/ Прочитано:

1.539

РЕГИОНАЛНА ТРКАЛEЗНА МАСА: Опсег и правни последици од примена на Кривичниот законик за кривични дела сторени при спроведување на извршувањето

Среда, 5 ноември 2014 –   „Опсег и правни последици од примена на Кривичниот законик за кривични дела сторени при спроведување на извршувањето од страна на извршителот односно сторени од страна на странките и учесниците во извршувањето“ – е темата на Регионалната тркалезна маса во организација на Комората на извршители на Македонија (КИРМ) за која овој пат се дебатираше во Гостивар. Модератор на настанот беше поранешниот министер за правда Михајло Маневски, а покрај извршителите од Апелационото подрачје – Гостивар,  учество земаа и јавни обвинители, претседатели на судови, претставници на Судскиот совет на РМ, Министерството за правда, како и Министерството за внатрешни работи.

Во своето излагање,  поранешниот министер за правда Михајло Маневски посочи дека извршувањето е многу сложена и одговорна  работа. Имено, од воведувањето на извршувањето во Македонија, во 2006 година, до 2013 биле поднесени 106 кривични пријави со кои биле пријавени извршители како сторители на кривични дела. Најголем број, 25 кривични пријави, биле поднесени во 2010 година, што претставува  многу поголем број отколку поднесените предлози за поведување на дисциплинска постапка.

 „Токму поради правните последици од примената на Кривичниот законик за кривични дела сторени при спроведувањето на извршувањето од страна на извршителот, односно од страна на странките и учесниците во извршувањето, овие дебати што ги покренува Комората на извршители имаат посебно значење“, наведе Маневски, поткрепувајќи ја својата презентација со конкретни примери од пракса за поднесени кривични пријави против извршители пред надлежните јавни обвинителства.

Изнесените податоци, смета Маневски, треба да се гледаат низ призмата на нивната основаност, особено поради природата на работата на извршителите и посебно во овој временски период кога има наплив на огромен број извршни предмети од судовите.

 „Во 2013 година, извршителите наплатиле рекордни 120 милиони евра. Тоа не се средства што завршиле кај извршителите, туку тоа се средства на доверителите и сето тоа е од интерес на државата, на стопанството и другите доверители. Доста значајно е тоа што е подигната јавната свест за доброволно, а не присилно извршување“, рече Маневски.

Поранешниот министер за правда меѓу другото потенцираше дека извршителите се должни да водат сметка за достоинството на личноста на странките, учесниците во постапката на извршување и нвните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот.

Вишиот јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Гостивар, Зоран Димовски,  посочи дека на гостиварското подрачје се поведени повеќе постапки за кривични дела против извршителите, но дека најчесто станува збор за незадоволни странки, па истите се неоосновани.

„Јавните обвинители во овие постапки постапуваат  претпазливо имајќи го предвид својството на извршителот.  Функцијата на извршителот е таква што предизвикува незадоволство кај странка, па не само што има кривични пријави, има и постапки за поведување дисциплински постапки до самата Комора“,  истакна Димовски.

Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство – Гостивар, Љупчо Коцевски како спорна ја напомена одредбата од Законот за извршување која предвидува суспендирање на извршителот кога ќе се донесе решение за спроведување на истрага.

„Сметам дека ова е лоша одредба имајќи предвид дека може обвинителот да се откаже односно да ја запре постапката  и да не поднесе обвиниение. Тоа може да потрае и 6 месеци, за тој период извршителот не може да ја обавува својата дејност. Од тие причини ЈО внимава на таа одредба и многу претпазливо ја води постапката, не донесувајќи веднаш ако нема цврсти докази – наредба за спроведување истрага. Значи тоа не е за да се заштити извршителот, меѓутоа тој период е голем и може да им наштети и на странките во постапката и на извршителот“, прецизираше Коцевски.

Државниот советник во Министерството за правда, Радица Лазаровска-Геровска, појасни дека оваа одредба била констатирана како голем проблем и истата е изменета во Предлог-законот за извршување кој се наоѓа во владина процедура. Суспензија во новото законско решение, како што рече, има само во случај на правосилен обвинителен акт.

Лазаровска-Геровска како огромен позитивен исчекор го оцени тоа што во овогодинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија првпат изостанаа забелешките за извршувањето, што подразбира успешно затворање на едно поглавје.

„Првпат оваа година нема никаква забелешка во делот на извршување. Всушност, Макeдонија во делот на извршување ги отвори преговорите и ги затвори, односно тоа е едно поглавје коешто е успешно завршено. Ова претставува огромен плус! Почнавме со проблем на неизвршување на судски одлуки во 2004 година, а сега веќе дојдовме до стадиум  каде извршувањето не е проблем за Република Македонија“, истакна таа.

Претседателот на Комората на извршителите, Зоран Петрески, потцрта дека целта на овие средби, е отстранување на проблемите кои можат да настанат при извршувањето преку зацврстување на соработката со државните органи, а со краен ефект –  унапредување на правната сигурност на граѓаните.

Тркалезна маса на оваа тема, претходно се одржа во Штип и Гевгелија.