа значи дека судењето може да се испланира и да се спроведе во одреден број денови и нема зошто да трае со години. Во тој дел, генерално, меѓу другото и поради спогодувањето, очекуваме да се намали траењето на постапката, а  тоа значи дека една постапка треба да е поевтина од порано. Ние се обидовме, иако не во првите, туку сега во последните измени, забрзување да направиме и преку правните лекови: значи, не само што се суди долго, туку и неосновано: еден предмет речиси редовно поминува низ етапа на правни лекови, па се враќа, се укинува повеќепати. Тука, некои од моите идеи не беа прифатени со образложение дека биле радикални. Значи, Обвинителството да не може да се жали кога некој е ослободен — тоа кај нас не поминуваше. Ние се обидовме да ги намалиме можностите на правни лекови, значи неосновано или лесно да се вложуваат правни лекови и постапката да се развлекува многу. Во суштина не се кажуваше дека никој не направил вистинска елаборација за тоа колку чини еден ден на судење или една постапка во системи од каде е преземен овој ЗКП. Тоа во странство денес е многу актуелно, таа економија на процедурите, но кај нас за жал се импровизира и од „мал мозок“ се прават некакви проценки за чинењето на постапката, па излегува дека се работи за поскап модел на процедури, што не е точно. Се надевам дека практиката ќе покаже дека ние и сме ја поевтиниле и сме ја забрзале постапката, а сме ја направиле и поправична – тоа е една голема амбиција на реформата.

Која е главната причина за „изземањето“ на истражниот судија во новото законско решение?

Напуштањето на истражниот судија беше едно од најнекотроверзните прашања на реформата. Истражниот судија ја има надминато својата улога во системот. Значи тој бил некаков напредок во време на бивши тоталитарни системи со силно обвинителство, во време каде што одбраната немала свои гаранции, па истражниот судија значеше некаков гарант. Сега во практиката се испостави дека истражниот судија претставува одолжување на постапката, а беше воочено и дека кај истражниот судија има судир на интереси, значи тој од една страна ја игра улогата на заштитник  на слободите и правата и на законитоста, а од друга страна тој ја води постапката. Значи ние го напуштаме судијата како истражител бидејќи тој има интерес луѓето да ги притвора, да ги прислушкува за да ја заврши „откривачката страна“ и по природа на нештата тој станува сојузник со обвинителството. Ако судот е сојузник со обвинителството, тогаш „Господ не ви помага да се одбраните“. Тоа е сериозен проблем  и затоа судот сега се релаксира, тој е заштитник на законитоста. Судот и сега ќе има улога во т.н. претходна постапка, некој држави во литературата го пишуваат како „судија на слободите“, тој само одобрува притвор, претреси и посебни истражни мерки. Кога самиот нема интерес во истрагата, истражниот судија порелаксирано гледа дали овие мерки се навистина потребни бидејќи неговата улога како суд е да спречи неосновано и арбитрерно упаѓање во приватноста, слободата итн.

Законот ја внесува и можноста за спогодување; што може да се очекува од оваа казнено-процесна новина?

Идејата за спогодување не е нова и неа ја преземаме од континенталните кривични постапки. Таа се протна повеќе како резултат на некаква нужност бидејќи објективно постапките се скапи и таму каде што одбраната на некој начин го признава делото ја забрзуваме постапката со тоа што не трошиме непотребно пари, а на некој начин компензираме со една поблага санкција од таа што би се добила доколку идеме на судење. Ние и досега сме имале можности за спогодување, во рамки на можностите да се откаже јавниот обвинител ако за помали дела се плати штетата и сл. Сега ова го прошируваме и на малку посериозен вид на криминал поради ефикасност: тие ја прифаќаат вината, ја признаваат вината, а за тој начин добиваат една поблага казна. Проблемот кај нас е што спогодувањето во пракса нема иде лесно, ние имаме сериозен проблем: имаме строги казни, а блага казнена политика. Kазната кај нас не е лесно предвидилива, нема  јасно обзнанета судска практика, што не е добар услов за примена на овие можности за забрзување на постапката. Нормално е  за едно дело, случај каде немате специјални околности, ако предвидената казна е од една до три години,  да добиете две и пол години. Ние за просечни случаи  имаме поблага казнена политика, а од друга страна па имаме строга казнена политика  таму каде што врз база на дневна политика, некои работи што биле актуелни во медиумите, власта направила притисок да се казнува строго, на пример педофилијата да се казнуваат драконски. Е, сега, имате скокови коишто имаат и проблем и кај луѓето и кај судиите од аспект на нивното чувство за правичност. Проблем е и тоа што нашата со постапка досега, нашите судии под притисок на обвинителството  и на власта тогаш кога немаа доволно докази, во добар дел на кривичните дела определуваа полесни казни:  „не е баш докажано делото, ама ќе им дадеме полесни казни или условни осуди“. Во такви едни услови нема многу можности за спогодување, треба да имате јасна предвидлива казнена политика. Мотивот за спогодување е само ако очекувате наместо две години затвор, да добиете 6 месеци или место 6 месеци, условна казна, а сo цел да не идете на судење, ако не ви одговара, ќе си ја пробате среќата на судење.

Добар дел од граѓаните не се ни запознаени дека објективно нивните шанси на судење се многу мали, целиот овој систем меѓу другото правеше притисок врз судството да ги осуди обвинетите. Затоа новиот модел сака да му овозможи на судот поголема непристрасност, да биде вистински заштитник на човековите права и јасно разделен од обвинителството и полицијата бидејќи тоа е неговата вистинска улога во системот на поделба на власта. Таа релаксирана позиција, каде што судот нема обврска да докажува и расчистува случајот, верувам дека ќе го стави во покомотна позиција. Ние за првпат во Законот го внесуваме стандардот „надвор од разумно сомневање“, го преземаме англосаксонскиот стандард „beyond reasonable doubt“. Тоа луѓето не го разбираат, колку е тој степен на докажаност. Според мене најголемиот предизвик е  менувањето на положбата, сфаќањето на новите улоги: дека судот е порелаксиран, ние го растеретуваме меѓутоа судиите се научени на старото, дека тие треба да го расчистат спорот  и тие навики се многу опасни. Навиките на стариот закон и правен поредок исто така се проблематични. Не е лесно да го смениш „моделот на наочари“ преку ноќ, бидејќи луѓето се едноставно научени на некои институти и положби и кога го толкуваат и новиот закон, го читаат се’ уште со старите навики, со старите наочари. Сметам, дека ќе треба да се вложи повеќе труд, луѓето да ја сфатат својата улога, особено да се сфати улогата на судот.

Напомнавте дека досега најмалку се зборувало за улогата на одбраната во согласност со новиот ЗКП. Што треба да се каже за улогата на адвокатите?

Точно, најмалку е расправано за одбраната, иако на адвокатите им даваме и нови алатки. Одбраната, на прв поглед, изгледа дека има полоша позиција од досега, бидејќи има помала можност да учествува во доказите на обвинителството. Тука дури имавме дебата со експертите од поранешна Југославија, кој што останаа малку во „стариот филм“, а нема зошто одбраната да учествува активно во истрагата  на обвинителството, бидејќи тоа веќе не е изведување на докази. Значи согласно стариот систем кога ќе се отвори истрагата   практично почнуваше судење и со тоа странките учествуваа. Со учеството на одбраната во испитување на сведоците на обвинителството, кое тоа ќе ги користи, се дава легитимност дека тоа се веќе тестирани докази и тие си важат на судење. Значи на прв поглед изгледа дека одбраната е хедикепирана бидејќи не учествува кога се сослушуваат нивните сведоци, меѓутоа тоа е само привидно бидејќи тоа веќе не е изведување. Нивните сведоци допрва ќе ги тестираме на расправата. Проблематичен елемент, за кој се отвори многу расправа, е дали одбранатa воопшто ќе биде известена за тоа дека обвинителството води истрага, дали е тоа нужно бидејќи обвинителството се спрема за судење. Мислам тука на случаи кога одбраната не била вовлечена во некакви активни дејствија, на пример: ако обвинетиот бил испрашуван, него мора да му се каже дали е осомничен и дали има дело против него, ако бил претресуван ќе дознае и сл. Доколку не било спрема него ништо конкретно преземено, тој не може веднаш да дознае дека обвинителството води истрага, односно ќе дознае подоцна. Тој елемент на „подоцнежно дознавање“ беше многу спорен  затоа што можностите на одбраната да ги подготвува своите докази се збиени во една релативно подоцнежна фаза на постапката, тоа е единствениот хендикеп. Инаку и денеска кога го испрашувате обвинетиот, тој нема објективно увид во списите, не знае точно кои докази се против него, така што не е тоа некоја разлика. Новиот закон бара многу посилно од порано, откако обвинителството ќе заврши со своите истраги, да мора да ги обзнани сите докази и тие што се во полза на обвинетиот и да и’ даде можности на одбраната да спроведе свои истраги. Одбраната со новиот ЗКП може да ангажира сопствени експерти, кои не се само вештаци што најчесто ги користи обвинителството, ќе можат и приватни експерти да се ангажираат, како  криминалистички инспектори. Сето ова е  фино на хартија додека не дојде прашањето за плаќање.

Дали досега некој посериозно се занимавал со прашањето за зголемените трошоци на одбраната, кои ги наметнува Законот, посебно во делот на бесплатната правна помош?

Се јавува сериозен проблем, кој не е решен: зголемениот обем на активности на одбраната — користење криминалистички детективи, вештаци и други експерти на одбраната се многу фини на хартија, тие даваат можност за она што го викаме „еднаквост на оружјето“. Главниот проблем е во средствата; ниедна држава, а најмалку Македонија, не може лесно да го реши тој проблем на зголемени трошоци на одбраната, а и ние досега се фокусиравме како ќе ги решиме зголемените трошоци на Обвинителството иако реков дека тие се преценети. Никој сериозно не се занимавал со тоа кој ќе вложи и каде ќе се најдат средства за адвокатурата, од тој аспект има една хипокризија во законот. Тоа досега сме го доживеале со Законот за малолетничка правда: се гарантираат бесплатни бранители, а не се обезбедуваат соодветни средства – значи не е направена никаква проценка колку државата треба да одвои за бесплатна правна помош. Истражувајќи како тоа го прават во странските модерни демократии, сум увидел дека тоа е проблем и таму, а што е проблем таму ќе биде проблем и кај нас бидејќи една една третина од населението е статистички сиромашно. За мене, зачудувачки беше фактот кој го открив скоро во едно мое истражување: дека ниту еден адвокат во Македонија не е доделен по основ само на сиромаштија, се доделувале адвокати по службена должност (тие тоа не го прават тоа службено, туку го бранат на трошок на државата) само за оние потешки дела каде има задолжителна одбрана или каде се работи за глуви, или во отсуство – иако бранењето во отсуство кај нас е чиста фарса. Тој проблем ние досега сме го покривале со активната улога на судот, меѓутоа сега кога судот го повлекуваме да биде понепристрасен мора да обезбедиме двете страни да имаат еднакво оружје. И државата и општеството за жал досега се фокусираа за тоа како ќе обезбедат ефикасно функционирање на правдата, во смисла на фунционирање на обвинителството, меѓутоа ефикасна и правична кривично правна правда е да се обезбеди и одбраната да има адекватни и еднакви можности, а тоа не е обезбедено.

Кои компаративни модели би можеле да се прифатат за поекономична постапка во однос на бесплатната правна помош?

Адвокатите во некои држави на САД, како и некои други држави во светот, се задолжуваат да работат определен број случаи „пробоно“. Друг пристап, кој за нас, би бил  можеби поекономичен е воведување на јавни бранители, кој особено го практикуваат поголемите урбани средини и градови. Тоа би значело „државни адвокати“ за сиромашни, значи не вака аутсорсирани. Од друга страна, пак, аутсорсиранито користење на ресурси во модерните економии се исто така тренд, така што не сум сигурен дали навистина би било поекономично за државата  востанување на јавни бранители  кои би работеле за плата. Има една цела низа на работи што треба да се дебатираат. Јас морам да признаам дека малку не сум среќен, бидејќи ниту домашните органи, ниту странските фондации и организации што не подржуваат  не помогнаа во овој период на подготовки да ги доразработиме некои прашања и проблеми што не очекуваат во практиката. Ќе беше поедноставно ако имавме можност да преземеме еден модел што функционира лесно и е востановен подолго време во некоја странска држава со развиена демократија. За жал такви модели во светот нема, сите се помалку и повеќе хибридни, па дури и да е успешен моделот не можете лесно да го пресликате во друга земја. Ние се обидовме овој нов концепт што мислиме дека е помодерен, поправичен и побрз да го составиме од држави коишто имаат направено веќе слични реформи и да преземеме  некои институти од нивното право и практика. Не сме отишле многу далеку во тоа да предвидиме кои проблеми ќе не очекуваат и тоа допрва ни претстои со примената. Сметам дека е добро Министерството за правда да формира тело, коешто би ја следело примената на Законот, не само да помогне со упатства во врска правните и практични проблеми, туку и со овие проблеми што се од институционална или организациска природа да се решат на доследен начин.  Објективно, учесниците во системот имаат различни интереси, а особено тоа е видно со полицијата. Значи полицијата кај нас за жал е се уште „држава во држава“ и едноставно тие и натаму ќе прават обиди некои делови од постапката и од новиот концепт кои не им одговараат да не се применат и обратно. Така што, ако внесете во законот промена или ширење на примена на посебни истражни мерки веднаш се повикуваат на ЕУ, ако барате концизни, контролни механизми што идат со истите тие  мерки, тука веќе не се повикуваат на Европа, туку велат „е тоа се наши услови“. Со оглед на ова, нормално е полицијата да биде еден од проблемите.

Ќе се зајакне ли преку реформата ефикасноста на казненоправниот систем, особено во гонење на формите на тежок криминал, вклучувајќи ги организираниот криминал, корупцијата, финансискиот криминал и трговијата со луѓе?

Јас ефикасноста на системот не ја гледам низ бројот на осудени лица. Мене ми смета што во стариот систем, она што ќе го предложи полицијата и обвинителството проаѓа по дефиниција кај судот. Тие што ќе ги обвинат, судот ги осудува – тоа за мене, не е ефикасен систем.  Јас ефикасноста на системот не ја  гледам низ осудителни пресуди, процентуално. Јас се разбира ќе бидеам среќен тие што се виновни да бидат осудени, но имам сериозни  резерви кој постојниот систем на казнена правда и сум убеден дека достојна имплементација на реформите ќе биде во корист на сите.  Тие што се виновни навистина треба да се соочат со правдата, но особено е важно другите да не се  малтретираат низ еден систем којшто непотребно ќе создава долги притвори, долги постапки — просто како да се тоа процеси од книгата на Кафка, нема крај.  Гледате и самите, имаме долги судски процеси, вклучително и против мои колеги од факултет, кои траат и траат. Никој не може да ви ги плати тие години на притисок, одложувањето на решавањето на споровите е спротивно на   идејата за правна сигурност. Кривичната правда треба да биде ефикасна, релативно брзо да заврши, кај  тие што нема да успееме да докажеме вина треба да ги ослободиме.  Ние однапред знаеме дека нема сите сторители да ги осудиме, но многу е важно тоа да биде брзо. Ние имаме ситуации каде што сторители на кривично дело, којшто долго време ги судиме, кај луѓето веќе се доживуваат како жртви.  Од тој аспект мислам дека е многу поважно да се  гради ефикасноста во правдата, со паралелно градење на  доверба во системот дека тој е брз и правичен и ќе ги достигне сторителите. Знаеме дека не може сите да ги осудиме, но тие што ќе ги осудиме, многу важно е тоа да биде брзо, ефикасно и, во крајна линија, не мора да трошиме толку средства на системот. 


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 22.11.2103