/ Прочитано:

2.598

ПРВИ СУДСКИ СЛУЧАИ И ПРЕСУДА ПО ОСНОВ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА: „Неопходни се законски измени“ – порачуваат адвокатите и експертите

Денеска, по повод глобалниот Ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус под глобалното мотоРазобличи ги митовите – Бори се против стигмата и дискриминацијата поврзана со абортус, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, се одржа Националната Конференција „Законските ограничувања – безбеден и легален абортус“.

Дали ограничувањата од Законот за прекин на бременоста (обврска за бремената жена да поднесе писмено барање за прекин на бременоста, задолжително советување и период на чекање од три дена по советувањето) влијаат кон подобрување на квалитетот на услугите за прекин на бременост, или пак, создаваат законски пречки за пристап до легален и безбеден абортус, беа клучните прашања кои се дебатираа на Конференцијата.

На Конференцијата говореа универзитетски професори, експерти, адвокати и граѓански активисти, но беше искажано и сведоштво од анонимна жена, на која, не и било дозволено да абортира, иако според медицинските сознанија носела плод со малформации.

Потребен е нов закон кој  ќе го штити достоинството на жената

На почетокот за настанот говореше Бојан Јовановски кој упати критика кон, како што нагласи, кампањите со стигматизирање и предрасуди, додавајќи дека неопоходни се измени на Законот за прекин на бременоста во таа насока.

„Х.Е.Р.А. се залага за донесување нов закон кој целосно ќе го штити достоинството на жената и нејзините репродуктивни слободи и ќе биде изготвен во согласност со стандардите на Светската здравствена организација“, истакна Јовановски.

За законодавството и политиките за абортус во Централна и Источна Европа, говореше Марта Шостак од Секретаријатот АСТРА на Федерација за жени и семејно планирање.

„Безбедниот и легален абортус е клучен за правата на жените, без ова право не може да постои еднаквост“, истакна Шостак.

Правото на жената е човеково право со силна родова димензија

За важноста на репродуктивните права во постигнување на родова еднаквост, говореше Билјана Настовска, експертка за домашно насилство и одговорно лице за родови прашања во УНДП. Низ глобален пресек на прашањето за абортусот и со примери од судската пракса од повеќе држави низ светот, Настовска подвлече дека прашањето за легален и безбеден абортус е круцијален дел од правата на жените, но и на човековите права, во поширока смисла.

 „Правото на жената е човеково право со силна родова димензија“, истакна Настовска.

Доц. д-р Каролина Ристова-Астеруд од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и една од подносителките на Иницијативата пред Уставниот суд за оспорувањето на Законот за прекин на бременоста, рече дека Законот не само што е противуставен, туку е силен удар врз правата на жената. Од тие причини, додаде таа, Законот мора постојано да биде „напаѓан“ од адвокатите и од правниците.

„Кај нас ова право, оваа медицинска интервенција за која што жената самата одлучува е јасно загарантирано со Устав и со Закон. Владата не само што донесе неуставен закон, туку и со буџетски пари почна да води кампањи кои практично се против Уставот! Невидено е да се водат вакви кампањи кои се во спротивност со Уставните начела на земјата и тоа со народни, буџетски пари!“, нагласи професорката Астеруд.

„Не можам да се помирам со фактот дека некој толку лесно може да донесе одлука во мое име“

Лична приказна на жена која остана анонимна за јавноста, беше предочена на присутните. Според нејзиното кажување, двајца доктори и еден социјален работник, кои не ја ни познавале донеле негативно решение на нејзиното барање за абортус, а таа, како што рече, не се ни видела со социјалниот работник.

„Не можам да се помирам со фактот дека некој толку лесно може да донесе одлука во мое име, а јас да немам право на глас, одлуки кои допираат длабоко во мојот приватен живот и мојата интима. Мислам на пратениците кои ги плаќаме, а кои си земаат за право да одлучуваат за нашиот живот како ќе се одвива“, истакна анонимната жена на Конференцијата.

На Конференцијата беше говорено и за правните и медицински аспекти на Законот за прекин на бременоста, особено за доменот на неговата примена во праксата.

Жената има неотуѓиво право лично да одлучи за својата бременост

За правните аспекти на Законот за прекин на бременоста, говореше проф. д-р Наташа Габер – Дамјановска, уставен судија. Уставната судијка истакна дека Законот треба да се преработи и за неа е сосема јасно дека се работи за противуставен закон, за кој всушност и имаше издвоено мислење. Судијката резимираше дека уставните судии треба да го штитат Уставот, а не да ги промовираат личните ставови на судиите.

„Законот иницијално во член 2 ја афирмира слободната одлука на бремената жена. Но, дел од понатамошните законски одредби погледнати во својата законска целокупност и меѓусебно содејство се во контрадикторност со првично прокламираниот принцип. Целата постапка за одобрување на прекинот на бременоста креира што јасни и недвосмислени, што затскриени пречки кои наметнувајќи бројни формални услови кои жената мора да ги исполни пред да го оствари прекинувањето на бременоста, создава временски но и обесхрабрувачки психолошки бариери кои бремената жена ќе мора да ги надмине или „прескокне“ за да опстои во својата првична одлука“, образложи Габер-Дамјановска, додавајќи дека жената има неотуѓиво право лично да одлучи за својата бременост.

Први судски случаи и пресуда на Управниот суд

За правните случаи по основ на законот за прекин на бременоста, помеѓу кои и случајот со жената на која не и бил дозволен абортус, говореше адвокатката Наташа Бошкова од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Таа посочи дека законското решение создава бројни проблеми низ праксата и истакна дека веќе неколку случаи се наоѓаат пред Управниот суд, за кои веќе и има една пресуда.

„Во случајот за кој е донесена пресуда, Управниот суд не се впушта во тужбените барања, туку вели дека Комисијата која е предвидена во Законот не била надлежна. Овој и сите останати случаите покажуваат дека Законот за прекинување на бременоста има бројни недоследности, но првенствено го ограничува правото на жената за слободен избор“, истакна Бошкова. Адвоката говореше за примери на, како што подвлече,  бројни правни небулози и институционални лавиринти.

Правилникот е непрецизен и недоречен

За Правилникот за советување на бремената жена пред прекин на бременоста, говореше Игор Јадровски од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА. Јадровски со осврна на препораките на Светската здравствена организација, според кои жената не треба да биде под притисок и доброволно за својата одлука за абортус.

„Правилникот е непрецизен, недоречен, пристрасен и без клучни елементи во согласност со препораките на СЗО“, рече Јадровски.

Д-р Сапунов: „Не ми е сфатливо зошто жените пратенички гласаа за вакво решение“

За Законот за прекин на бременоста во медицинската пракса, говорше  проф. д-р Славејко Сапунов. Гинекологот Сапунов истакна дека законските решенија негативно ќе се одразат низ праксата и искажа зачуденост што воопшто, како што рече, жените пратенички гласале за такво решение. Тој истакна повеќе модалитети како во современиот свет се регулира тоа прашање, нагласувајќи дека кон проблематиката мора да се гледа првенствено од правно-медицински  аспект, со должно почитување на волјата на жената, како нејзино право.

На Конфенцијата се разгледаа и препораките од Комитетот за човекови права на ОН за подобрување на законот и политиките за прекин на бременоста во Република Македонија.

Проф. д-р НАТАША ГАБЕР – ДАМЈАНОВСКА: „Жената има неотуѓиво право лично да одлучи за својата бременост“

 УСТАВЕН СУД: Законот за прекинување на бременоста не е противуставен

Законот за прекинување на бременоста оспорен пред Уставен суд – Иницијативата ќе се разгледува во септември

М.В / veljanoskim@akademik.mk 28.9 2015