/ Прочитано:

4.253

Првата пресуда за дискриминација врз основа на бременост e многу важна за остварувањето на работничките права – адвокат Софија Бојковска

Честа пракса на работодавачите во нашата држава е дури и при првото интервју за вработување на кандидатите, особено на кандидатките да им поставуваат прашање дали планираат да основаат семејство. Ова е строго забрането прашање, но, за жал, сепак го поставуваат. Иако мора да постои родова еднаквост, сепак, за жал, постои дискриминација и по основ на пол, а потоа и по основ на личен статус, семејна, брачна состојба, бременост, вели во интервјуото за Академик адвокатката Софија Бојковска која ја води постапката за предметот за кој се донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост.

akad 1

Основниот суд Скопје II Скопје донесе пресуда која утврди дискриминација и нееднаков третман врз основа на личен статус, семејна и брачна состојба, односно бременост, со прекинување на работниот однос. Постапката  за овој предмет ја поддржа Македонското здружение на млади правници во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија“. Постапката ја води адвокатката Софија Бојковска од Скопје. 

Адвокатке Бојковска, го водите предметот за кој, за првпат во Македонија, се донесе пресуда за дискриминација врз основа на бременост. За каков случај стануваше збор?

Станува збор за  случај во кој е утврдена дискриминација која произлегува од кршење на правата од работен однос поради нееднаков третман на работник врз основа на личен статус, семејна и брачна состојба, односно поради бременост. Работодавачот, кој е тужен во оваа постапка, не ѝ го продолжил договорот за вработување на работничката/тужителката токму во моментот кога дознал дека таа е бремена. Инаку, веќе била воспоставена пракса работодавачот на своите вработени да им ги продолжува договорите за вработување склучени на определено време, со анекси кон основниот договор и тоа за период од по 3 или 6 месеци. Но, во конкретниот случај токму во моментот кога дознал за состојбата на работничката, одлучил повеќе да не ѝ го продолжува договорот за вработување со нов анекс, како што правел претходно. Судот во овој случај за прв пат донесе одлука во која утврди дека тужениот имал однесување во кое постои намера да се дискриминира тужителката поради бременост. Според Судот, доколку тужителката не била бремена, тужениот, како и претходно, со неа ќе склучел нов анекс-договор за вработување и таа сè уште би била во работен однос кај тужениот.

Што значи оваа пресуда за заштитата на работничките права во Македонија и особено за трудовите права на жената?

Честа пракса на работодавачите во нашата држава е дури и при првото интервју за вработување на кандидатите, особено на кандидатките да им поставуваат прашање дали планираат да основаат семејство. Ова е строго забрането прашање, но, за жал, сепак го поставуваат. Иако мора да постои родова еднаквост, сепак, за жал, постои дискриминација и по основ на пол, а потоа и по основ на личен статус, семејна, брачна состојба, бременост.

???

Дел од образложението на пресудата

Оваа пресуда конкретно е многу важна бидејќи дава надеж за поголема правна сигурност и за поголемо и поквалитетно остварување на работничките права, особено кога станува збор за остварување на трудовите права на жената.

Колку ваквите пресуди носат општествени промени, особено во делот на владеењето на правото, но и за враќање на довербата во судството?

Оваа пресуда е само почеток и претставува прв чекор во создавањето на судска пракса во оваа област во РМ. Кога работодавачите ќе видат дека мотивот заради кој ги прекинуваат или раскинуваат договорите за вработување на бремените работнички може да се докаже во судска постапка, истите ќе почнат повеќе да размислуваат дали смеат да постапуваат противзаконски. Истовремено, од другата страна, работничките кои имаат засновано работен однос на определено или на неопределено време, нема да бидат несигурни при донесувањето на одлуката за формирање на семејство и нема да стравуваат дека токму поради личниот статус (семејство, брачна состојба, бременост, родителство) може да го изгубат работното место. Оттука, општествените промени  би биле огромни, а со тоа  што Судот ќе почне пошироко да гледа на ова прашање, односно во своите одлуки го утврди мотивот и причината поради која  работодавачот го прекинал работниот однос, ќе се врати довербата во судството, а тоа само по себе значи и владеење на правото.

Како адвокат, како гледате на почитувањата на работничките права во Македонија? Во кој дел најмногу се прекршуваат тие?

Генерално постојат многу прекршувања на работничките права и тоа по различни основи. Но, во време кога многу тешко се доаѓа до некакво вработување, кај работниците особено е изразен стравот од можноста да го изгубат работното место, па затоа често се случува и да не реагираат кога некое право им е прекршено од страна на работодавачите каде имаат засновано работен однос. Најчесто на работниците не им се исплаќа минимална плата, понекогаш платата доцни и по неколку месеци или нередовно им се исплатува,  постојат изигрувања во делот на исплатата на К-15, остварување на минимални услови за работа, остварување на правото за боледување, породилно отсуство, како и веќе споменатата дискриминација по различни основи, но најчесто по основ на пол и поради личниот статус (семејна, брачна состојба, бременост).

???

Кои се институционалните слабости во заштитата на работничките права?

Многу е важно она што е напишано во договорот за вработување да се почитува од договорните страни, а тоа значи почитување на одредбите од договорите и од страна на работниците и од  страна на работодавачите. Исто така, многу е важно да се почитува законот, односно да не се изигрува законот. Институционална слабост најмногу постои при детектирање на масовно прекршување на правата на работниците, па затоа потребен е поголем инспекциски надзор, мерки и контроли, со цел да се спречи самоволието на работодавачите.

Нагласувате дека правдата секогаш излегува на виделина. Во тој контекст, а поаѓајќи од позицијата на адвокат кој по својата уставна положба е бранител на човековите права, кој е вашиот апел до работниците и работничките во насока на остварување на нивните права?

Рабониците пред сè мора да бидат запознаени со нивните права. Потоа, треба да бидат исполнителни при извршување на нивните обврски кои произлегуваат од договорите за вработување, а дури потоа доколку им биде прекршено некое право од страна на работодавачите, да не се плашат да ја побараат правдата пред надлежните институции – бидејќи правдата мора да победи.

>>>Пресудата во прилог 

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

M.В. /  veljanoskim@akademik.mk