/ Прочитано:

7.170

Проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска: Иновативната енергија мора да биде она што го движи младиот човек напред

Проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска, професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во интервју за Академик говори за клучните пунктови на нејзиниот научен труд кој резултираше со универзитетско признание, уставните импликации од зачленувањето во Европската унија, како и за нејзините научни предизвици во иднина. Таа воедно упатува порака до студентите дека идејата, но и креативната, иновативната енергија мора да биде она што го движи младиот човек напред.

Професорке Каракамишева, оваа година добитник сте на признанието на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ за најдобар научник за 2013, односно како една од десетте најдобри научници за 2013 од различни области во Македонија. Би сакале ли да ни ги претставите клучните точки на вашиот научен труд изминатиов период од областа на правото кои резултираа со престижното признание?

Престижното признание е резултат на макотрпен труд, многу работа и бројни научни активности кои ги имав во текот на 2013 година и кои сосема заслужено се крунисаа со награда. Клучните елементи на мојот целокупен научен ангажман во 2013 година се повеќе учества на научни конференции во земјата, и во странство во својство на пленарен предавач, повеќе научни трудови објавени во странство во реномирани и индексирани  научни списанија, научни трудови објавени во земјата итн. Всушност, освоеното второ место на ранг-листата од десетте најдобри научници на УКИМ за 2013 година кажува сé. Интересно е што оваа година најверојатно, според договорените и веќе испланираните научни активности, ќе ми биде уште поуспешна, но правилата за добивање награда ме оневозможуваат да се пријавам повторно на конкурсот. Науката е моја прва љубов, таа ми е инспирација и енергија за успешно вршење на сите професионални обврски, па оттаму нема застанување. Секоја година се отвораат нови и нови хоризонти кои мора да бидат проучени и освоени. Таква е нашата професија, постојани предизвици, и движење со несмалено темпо. Во одредени моменти на замор и исцрпеност си велам ајде малку одмор, но тоа трае еден ден, или половина ден, и повторно се враќам на темпото, на предизвикот, на желбата да стигнам до уште поголем успех.

Неодамна во МАНУ беше промовирана публикацијата „Интеграција на Македонија во Европската унија – утврдување уставни импликации и опции поврзани со политичките критериуми“. Какви одговори дава оваа публикација за европската интеграција на Македонија во однос на политичко-правните предизвици и импликации?

Зачленувањето во Европската унија искуствено и практично од сите досегашни пристапувања во Унијата, е поврзано со бројни уставни импликации за земјите-пристапнички. Во насока на целосна и доследна примена на правото на ЕУ, земјите-пристапнички, како и земјите-членки, воведоа уставни измени со кои се овозможи непречена примена на правото на ЕУ во националниот правен систем, и истовремено се дефинира рангот на правото на ЕУ во правната хиерархија на земјитe. Интеграцијата на Република Македонија во ЕУ подразбира преземање на комплексни активности и реформи во насока на прилагодување на законската рамка на земјата со онаа на Унијата, како и градење на нејзините административни капацитети. Успешноста и ефикасноста на процесот на интеграцијата е директно зависна од уставните прилагодувања кои земјата треба да ги направи и соодветно имплементира. При воведувањето на уставните измени се забележува тенденција на донесување нови уставни одредби посветени исклучиво на европската интеграција со сите специфичности кои го следат процесот на ратификација на пристапниот договор, вклучувајќи го и организирањето на референдум. И покрај фактот што Европскaтa комисија не преферира конкретен модел на уставни измени, досегашното искуство, сепак, покажува дека Комисијата им сугерира на земјите-пристапнички модалитети за спроведување на уставните реформи. Притоа, таа препорачува истите да се спроведат за времетраење на преговорите, а да стапат во сила со чинот на зачленување на земјата во Унијата со цел да им се овозможи на националните институции доволен временски период истите да ги прифатат и соодветно да се прилагодат на обврските кои произлегуваат од пристапувањето во Унијата. Студијата е сконцентрирана на неколку клучни политичко-правни прашања кои се суштествени за евроинтегративниот процес на РМ: прашањето на суверенитетот, прашањата поврзани со трансферот на власта, директниот ефект и супрематијата на правото на ЕУ во националниот правен систем, човековите слободи и права, како и прашањето за односот меѓу националните и европските институции. Детектира слабости, нуди компаративни искуства, дава можни опции за РМ, утврдува критериуми…тоа е основната поента на студијата. Важно е да се напомене дека студијата е почетна основа за држење на прашањето за измени на Уставот на РМ во живот, а како резултат на потребата од европското интегрирање на земјата, што за наши услови е многу важен момент. Имам чувство дека во РМ многу малку се дебатира, малку или воопшто не се разговара на експертско ниво за клучни, витални  прашања за државата, што ми пречи, и што ќе настојувам преку личен ангажман тоа во иднина да се промени.    

Пред извесно време излезе податок, верификуван од државните институции, според кој студентите најмногу сакаат да работат во администрација. Истовремено од истите институции ги охрабруваат студентите дека добро е за нив и за државата иднината да ја гледаат во приватната иницијатива. Дали на вашите предавања и работа со студентите сте го стекнале истиот впечаток?

Младите луѓе се најчесто поведени од потребата да се има сигурна егзистенција и какво такво парче леб. Тоа како традиција е навлезено во менталитетот на македонскиот граѓанин воопшто, и многу тешко се искоренува, многу тешко може да се направи некаква радикална промена во тој дел. Искрено се обидувам на моите часови да им сугерирам на студентите похрабар однос кон сé во животот, преземање на умен ризик, вложување во себе и во своите научни потенцијали, следење на новите трендови во светот и нивно соодветно прифаќање преку реализирање на нови вредности, нови концепти во нивниот професионален живот. Идејата, но и креативната, иновативната енергија мора да биде она што го движи младиот човек напред. Администрацијата, барем засега, не се покажува како  вистинско место за комплетна реализација на иновативната енергија што треба да ја поседува добро насочениот млад човек.

Кои се вашите идни научни предизвици и кон што подетално ќе биде фокусиран вашиот научен интерес во иднина?

Јас сум личност што е во постојана потрага по научни предизвици. Токму затоа мојот фокус на интерес ќе биде предизвикот на иновациите и истражувањето. Тука се чувствувам исполнето и слободно да се изразам себе си на вистински начин. Доколку успеам да направам чекор на колективна промена во академските структури во насока на будење на свеста дека се потребни длабоки реформи во матрицата и менталитетот на нашето академско делување, добро, ако не успеам во тој обид и натаму ќе продолжам да чекорам по вистинскиот пат кој го трасира науката и истражувањето.