/ Прочитано:

2.148

Разлики во кривичната и граѓанската постапка во англосаксонското и континенталното право

Континенталниот и англосаксонскиот правен систем имаат разлики во својата кривична и граѓанска постапка.

akad 4

Во континенталниот правен систем, во кривичната постапка судијата е личност која активно учествува во изнесувањето на фактите поврзани со случајот, користејќи го инквизиторскиот систем (со активна улога на судот) во истрагата на кривичните дела. Исто така, пишаните документи докази имаат поголема правна тежина отколку усната комуникација и исказите дадени пред судот.

Инквизиторскиот систем на кривична постапка е прифатен како систем во Германија и во Франција, додека во Италија и во Шпанија се прават обиди да се спојат инквизиторскиот систем со некои други системи кои се применливи во обичајното право како дел од англосаксонското право кое го создаваат судовите и судиите во текот на нивната правна пракса.

Примарната разлика помеѓу моделите на креирање на кривичната постапка се наоѓа во рационализацијата на целта на постапката. Правните експерти веруваат дека кривичната постапка е клучот за разрешување на несогласноста помеѓу обвинителот и обвинетиот, каде што документите, пишаните докази, се најважни за разрешување на целиот случај.

Исто така, поротата е присутна во одлучувањето во англосаксонското право, додека пак во континенталниот правен систем таа не игра некоја специфична и значајна улога. Во англосаксонското право, судот, органите на истрагата и обвинителството имаат одделни функции. Кога органите на истрагата ќе ја завршат својата работа, судот врши надзор на постапката каде што и обвинителството и одбраната ги подготвуваат аргументите што потоа ги презентираат пред судот.

Адвокатите од секој од овие два системи веруваат дека нивниот систем најдобро ги штити обвинетите за кои се води кривичната постапка. Постои пракса во англосаксонското право каде што тие сметаат дека овој систем подобро се справува со пресумпцијата на невиност за разлика од континенталниот систем, додека, пак, во другиот правен систем се смета дека акузаторната постапка им оди во прилог на богатите, т.е. на оние обвинети што се подготвени да издвојат голема сума пари за својата одбрана, што воопшто не им одговара на оние обвинети што не се во можност да го сторат тоа.

Генерално, граѓанската постапка е модел на правила според кои судот ги води граѓанските предмети. Во американскиот правен систем, граѓанската постапка презема форма со комбинација од правила и правна пракса, т.е. правни обичаи. Федералните судови ги извршуваат федералните правила на граѓанската постапка, додека останатите пониски судови ги следат своите сопствени правила. Постојат голем број причини што ги објаснуваат спротивностите на континенталниот и англосаксонскиот правен систем. Една од позначајните причини е потребата од порота. Во граѓанските парнични постапки во обичајното англосаксонско право, бројни правила ја спречуваат поротата да биде наведена од несигурни докази, па затоа и таа ретко се користи.

На крајот, може да се заклучи дека почнуваат да се обединуваат теоријата и праксата во граѓанската постапка во двата правни системи. Судовите во обичајното право ја напуштаат идејата да бидат само набљудувач во целиот процес и повеќе директно се вклучуваат во решавањето на предметите од граѓанската постапка.