/ Прочитано:

1.648

Проф. др. Десковски: Исходот зависи од тоа колку Еквадор има интерес да го штити Асанж и колку оваа држава може да го издржи притисокот од Британија

Обединетото кралство и Еквадор во моментов се во фаза на обновување на преговорите околу драмата што настана со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Заканите дека Велика Британија ќе упадне во амбасадата на Еквадор во Лондон, веќе не се на дневен ред. Во меѓувреме, поранешниот хакер изјави дека очекува неговиот случај разрешница да добие за 6 месеци до една година. Најверојатниот излез од постојната ситуација ќе бидат преговори  во подолг временски период, смета професорот по меѓународно право, Тони Десковски. Проф.др. Десковски низ три прашања ни објасни кои се правилата на игра во меѓународното право.

фото: Ројтерс

Велика Британија и Еквадор  најавија „рестартирање“ на преговорите, потпретседателот на Еквадор и шефот на диломатијата на Британија веќе имаа средба која не резултираше со некако исход, какви се Вашите прогнози, колку би можеле да траат овие преговори, кое е најприфатливото решение според Вас?

Случајот „Асанж“ отвара неколку клучни прашања од сферата на меѓународното право, кои мораат да се имаат предвид при секоја анализа. Тие се:

  • Во меѓународното јавно право НЕ Е ОПШТО ПРИЗНАТ ИНСТИТУТОТ ДИПЛОМАТСКИ АЗИЛ. Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска припаѓаат на големото мнозинство на држави во светот, кои не го признаваат овој институт. Оттука, беспредметно е да се зборува за давање на дипломатски азил на територија на Велика Британија. Дипломатскиот азил се признава во земјите на Латинска Америка, под многу ограничени услови (кривичното дело за кое се бара лицето да е од политичка природа).   Со оглед на тоа што  Асанж не се наоѓа на територијата на ниту една земја од Латинска Америка, нема простор за елаборација дали тој ги исполнува условите за дипломатски азил или не. Значи, според правилата на меѓународното јавно право, Еквадор (а ниту било која друга држава) нема право во просториите на својата дипломатска мисија во Лондон да му даде азил на ниту едно лице, вклучително и Асанж.
  • Идејата да се дозволи давањето на азил во дипломатско конзуларните претставништва била резолутно одбиена на Дипломатската конференција во Виена во 1961 година, на која е донесена Конвенцијата за дипломатските односи (1961).
  • Амбасадата на Еквадор во Лондон, според Виенската конвенција се наоѓа на територијата на Велика Британија. Во современото меѓународното право не се признава екстериторијалност на дипломатските претставништва. Она што се признава е апсолутна неповредливост на просториите на дипломатската мисија. Членот 22 став 1 од Виенската конвенција предвидува дека на органите на државата на акредитација им е дозволено да влезат во просториите на мисијата само со СОГЛАСНОСТ на шефот на мисијата (амбасадорот). Од ова правило нема исклучоци. Внатрешните прописи во Велика Британија, не ја ослободуваат оваа држава од придржувањето кон обврските прифатени со меѓународни договори. Оттука, секое влегување на органите на Велика Британија во просториите на Амбасадата на Еквадор, без согласност од шефот на мисијата (амбасадорот), би било спротивно на Виенската конвенција за дипломатските односи, односно кршење на меѓународното право.
  • Велика Британија го бара Асанж за да ја исполни својата обврска според прописите на Европската Унија, за да го испорача на друга држава членка (Шведска), заради кривичен прогон.
  • Заради специфичната природа на меѓународното право, каде не постои наддржавен судски систем кој би можел присилно да ги спроведува правните правила, државите се ставени во позиција по дипломатски пат, односно  преку преговори да ги решаваат спорните ситуации. Во дадената ситуација, Еквадор спротивно на меѓународното право му дава заштита на Асанж на територија на друга држава, а Велика Британија пак би влегла во кршење на меѓународното право, доколку пристапи кон апсење на Асанж во просториите на Еквадорската амбасада без согласност од амбасадорот.
  • Доколку еднострано интервенира во Еквадорската амбасада, Велика Британија ризикува да доведе до рушење на целиот систем на Виенската конвенција, при што ќе ги направи своите амбасади во странство легитимна цел за органите на државите во кои се акредитирани. Во исто време, прашање е колку и другите држави нема да посегнат кон прекршување ма востановените правила.
  • Најверојатниот излез од постојната ситуација ќе бидат преговори  во подолг временски период, во кои двете земји ќе ги користат сите средства за убедување кои им се на располагање. Колку која од нив ќе издржи на своите позиции, ќе зависи од тоа со колкав капацитет располага. На пример, по Советската интервенција во Унгарија во 1956 година, Унгарскиот премиер Имре Наѓ се засолни во Југословенската амбасада, која  по неколку месечни преговори им го предаде на Унгарските власти. За разлика од него, Кардиналот Мидценти се засолни во амбасадата на САД, каде престојуваше повеќе од една деценија, пред Унгарските власти да му дозволат да ја напушти Унгарија. Нешто слично се случи и со Кинескиот дисидент Фанг Лижи, кој во 1989 година, по демонстрациите на плоштадот Тјенанмен, доби политички азил во Амбасадата на САД, по што со одобрение на Кинеските власти замина во САД. Значи, треба да се потенцира дека крајниот исход на преговорите  зависи од повеќе  дипломатски фактори, но најмногу од двата базични: интересот на инволвираните држави  и нивната моќ да го реализираат тој интерес. Во дадениот случај, тоа би значело дека исходот зависи од тоа колку Еквадор има интерес да го штити Асанж и колку оваа држава може да го издржи притисокот кој Велика Британија ќе го постави. Во исто време, силината и истрајноста на притисокот на Велика Британија ќе бидат правопропорционални со нејзиниот интерес да ја исполни обврската кон Шведска.

Кое е најверојатното сценарио за Вас, според кое на Асанж би му успеало да стигне до Еквадор, а притоа да не биде уапсен, може ли тој да биде упасен во дипломатско возило?

Единствената опција за Асанж да ја напушти Велика Британија е со одобрение на Британските власти. Имајќи предвид дека Британската полиција е високо опремена, речиси е исклучена можноста за некаков обид на Еквадорските власти за илегално изнесување на Асанж од Британија.

Она што Еквадор, а и самиот Џулијан Асанж го бараат од шведските власти е тие да гарантираат дека нема да го предадат на САД каде според Асанж тој би одговарал за шпионажа, кривично дело за кое што согласно американските закони може да заработи доживотен затвор, евентуално смртна казна. Може ли Шведска согласно меѓународното право да гарантира дека Асанж нема да биде екстрадиран во САД?

Барањето на вакви гаранции од страна на земјата која го штити лицето не се невообичаени. Прашање проценка на Шведска е,  дали таа е спремна истите да ги даде. И повторно, дадените гаранции во меѓународното јавно право вредат онолку колку што нивниот давател е спремен да се придржува кон нив. На пример, во случајот со Унгарскиот премиер Имре Наѓ, Унгарија тешко ги прекрши гаранциите под кои тој ѝ беше предаден од Југославија, осудувајќи го на смрт и егзекутирајќи го.

Според јавно достапните информации, ставот на Шведска е дека не е спремна да понуди такви гаранции на Велика Британија. Велика Британија има обврска според прописите на ЕУ да  го предаде Асанж на Шведска и таа, според истите тие прописи нема право да бара од Шведска да даде такви гаранции. Треба да се има предвид дека Шведска не преговара со Еквадор за екстрадиција на Асанж, туку со Велика Британија.    


Разговараше: Елена Павловска