/ Прочитано:

1.142

Промовирана публикацијата „Примена на правото на ЕУ од страна на судовите на земјите кандидати за членство во ЕУ”

Вторник, 28 октомври 2014 – Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ беше промовирана публикацијата „Примена на правото на ЕУ од страна на судовите на земјите кандидати за членство во ЕУ”. 

Публикацијата претставува збир на трудови од 15 автори од правните факултети од Белград, Загреб, Зеница, Крагујевац, Мостар, Ниш, Подгорица, Тирана, Скопје и Сплит и е посветена на примената на правото на Европската унија од страна на националните судови на земјите од Jугоисточна Европа во предпристапниот период за членство во ЕУ и на изворите на правото на ЕУ како клучни предизивици во процесот на пристапување кон ЕУ.

Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска на промоцијата го истакна значењето на публикација за правосудството на Република Македонија која, како што рече, се базира на темелна работа заснована на претходни анализи, а кои се однесуваат на примената на правото на ЕУ од страна на националните судии и нивните капацитети.

„Како клучен елемент кога станува збор за капацитетот на националните судии и јавни обвинители за доследна примена на правото на ЕУ се токму обуките кои ќе ги насочуваат правните практичари и ќе им ја олесната примената на законите кои се дел од процесот на хармонизација на домашното законодавство со легислативата на ЕУ“, додаде Арнаудовска.

Директорот на Центарот на мрежата на правни факултети од Југоисточна Европа (SEELS), Горан Коевски во своето обраќање се осврна на активностите на Центарот, потенцирајќи ја професионалната конекција која е повеќе од потребна, посебно, помеѓу академиите за судии и јавни обвинители од Регионот со Центарот на мрежата на правните факултети во која, како што подвлече, во моментов се вклучени 13 факултети од Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.

За Коевски придонесот ќе биде значително поголем и поефикасен доколку академиите за судии и јавни обвинители активно се вклучат и ги поддржат трите клучни сегменти на кои работи овој Центар, а тоа се образование, истражување и публикување и во таа насока  додаде дека иницијалната соработката со академиите треба да започне од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

За Вероника Ефремова од ГИЗ Координатор на проектот за Мрежа на правните факултети од Југоисточна Европа (SEELS), тоа што е многу важно, а треба да се воспостави во иднина е-систем за мониторинг на националните судии и нивниот капацитет за примена на правото на ЕУ, кој треба да произлезе токму од активностите кои треба да се реализираат во рамките на овој проект.

Во рамките на промоцијата беше одржана и тркалезна маса на која излагања имаа Сашо Георгиевски и Илина Ценевска од Правниот факултет во Скопје. Тие во рамките на своите излагања ја промовираа содржината на публикацијата, дадоа теоретски и практичен осврт заснован на анализи и истражувања за примената на правото на ЕУ во Република Македонија, при што истакнаа дека кај националните правни практичари потребно е да се подигне свеста за примената на правото на ЕУ, напуштање на дуалистичкото размислување и примена на судската пракса на европските судови во Стразбур и Луксембург во нивната секојдневна работа, како и примена на изворите на правото на ЕУ.

Публикацијата е резултат од имплементација на регионалниот проект „Примена на правото на ЕУ од страна на националните судови на земјите од Југоисточна Европа, аспиранти за членствo во ЕУ“, во рамките на Мрежата на правни факултети од Jугоисточна Европа (SEELS), поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Извор: МИА