/ Прочитано:

958

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ: Ефикасното извршување е од огромно значење за развивање на добар и почитуван правен систем

Соодветното, ефективното и ефикасното извршување на судски одлуки е од огромно значење за државите во насока на создавање, зајакнување и развивање на добар и почитуван правен систем. Ова е еден од заклучоците на регионалната конференција која од 7 до 10 мај се одржа во Република Бугарија во организација на Комората на извршители. На конференцијата, на која имаше над стотина учесници од повеќе земји, меѓу кои извршители, високи претставници на правосудството, државни органи, универзитетски професори, беа разменети компаративни искуства за начинот на кој се применуваат законите за извршување во Македонија, во Бугарија и во Србија.

Петрески: Праксата покажува дека Законот за извршување треба да се смени!

Според првиот човек на Комората на извршители на РМ (КИРМ), Зоран Петрески, конференцијата, која е четврта од ваков вид и која се одржува еднаш годишно, е битна за размена на позитивните искуства од примената на законите меѓу државите, со крајна цел унапредување на домашните системи на извршување. Законот за извршување што беше донесен во 2005 година во Македонија, освен помали измени во 2011 година, поголеми измени нема претрпено. Новиот Закон за извршување, пак, кој според извршителите ќе придонесе за клучни подобрувања во праксата, веќе неколку години е заглавен во институционалните лавиринти и никако да се најде пред пратениците.

„Македонија има Закон за извршување којшто не изменет од самиот почеток, освен некои мали измени во 2011. Праксата покажува дека Законот за извршување треба да се смени во многу одредби. Имаме празнини во Законот и има работи што се предмет на различно толкување и различна примена, што создава проблеми во секојдневното работење. Затоа сметам дека Законот треба да се смени што поскоро. Во Србија за 3-4 години, колку што функционира приватното извршување, неколку пати е сменет Законот врз основа на праксата што ја виделе – она што не функционирало веднаш го менувале. Ист е случајот со бугарскиот систем на извршување. Приватните извршители таму постојат десетина години и во тој период се менувани работите кои, едноставно, не функционираат во пракса. Има позитивни примери и во нивниот систем кои треба сериозно да се разгледаат. Важно е што поскоро да се сменат законот и подзаконските акти врз основа на кои работиме веќе сo години“, вели Петрески.

Паралелно извршување во Србија: во судовите над 2 милиони нерешени предмети

За разлика од Македонија, во Србија, која го воведе приватното извршување во 2012 година, сè уште постои и судското извршување.

„Во Србија постои паралелен систем на извршување, односно судско извршување и извршување преку извршители. Судиите се исклучиво надлежни за спроведување на извршување на семејно-правни односи во поглед на одземање и доверување на малолетно лице и во поглед на враќање на вработен на работа. Таа сфера е исклучиво во надлежност на судот. Од друга страна, извршителите се исклучиво надлежни за спроведување на извршување по основ на веродостојна исправа заради остварување на парично побарување по основ на комунални и слични давачки. Во сите други случаи, доверителот може да избере дали извршувањето да го спроведе судот или извршителот“, појаснува претседателката на Комората на извршители на Србија, Александра Трешњев.

Од Комора на извршители на Србија се надеваат на проширување на надлежноста на приватните извршители, односно следење на македонскиот модел, од причина што огромен број предмети кои се кај судовите остануваат нерешени со години.

„Се надеваме дека надлежноста на извршителите ќе се прошири со оглед дека бројот на нерешени предмети во судовите е речиси два милиони и осумстотини илјади“, вели Трешњев.

Бугарија лани наплатила половина милијарда евра преку извршување

Една од земјите на Балканот каде што најдолго, односно десет години се спроведува приватниот систем на извршување е Бугарија. Претставниците на Бугарската комора на извршители, претседателот Ѓеорги Дичев и членот на Управниот одбор на Комората,  Петко Илиев, на конференцијата го објаснија тамошниот систем на извршување.

„Оваа година се навршуваат јубилејни 10 години од постоењето на приватниот систем на извршување во Бугарија. На почетокот постоеше многу голем скептицизам и имаше многу тешкотии. Денес довербата и кај правните и кај физичките лица е многу поголема“, вели Дичев, додавајќи дека, сепак, се соочени со одредени политички опструкции и популизам.

Бугарските претставници посочија дека во Бугарија сè уште функционира и т.н. државно извршување, но дека 99 отсто од предметите доверителите им ги доверуваат на приватните извршители, од причина што ефикасноста е многу поголема.

„Мината година имавме наплата од 500.000 милиони евра. Пред големата финансиска криза наплатата беше многу поголема, но се намали за време на кризата и по неа “, објаснува Илиев.

Претставниците на српската и бугарска комора на извршители се согласни дека најголемата придобивка од воведувањето на извршувањето е зајакнувањето на финансиската дисциплина.

Остварување на правдата како врвен правнички идеал

На конференцијата свои излагања имаа и реномираниот проф. д-р Владимир Петров, професор на Новиот бугарски универзитет – Софија и на Великотрновскиот универзитет, и двајцата професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Тодор Каламитиев и Ангел Ристов.

Универзитетските професори резимираа со тоа што посочија дека една од значајните и успешни реформи во правосудниот систем на Република Македонија, но и во соседните држави, е токму востановувањето на извршителите.

„Реализацијата на правосилните и извршни судски одлуки и други извршни исправи е од клучно влијание за довербата во правосудниот систем. Значењето на извршувањето го потврдува и праксата на Европскиот суд за човекови права“, истакна проф. д-р Ристов.

Тој во својата презентација посочи на Резолуцијата бр. 3. на европските министри за правда со која е едногласно утврдено дека „соодветното, ефективното и ефикасното извршување на судски одлуки е од огромно значење за државите во насока на создавање, зајакнување и развивање на добар и почитуван правен систем“.

Резултатите од деветгодишното работење на извршителите во Македонија универзитетските професори ги гледаат во: побрзото, поефикасното, поефективното и навременото извршување, како и во подигнувањето на свеста за благовремено исполнување на обврските.

„Еден ден кога секој од нас ќе се најде во улога на доверител, тогаш вистински ќе се сфати улогата на извршителите“, потцрта Ристов.

Во рамки на конференцијата беше спроведена и обука за извршителите од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно меморандумот потпишан неодамна меѓу КИРМ и Комисијата.

Најави за измени на пресметувањето на придонеси за начинот на заработка кај извршителите

Сите прашања на извршителите поврзани со УЈП на Конференцијата ги одговори директорот на Управата, Горан Трајковски. Тој, меѓу другото, најави измени на Законот за персонален данок на доход и Законот за придонеси од социјално осигурување кои во секој момент треба да влезат во собраниска процедура, а се однесуваат на пресметувањето на придонеси за начинот на заработка кај извршителите.

 „Кај професионалните дејности, каде што предмет на оданочување е нето-приходот, а тука сте и вие извршителите, што не е нешто ново и предвидено со Законот за персонален данок на доходот од 1994 година, конечно во соработка со трите комори (Комората на извршители, Адвокатска комора и Нотарската комора) подготвени се соодветни амандмани кои во секој момент треба да влезат во собраниска процедура. Во однос на собраниската процедура ќе се оградам бидејќи немам таков мандат, но можам да ја објаснам основната идеја на амандманите. Конечно се воведува категорија плата кај професионалните вршители на дејност. Значи вие досега бевте работодавачи и можевте да одредувате и да исплаќате плата за вашите вработени, меѓутоа не можевте во согласност со Законот за персонален данок на доход и со Законот за придонеси од социјално осигурување да пресметате колкава ќе биде вашата плата. Тука, во однос на другите дејности, пред сè во однос на правните лица што се во Законот за трговски регистар, вие сте во една незавидна положба. За разлика од адвокатите, вие и нотарите немате избор. Адвокатите можат да основаат трговско друштво и да бидат адвокати како вршители на дејност. Вие, со нашите закони, сте поставени така што немате право на избор. Едноставно, вас ве уредува Министерството за правда. Токму затоа и ќе се менуваат двата закони. Се воведува категорија плата за професионална дејност која вие имате право сами да си ја одредите и како кај сите останати субјекти, дали се тоа физички или правни лица, за даночни цели вашата плата ќе биде сметана за трошок. Досега тоа не беше случај, значи вашите плати не беа трошок.

Во другиот дел си остануваат последните измени, значи до осум плати се плаќаат придонеси, над осум плати ви е обврската само за персонален данок на доход и тука сега со последните измени ја добивате динамиката сами да одредувате плати во текот на годината. Кога ќе заврши годината, платите ќе ви влезат во трошоци, значи точно ќе се утврди нето-приходот и како и изминатите години ќе биде предмет на искажување во годишната даночна пријава и ќе подлежи на 10% персонален данок на доход. На овој начин сметаме дека се воспоставуваат фер правила на игра. Сето она што до вчера беше лично примање и месечниот износ кој вршителот на професионална дејност го остварил, ги поедноставуваме, значи вие работите за плата. Вие ќе си ја одредите платата, ќе си ги платите придонесите. Изборот дали ќе одите на една просечна плата, дали ќе одите на реалната плата, дали ќе одите на осум плати, тоа зависи од вас. Профитабилноста на дејноста си ја уредува секоја канцеларија посебно и на крајот на годината повторно, односно на почеток на следната, кога ќе се видат билансите и кога ќе се порамните, ќе се види кој колку има за доплата. Јас мислам дека со ова решение, кое се предвидува овој месец да стапи во сила, конечно, сите дилеми по сите основи ќе бидат решени“, објасни Трајковски.


Е. П. Објавено: 16.05.2015