/ Прочитано:

1.182

Рамуш Харадинај ја прими титулата за почесен граѓанин на Тетово

Понеделник, 4 февруари 2013 – И покрај тоа што одлуката беше донесена без Бадинтеровиот принцип, Советот на Општината Тетово денеска му ја додели титулата почесен граѓанин на Рамуш Харадинај, поранешниот командантот на ОВК  и екс-премиер на Косово.

Харадинај кој во моментов е претседател на Алијансата за иднина на Косово се заблагодари за доделената титула и изјави дека во Тетово се чувствува како дома.

Одлуката беше усвоена  изминатиот петок на седница на Советот на општината без гласање, со акламација од 19-те присутни советници Албанци додека седницата токму поради оваа точка на дневен ред ја бојкотираа 9-те советници Македонци. Инспекторатот за локална самоуправа најави дека одлуката на Советот ќе биде преиспитана.

Предлогот за прогласување на Харадинај за почесен граѓанин на Тетово потекнала од кабинетот на градоначалникот. Во образложението на оваа одлука стои дека Харадинај е значајна политичка фигура која имала голема заслуга за унапредувањето на човековите права, синоним за храброст и заштитник на демократијата и хуманите вредности.

Неодамна Хашкиот трибунал го затвори предметот кој се водеше против Харадинај ослободувајќи го од вина за воени злосторства против човештвото.