/ Прочитано:

1.518

Прва правосилна пресуда во Македонија од областа на дискриминацијата

Среда, 15 април 2015 – Пресудата на Основниот суд Делчево донесена минатиот месец, со која за првпат се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација по основ на ментална и телесна попреченост, стана правосилна, информираше денеска Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Во овој случај, Основниот суд во Делчево покрај тоа што утврди дискриминација поради пропуштање да се преземат дејствија, изградба на тротоар и рабници, го задолжи тужениот – Општина Делчево – да ја отстрани повредата на правото и да ги приспособи инфраструктурата и просторот преку изградба на тротоар и рабници, во согласност со техничките стандарди за пристапност на тужителот како лице со посебни потреби. Дополнително, Судот го задолжи тужениот да му надомести на тужителот нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки.

„Откако по првостепената пресуда не беше поднесена жалба од страна на тужениот во законски предвидениот рок, истата стана правосилна, што ја прави прва правосилна пресуда во Република Македонија од областа на дискриминацијата“, истакнуваат од МЗМП.

Тужителот го застапуваат адвокатите Јасна Аранѓеловиќ и Бојан Ѓуровски, членови на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

„Првостепениот суд покажува еден вид сензибилитет за лицата со ментална и телесна попреченост. Факт е дека овие лица во Македонија тешко ги остваруваат права за пристап до добра и услуги, односно дека инфраструктурата во земјава не ги задоволува нивните потреби“, оценува Aранѓеловиќ во изјава за Академик.

Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на Општината да не ја обжали првостепената пресуда и да постапи во согласност со диспозитивот во неа. 

>> Донесена првата пресуда во македонија со која се утврдува дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост Е. П.