/ Прочитано:

19.155

РОДИТЕЛИ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Заедничко старателство и одговорно родителство и по развод

Група родители бараат измени на Законот на семејството и воведување на заедничко старателство и одговорно родителство и по развод. Наум Рибароски од родителската Иницијатива за Академик вели дека  моделот на заедничко старателство е комплетна спротивност на досегашната пракса и основната цел на иницијативата на групата родители е воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство со што би се остварила праведна положба на родителите во однос на остварувањето на родителските права по развод. Поддржувајќи ја оваа иницијатива, од Детската амбасада „Меѓаши“ нагласуваат дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство и по разводот на нивните родители.

Група родители: Измени на Законот на семејството – се толкува и се применува погрешно

„Основната цел на иницијативата на група родители за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод. Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сѐ штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, вели Наум Рибароски од иницијативата на група родители.

Тој нагласува дека главниот проблем не произлегува од сегашниот Закон за семејство, туку, како што вели, од неговото неразбирливо толкување.

„Никаде во Законот не е пропишано колку време треба да поминува со своите деца родителот што не го добива старателството. Сепак, за да се остварат во пракса промените што ги предлагаме, Законот мора да претрпи измени бидејќи е општ и дава можност за секакви толкувања. Ние предлагаме три главни измени во Законот за семејство. Како прво, експлицитно наведување дека принципот на еднакви права и обврски на родителите кон децата продолжува и по разводот на бракот. Родителите мора да се договорат околу грижата и воспитувањето на своите деца по разводот, како и да го уредат начинот на видување на децата, водејќи пред сѐ сметка за интересите на децата. Како второ, доколку не е можен договор меѓу родителите, конечната одлука за грижата и воспитувањето на децата ќе ја донесе Судот на препорака на ЦСР, при што задолжителна и појдовна основа при одлучувањето ќе биде доделување на поделено старателство и еднакво видување на децата за двата родитела.   Ова ќе важи за сите случаи освен кога во судска постапка и со докази ќе се утврди дека едниот родител од определени причини (психички заболувања, злоупотреба на алкохол или наркотици, физичка или сексуална злоупотреба и др.) не е целосно или делумно соодветен за поделено старателство и тоа треба сразмерно да му се намали или целосно одземе, зависно од ситуацијата. И како трето, дополнување на одредбите што предвидуваат дека ЦСР ќе врши надзор над извршување на родителското право, во смисла дека принципот на еднакво видување може да претрпи промени само ако се утврди дека таквиот начин на гледање е штетен за развојот на децата, ако едниот родител не е подобен за остварување на родителски права или ако едниот родител експлицитно се изјасни дека не е во состојба или не сака да ги гледа децата според овој принцип“, образложува тој.

Потребно е воведување на заедничко старателство

Според него, главната причина за појавата на родителско отуѓување во Македонија е сегашната пракса во случај на развод, децата да се доделуваат на чување и воспитување само на едниот родител, додека, како што укажува Рибароски, другиот родител добива минимално време за остварување на своето родителско право.

„Тоа е во просек не повеќе од 4 до 5 дена во месецот, а честопати може да биде и помалку од тоа. Родителското отуѓување се врши најчесто од родителите на кои им се доверени децата, и тоа како на активен начин (постојани негативни коментари за другиот родител), така и на пасивен начин (без директни коментари, но со дејствија што доведуваат до ограничен контакт на другиот родител со децата). Ова е, всушност, вршење психичко насилство над децата – тие се ставени во позиција во која немаат друг избор или второ мислење и постепено ја прифаќаат грдата слика за другиот родител, што доведува до појава на негативни чувства или рамнодушност кон другиот родител. Ваквата злоупотреба на старателството е масовна појава во Македонија и се врши со разни цели –главно пресметка со поранешниот брачен партнер, но и за други материјални и социјални цели. За жал, за оваа појава ретко кој досега прозборел во јавност – не е третирана од стручните лица, а во ЦСР никој не се ни осудува да заземе став на оваа тема. Намерата со оваа иницијатива е не само да се отвори оваа тема, туку и да се реши со еден потег – воведување на заедничко старателство“, вели Рибароски, појаснувајќи дека  моделот на заедничко старателство подразбира дека без оглед на разводот, родителите остануваат со еднакви права и одговорности кон децата.

Моделот на заедничко старателство е комплетна спротивност на досегашната пракса

„Тоа подразбира поминување еднакво време со децата (на пример, една седмица кај едниот родител, една седмица кај другиот родител), но и еднаков удел во донесувањето на битните одлуки за детето (во поглед на образование, здравствена заштита, занимавање со спортски, социјални и други активности итн.) Моделот на заедничко старателство е комплетна спротивност на досегашната пракса каде што децата поминуваат поголем дел од времето со едниот родител, кој сам ги донесува сите битни одлуки за децата, а улогата на другиот родител се состои во повремени средби со децата, без да има какво било позначајно влијание во нивниот раст и развој“, додава Рибароски.

Како што вели тој, моделот на заедничко старателство нуди придобивки за сите страни: за децата, за родителите и за општеството.

„Децата  нема да имаат еден главен и еден спореден родител, туку ќе продолжат да ја чувствуваат еднакво љубовта од двата родители. Без оглед на разводот, двата столба врз кои се гради личноста на детето сѐ уште ќе бидат присутни во неговиот живот.Основниот предуслов за појава на родителско отуѓување ќе биде елиминиран, ќе има полесно и побрзо надминување на разводот, намалување на можноста за појава на депресија или други негативни психоемоционални состојби, кои во подоцнежна фаза би можеле да доведат до насилство, зависности и други девијантни појави, елиминирање на стигмата ‘дете на разведени родители и успешен раст и развој преку користење на сите ресурси (човечки, интелектуални, воспитно-образовни, искуствени, психоемоционални, семејни, роднински, материјални и временски) од обата родители. За родителите е придонес тоа што ќе има намалување на меѓусебните тензии и упатување на соработка и договор во корист на детето. Со моменталниот систем, најчеста причина за недостиг на договор околу децата е тоа што родителите се во нерамноправна положба – родителот кој знае дека ќе го добие старателството е во доминантна положба и нема интерес за договор со другиот родител. Со заедничкото старателство и со ставањето на родителите во рамноправна положба ќе нема повеќе можност да се користат децата за сопствени интереси, туку напротив, интересите на децата остануваат единствена тема за разговор.Се елиминира преголемиот товар врз едниот родител. Поделените одговорност и време за одгледување на децата оставаат повеќе простор за двајцата родители да се ангажираат во поглед на кариерата, социјалните активности итн., потоа, се намалува можноста за појава на депресија, зависности или други негативни психоемоционални состојби како резултат на изгубеното старателство и, на крај, се поттикнува и по разводот повторно да се формира семејство. Со сегашниот систем, родителот што го изгубил старателството не е мотивиран да ја повторува истата грешка кога знае дека во случај на нов развод го чека истата огромна загуба“ истакнува Рибароски.

Рибароски потенцира дека една од основните  бенефиции за општетсвото е избегнувањето на дискриминација и создавање незадоволни граѓани, потоа пократки процеси и полесно одлучување пред судовите и во ЦСР, а со тоа и ослободување на ресурси и одгледување на здрави генерации – психолошките последици врз децата од губење на едниот родител ги зголемуваат можностите за запаѓање во социјално ризични активности (насилство, криминал, цигари, алкохол, дрога, предвремена бременост, проституција).

„Со воведување на двојното старателство, значително се намалуваат ваквите ризици, а Македонија ќе се вброи меѓу најнапредните демократии во светот што го имаат имплементирано овој систем. Во исто време, се намалуваат можностите за поведување евентуални судски процеси против државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и пред други меѓународни организации за човекови права и права на детето, загуба на буџетски средства поради таа намена, и уште повеќе, нарушување на меѓународниот углед на Македонија“, резимира Рибароски, додавајќи дека  концептот на заедничко старателство постои во голем број развиени држави – Белгија, Холандија, Швајцарија, САД, Канада, сите скандинавски држави, Словенија итн., каде што во законодавствата на секоја од овие држави, како што потенцира, експлицитно е наведено дека децата и по разводот остануваат во еднаква надлежност на двата родитела, т.е. двата родитела се еднакво одговорни за грижата и воспитувањето на децата и постои обврска за родителите да се договорат околу грижата и воспитувањето на децата, т.е. родителите ‘мора’ да се договорат во интерес на детето.

Детската амбасада „Меѓаши“ дава поддршка на иницијативата за заедничко старателство и одговорно родителство и по развод

Генералниот став на Детската амбасада „Меѓаши“, како организација за заштита на детските права, е во насока на давање поддршка на оваа иницијатива која доаѓа од група родители за воведување на заедничко старателство и квалитетно родителство и по разводот.

„Даваме поддршка во насока на креирање законска основа која ќе даде можност двајцата родители да добијат заедничко старателство над децата доколку ги исполнуваат условите и критериумите за одговорно родителство. Според светските искуства, овој концепт е еден од најсложените, но се смета дека е најдобро решение за детето “, велат од „Меѓаши“.

„Надлежниот суд и стручниот тим на центрите за социјална работа, при оцената за доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнуваат од позицијата дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го вршат родителското право, односно стартната позиција за можност за заедничко стрателство да биде рамноправна и подеднаква. Детската амбасада „Меѓаши“ се залага да се даде ваква можност кога ќе оценат центрите за социјална работа дека двајцата родители може да преземат подеднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој. На овој начин двајцата родители ќе имаат исти права и обрски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото стрателство треба да биде појдовна основа. Но даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стучните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски. Доколку при овој мониторинг се утврди дека еден од родителите не го врши квалитетно родителското право и доколку тоа не е во најдобар интерес на детето, Центарот го задржува правото да предложи старателството да биде доделено на другиот родител, а првиот да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, земајќи ги предвид интересите на децата“, сметаат од „Меѓаши“.

Од „Меѓаши“ укажуваат на емоционалниот и психофизички развој на детето и тргнувајќи од тоа, како што велат, од особена важност за детето е поддршката и љубовта од двајцата родители.

„Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството.  За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација. Со оглед на тоа што оваа состојба носи доста прашања за детето, на децата треба на прифатлив начин за нивната возраст и зрелост да им се претстави ситуацијата, нивните потреби да се стават во преден план и секогаш да се посветува внимание на емоциите на децата. Согласноста за заедничко вршење на родителското право, со која родителите на детето се согласуваат дека родителските права и обврски ќе ги обавуваат заеднички и со меѓусебно договарање, меѓу другото, подразбира и утврдување на живеалиштето на детето затоа што во психолошка смисла за детето е особено важно да знае каде му е домот. Овој модел подразбира и зајакнување на квалитетната комуникација меѓу родителите со цел да се намали и да се спречи трауматичното чувство кај децата поради разделбата на двајцата родители“, нагласуваат од „Меѓаши“.

Податоци од СОС телефонот за деца и млади

Во таа насока, од „Меѓаши“ истакнуваат дека бројот на јавувања за можни прекршување на правата на децата во текот на бракоразводни постапки е меѓу неколкуте најзастапени прекршувања на правата на децата во Република Македонија.

„СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада „Меѓаши“ постои веќе 22 години и на него се регистрирани над 20.000 повици. Според податоците, бројот на јавувања за можни прекршување на правата на децата во текот на бракоразводни постапки е меѓу неколкуте најзастапени прекршувања на правата на децата во Република Македонија. Од овие податоци забележуваме дека најмногу се прекршува правото на детето за видување со еден од родителите. Деца имаат проблем при видување со родителот, а исто така застапени се и проблемите со доделување на старателство и исплаќање на алиментација. При бракоразводните постапки, кои се сѐ почести, најголеми жртви се децата што страдаат поради проблемите што ги имаат родителите, а кои најчесто се однесуваат на проблемите во нивната комуникацијата. Во текот на бракоразводната постапка, не секогаш се зема предвид мислењето на детето, па затоа децата најчесто мораат да остваруваат контакт со еден од родителите, иако тоа е против нивната волја. Родителите наместо да се борат за квалитетно родителство, тие го користат детето за меѓусебно надмудрување кој ќе го добие старателството на детето. Нашата интенција како организација е да се посветат на тоа кој ќе биде подобар родител и кој ќе му покаже поголемо внимание и посветеност на детето“, велат од Детската амбасада.

 Почитување на мислењето на детето

„Како организација чија мисија е заштитата на децата и нивните права, особено сакаме да нагласиме дека, при донесување одлука за доверување на детето на чување и воспитание, детето треба да биде во центарот и од особено значење е тоа да биде прашано и да се почитува неговото мислење, во согласност со неговата возраст и со степенот на развој. Нашето искуство говори дека дете што има навршено 10 години може слободно да го изрази своето мислење во ситуации во кои се одлучува за неговите права и мора да биде прашано и да се консултираат со него за неговото мислење“, додаваат оттаму.

Од „Меѓаши“ потсетуваат на чл. 12 од Конвенцијата за правата на детето во кој се вели: „На детето кое е способно да формира свое сопствено мислење државите-членки му обезбедуваат право на сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење  за сите прашања кои се однесуваат на детето, со тоа што на неговото мислење се посветува должно внимание во согласност со годините на животот и зрелоста на детето. За таа цел, на детето  посебно му се дава можност да биде сослушано во сите судски и административни постапки кои се однесуваат на него, било непосредно или преку застапникот или соодветен орган на начин кој е во согласност со процедуралните правила на националниот закон“.

„Во националното законодавство на Република Македонија, поточно во Законот за семејство, не постои општа одредба која би се однесувала на земање предвид на ставовите и мислењата на детето при донесување одлука која е од значење за него. Законот за семејство во чл. 79 вели дека Центарот за социјална работа го информира детето и ги зема предвид неговите ставови и мислења, но изречно не наметнува законска обврска да се сослуша детето кога се донесува одлука со кој родител ќе живее детето, ако родителите не живеат заедно или ако бракот е разведен. Повикуваме оваа одредба од КПД да биде вградена во Законот за семејство, каде што ќе се наметне изречна законска обврска за сите вклучени при донесување одлуки од значење за детето, меѓу кои и доверување на детето на чување и воспитување“, потсетуваат од Детската амбасада, додавајќи дека во согласност со Уставот на РМ: „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.

„Од наведената одредба произлегува дека меѓународните договори како дел од внатрешниот правен поредок, односно извор на правото, се директно применливи од судовите во РМ и хиерархиски стојат повисоко од домашните закони. Комитетот за правата на детето при Обединете нации, како тело составено од независни експерти кое ја мониторита имлементацијата на Конвенцијата и нејзините факултативни протоколи во пракса од страна на сите држави кои ја имаат потпишано и ратификувано, меѓу кои и нашата држава, во последниот извештај за Република Македонија вели дека иако го забележува вклучувањето на принципот за почитување на ставовите за детето во дел од законите на државата-членка, сепак, жали дека тоа не е направено на систематски начин и притоа со законодавството не се обезбедува сигурност дека детето има право да биде слушнато во сите судски и административни постапки кои влијаат на детето и кои се во согласност со развојните капацитети на детето“, посочуваат од „Меѓаши“.

Детската амбасада ја објаснува и дистинкција меѓу старателство доделено на еден родител и заедничко старателство.

Дистинкција меѓу старателство доделено на еден родител и заедничко старателство

„Старателството доделено на еден родител значи дека детето ќе биде доверено на чување и воспитание на еден од родителите, при што ќе се одреди висина на алиментација за другиот родител и начинот на одржување на личните контакти со другиот родител. Родителот што директно, непосредно не го врши родителското право има право и должност да го издржува детето, да одржува лични контакти со детето и да одлучува за битни прашања за животот на детето (здравствени проблеми, обраозвание и сл.). Непосредното, заедничкото вршење на родителското права значи дека родителите ќе ги обавуваат родителските права и должности заедно, со меѓусебно договарање, кое мора да биде во најдобар интерес на детето. Заедничкото старателство, односно заедничкото вршење на родителското право подразбира меѓусебно договарање и комуникација на родителите околу сите прашања врзани со детето“, појаснуваат од Меѓаши.

Квалитетно и одговорно родителство

Поддржувајќи ја оваа иницијатива, Детстата амбасада „Меѓаши“ се залага и нагласува уште еднаш дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство и по разводот на нивните родители.

„Надлежите државни институции се тие кои треба да ги поддржат родителите во исполнување на родителските обврски и тоа сѐ во насока за најдобриот интерес на децата. Споменатиот Комитет за правата на децата, врз основа на вториот периодичен извештај доставен од Република Македонија од јуни 2010, во областа на семејна средина ги дава следниве препораки на Република Македонија: „Да се преземат сите соодветни мерки и програми за обезбедување на помош на родителите во реализацијата на нивните родителски обврски, вклучително и преку развој на програми кои имаат за цел да се подобрат родителските вештини (и компетентност). Во делот на остварување на одговорното родителство, како организација препорачуваме надлежните институции да ги исцрпат сите можности околу преиспитување дали брачната заедница може да опстане имајќи ги предвид последиците од разводот, односно на двајцата родители треба добро да им се предочат последиците од разводот како за децата, така и за родителите, а потоа и за нив, односно да им се даде можност и шанса да ја пресипитаат одлуката, доколку постојат услови за тоа“, заклучуваат од „Меѓаши“.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

22. 06. 2015