/ Прочитано:

933

Ристовски: Mаксимална казна затвор за сексуална злоупотреба на деца

Петок, 17 мај 2013 – Максимална казна затвор за таткото кој сексуално го злоупотребувал своето четиригодишно машко дете од Кочани, бара Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

„Мојот став е непроменет. И во овој случај како и во сите претходни случаи барам од судовите максимална казна затвор за сторителот на ова кривично дело“, изјави Ристовски одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.  Според него, ова е типичен пример преку кој може секој да се увери дека не станува збор за никакво нарушување на семејниот или личниот интегритет на овие сторители, туку дека се работи за луѓе кои немаат никакви елементарни чувства кон децата. 

„Уште пострашно е што во конкретниов случај говориме за сексуална злоупотреба на своето биолошко чедо“, нагласи Ристовски.  Министерството за внатрешни работи информира дека вчера  мајката во Полициската станица во Кочани пријавила дека поранешниот сопруг (44) од Кочани сексуално го злоупотребувал нивниот малолетен син. Таткото на детето е приведен и задржан, а заедно со поднесената кривична пријава ќе биде изведен пред надлежен истражен судија.