/ Прочитано:

718

ПРВА СТУДЕНТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА „СОЦИЈАЛНА СТАБИЛНОСТ, ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И НЕДИСКРИМИНАЦИЈА“

Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја организираат Првата студентска конференција „Социјална стабилност, владеење на правото и недискриминација“.

akademik foto 1

Универзитетите ги покануваат сите студенти на додипломски студии на правните факултети да учествуваат преку споделување на свои истражувања, идеи и размислувања на различни теми од областа на правото, политичките науки, социологијата, медиумите и комуникацијата, а кои се поврзани со социјалната стабилност, недискриминацијата и владеењето на правото.

Воедно, организаторите на првата научна конференција отвораат повик за студенти за доставување трудови. Трудовите од Конференцијата ќе бидат публикувани во меѓународното Студентско списание за општествени науки (Student’s social science journal) наменето за студентите од прв, втор и трет циклус на студии.

Студентите може да истражуваат на теми кои се однесуваат на заштитата на човековите права во глобалното општество, говорот на омраза и медиумите; правата на етничките и националните малцинства, наметнувањето на родови улоги, дискриминацијата во работните односи, социјалната стабилност во мултикултурното општество, репрезентативноста на политичката сцена, слободата на изразување на национално ниво, правната рамка за родова рамноправност, лицата со попреченост и пристапот до правда,  дискриминацијата врз основа на национална припадност, криминалот од омраза и маргинализираните групи, дискриминацијата на пазарот на трудот, владеењето на правото – меѓународни документи, пракса,  (не)дискриминацијата и сиромаштијата, дискриминацијата базирана на сексуална ориентација и родов идентитет.

Ова лето УГД за првпат ја организираше и Летната школа за правници, на која учествуваа вкупно 45 студенти од правните факултети при: Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Темите што се обработуваа на Летната школа се однесуваа на човековите права, заштитата од дискриминација, говорот на омраза и криминалот од омраза, правата на жените, децата и лицата со попреченост, правото на работа, меѓународниот систем на правна заштита на човековите права, како и теми поврзани со кривичното материјално и процесно право.

УГД за првпат организираше Летна школа за правници

M.В