/ Прочитано:

1.624

Прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец ноември 2019 година

Погледнете ја најновата листа на прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец ноември 2019 година, заедно со табеларниот преглед.

На 1 ноември стапуваат во примена одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во врска со износот на платената акциза на енергенти, а на 29 ноември стапуваат во примена одредбите од Законот за јавен долг во врска со проценувањето на кредитната способност на носителот на јавен долг.

На 30 ноември стапуваат во примена одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на тоа испитниот центар задолжително да има сообраќаен автодром (полигон).

На 30 ноември, исто така, започнуваат да се применуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и  Законот за инспекциски надзор.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон и дејности од јавен интерес и политичките партии во делот на приходите и расходите.

Со Законот за инспекциски надзор се уредуваат условите и начинот на издавање и одземање лиценца за инспектор, правата и должностите на инспекторите, основите за организација и работа на инспекциските служби, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор.

Целосен табеларен приказ на прописите чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец ноември 2019 година.