/ Прочитано:

1.158

Работилница на тема: „Декриминализација на клеветата-граѓанска одговорност за клевета и навреда“

Четврток, 13 јуни 2013 – Денеска во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители со почеток од 10 часот ќе се одржи работилница на тема: „Декриминализација на клеветата-граѓанска одговорност за клевета и навреда/Праксата на ЕСЧП во врска сo член 10 oд ЕКЧП и други релевантни прaва“.

Работилницата е наменета за судиите од граѓанските оддели од апелационото подрачје Скопје, кои се надлежни да постапуваат во случаите на граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Предавачи на работилницата ќе бидат м-р Костадин Богданов, Директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права и м-р Даница Џонова, Биро за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

„Правото на слобода на изразување е фундаментална основа на демократијата и право кое меѓу другите меѓународни документи ратификувани од страна на Република Македонија се гарантира и со членот 10 од ЕКЧП. Одредбите и опсегот на овој член од ЕКЧП се

разработени и претставуваат предмет на толкување од страна на Европскиот суд за човекови права во неговата судска пракса. Членот 10 од ЕКЧП, а особено судската пракса на ЕСЧП, се од извонредно значење за правилна примена на одредбите од новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Ова особено со цел усогласување на праксата на домашните судови во постапувањето во случаите на клевета и навреда со праксата на ЕСЧП, како единствен начин на доследно почитување на правата на странките во ваквите постапки, и тоа не само од аспект на слободата на изразување (член 10 од ЕКЧП), туку и од аспект на останатите права загарантирани како во домашниот правен поредок, така и со ЕКЧП, како што се на пример правото на почитување на приватниот и семејниот живот (член 8 од ЕКЧП); правото на правично судење (член 6 од ЕКЧП); забрана за дискриминација (член 14 од ЕКЧП); забрана за злоупотреба на правата (член 17 од ЕКЧП), итн.“, соопштуваат од Академијата.

На работилницата, како што посочуваат од Академијата, ќе биде презентирана референтна пракса на ЕСЧП во врска со членот 10 од ЕКЧП. На тој начин ќе бидат презентирани основните принципи на кои се заснова праксата на ЕСЧП при одлучувањето на предметите во врска со слободата на изразување, елементите кои ЕСЧП ги оценува при ваквото одлучување, како и начинот на кој истиот ја балансира слободата на изразување со останатите релевантни права од ЕКЧП, при одлучувањето по предмети по поднесени апликации со наводи за повреда на членот 10 од ЕКЧП, а по претходно искористување на домашните правни средства кои на апликантите од државите членки на Советот на Европа им стојат на располагање на национално ниво.На овој начин преку доближување на основните концепти развиени во праксата на ЕСЧП, а при примена на членот 10 од ЕКЧП, се цели кон обезбедување на усогласена домашна пракса со праксата на ЕСЧП, особено при примената на одредбите од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, и на тој начин кон превенирање на успешни апликации пред ЕСЧП против РМ, со наводи за повреда на членот 10 од ЕКЧП, но и останатите права од ЕКЧП со кој овој член е во постојана интеракција.

Во текот на предавањата ќе бидат подетално разработени неколку случаи од богатата пракса на ЕСЧП во врска со членот 10 од Конвенцијата, а ќе биде направена и студија на случај.