/ Прочитано:

3.881

Родители не можат да го остварат родителското право — неефикасност и молк од институциите

Судот во Стразбур неодамна ја казни Македонија со парична казна од 20.000 евра бидејќи татко со години не може да си го види сопственото дете од причини што поранешната сопруга не го дозволува тоа, а решението за видување на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје никој не го спроведува. Дали битката на еден родител добиена во Стразбур ќе биде поттик за институциите сериозно да се зафатат со решавање на проблемот со кој се соочени многу родители во Македонија, а од кој директно се погодени децата, постојно нотиран и во извештаите на Народниот правобранител, и покрај упорноста на Академик, од надлежните не добивме одговор.

„Во пресудата на Стразбур е констатирана повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права – Правото на почитување на приватниот и семејниот живот.  Освен таткото, како жалители се јавуваат и дедото и бабата, значи тие имаат  право на семеен живот и треба да бидат присутни во животот на детето.  Вториот аспект кој е загрозен се однесува  членот 13 од Конвенцијата, односно немањето ефикасен правен лек за спроведување на решенијата на центрите за социјална работа, бидејќи ова не утврдено само во конкретниот случај. По овој случај се јавија и некои здруженија, родители кои немаат можност да си ги видат децата, значи буквално ги доведувате во состојба да ги грабнат. Македонија треба да исплати 20.00 евра за нематеријална штета, за душевна болка, за вознемирување, а треба да изгради и ефикасен правен систем. Парите се вид надомест за душевната болка, но членот 13 налага да се обезбеди функционален систем“, објаснува адвокатката Наташа Најденова-Левиќ која ги застапуваше жалителите во овој случај.

Според адвокатката, многу пати изминативе години се обраќале до надлежниот Центар за социјални работи, до координаторот на тимот надлежен за овој случај, но безуспешно.

„Ги искористивме буквално сите можности што ни ги дозволува законот и на крај доставивме допис  – Центарот да каже кој да ги изврши нивните решенија. И тие по 15 до 20 дена, рокови што ја одолжуваат дополнително целата постапка, решија дека одговорна е подрачната единица на Министерството за правда. Се обративме во Министерството за правда, а тие нè гледаат,  се чудат и ни велат: „ние не ги извршуваме овие решенија“.  Се наоѓаме во ситуација кога нема орган кој ќе го изврши решението. Не дека во законот целосно нема можност, значи има – во Законот за општа управна постапка кога некој нешто треба да стори или да се воздржи да се казни, му се изрекува глоба. Значи, има такви можности, меѓутоа во разговори дознав дека ниту во други случаи такво нешто е применето, и практично испаѓа дека нема кој да постапува, односно нема начин како да се реализира тоа“, вели Најденова-Левиќ.

Во јуни 2013 година, од тогашниот министер за труд и социјална политика, како што раскажува Најденова-Левиќ,  било дадено генерално упатство до центрите за социјална работа за сите недопуштени видувања, како во конкретниот случај, времето да се надомести.

„Во конкретниот случај што заврши пред Стразбур, поточно во решението на дедото и бабата  на детето имаше таква клаузула – ако не се исполнило видувањето,  да се надомести. Дедото и бабата имаа шеснаесет неисполнети видувања и врз основа на таа клаузула баравме да им се надоместат, меѓутоа Центарот ги одби“, вели таа.

Најденова-Левиќ посочува на трибината на тема „Правото и предизвиците во остварувањето на видувањата на детето со родителот со кого детето не живее’’, организирана од Народниот правобранител и од Македонскиот центар за европско образование, на која учествувале и претставници од центрите за социјална работа.

„На трибина посветена на оваа тематика на која јас учествував, имаше и претставници од центрите и беше кажано дека тие не се доволно екипирани, дека не ја работат само оваа проблематика. Значи, треба да бидат доволно луѓе за да можат да му пристапат на проблемот. Тоа е жива материја, не можете од биро од канцеларија да ја работите. Треба да имаат возила. Јас како што можев да видам, и тимовите во центрите често се менуваат. Сметам дека на оваа материја треба да работат луѓе што се прилично сензибилизирани, кои ја познаваат материјата, коишто имаат добар пристап и коишто апсолутно ги знаат своите надлежности, меѓутоа тие треба да им бидат и дефинирани. Кога ќе се донесе решение, апсолутно треба  да се знае кој ќе го спроведе. И кога Центарот ги дава тие образложенија во решенијата, мора да бидат јасни, а не паушални За викенд центрите треба да  имаат дежурни екипи. Треба многу да се работи“, вели Најденова-Левиќ.

Адвокатката истакнува дека во меѓувреме со неа стапиле во контакт здруженија на родители кои се соочуваат со истиот проблем.

„Ако одите во Центарот за социјални работи, повеќето ќе ви кажат дека чекаат за истиот проблем. Ова се познати проблеми, институциите го знаат тоа, е сега дали треба поттик од Стразбур за малку посериозно да се сфати и да се решава, ќе видиме“, вели таа.

„Државата е на потег да ја стегне  регулативата, да види каде е проблемот. Значи државата треба да овозможи ефикасност. Ако е недостатокот во ефикасен механизам, како и што е во конкретниот случај, треба да предвиди кој орган ќе ги спроведува решенијата, да ги дефинира надлежностите. Значи Законот за општа управна постапка има решение, но не се применува“, додава Најденова-Левиќ.

Богданов: сегашниот систем е недоречен

Владиниот агент Костадин Богданов, кој ја застапуваше Македонија во овој случај пред Судот во Стразбур, исто така укажува дека државата треба да воспостави ефикасeн систем на административно извршување на решенијата на центрите за социјална работа.

„Сегашниот систем е недоречен од причина што ниту центрите, ниту извршителите, ниту кој било друг орган ја презема надлежноста за присилно извршување на тие решенија. Една од можните опции е да се воведе систем на парични казни кои би ги изрекувал Центарот или посебен судија за семејни работи кој би одлучувал во еден краток временски период од неколку дена“, вели тој.

Кривичните пријави не се решение

Адвокатката Најденова-Левиќ вели дека многу често во овие случаи  родител кој не може да го оствари своето право за видување посегнува по кривична пријава за одземање на малолетник, но има и такви случаи кога доаѓа до грабнување на детето. Сепак, таа потенцира дека поднесувањето на кривични пријави не треба и не смее да преставува решение бидејќи повторно негативните последици ги трпи детето.

„Во конкретниот случај, против мајката се водат постапки по кривични пријави на таткото, но и на дедото и бабата за одземање на малолетно лице. Тие постапки течат, но тоа не е решение, тоа мора да биде брзо, сепак, се работи за дете што расте во меѓувреме. За првата пријава од таткото веќе е донесена првостепена пресуда со условна казна за мајката. Е сега, ако првата била условна, втората треба да биде ефективен затвор. Меѓутоа, што ќе се постигне со ова? Да барате ефективен затвор? Да барате да остане и без татко и без мајка. Кривичните постапки се крајното нешто. Претходно треба да употребите многу други средства пред да дојде тоа. Не е работата мајката да оди во затвор. Во интерес на детето треба да се обезбеди вториот родител, а не да ги изгуби двајцата “, објаснува таа.

Условни казни, но и затвор за одземање малолетник

Во однос на кривични предмети кои се воделе врз основа на членот 198 ст.1 од КЗ – „Одземање на малолетник“  само во Основниот суд Скопје 1 изминатите две години примени во работа се 30 предмети, а решени 27.

„Во текот на 2014 година од решените предмети, 11 станале правосилни, а повеќето од судиите донеле пресуда врз основа на казнен налог од Обвинителството, што е овозможено со одредбите од новиот ЗКП. Тие ги ценеле условите под кои е сторено кривичното дело, олеснителните и отежнителните околности, и изрекле условни казни од 3 месеци затвор, казна што нема да се реализира доколку обвинетиот не стори ново кривично дело, како и парична казна во висина од 50 дневни глоби.

Од оние пресуди што не се врз основа на казнен налог изречена е казна во висина од 5 месеци затвор“, објаснуваат од Судот.

Во текот на 2013 година, пак, правосилни станале 7 пресуди каде што судиите изрекле условни казни, и тоа од 3 месеци, казна која нема да се реализира доколку обвинетиот не стори ново кривично дело во следната една година од правосилноста на пресудата, до условна казна од една година, која нема да се реализира доколку обвинетиот во следните 4 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Народен правобранител: Центрите за социјална работа не можат во целост да ги спроведат сопствените решенија

И изминатата 2014 година, како и претходните,  повторно најголемиот број претставки од областа на правата на децата, поднесени до Народниот правобранител, се однесуваат на правото на непречени контакти и видувања на детето со родителот со кого не живее.

„Поради конфликтни односи и нетрпеливост меѓу родителите, кои се разведени/разделени, се повредуваат децата со тоа што им се ограничува правото на видување со родителот со кого не живеат. Надлежните центри за социјална работа најчесто им укажуваат на родителите на обврската да го почитуваат решението за видување или ги упатуваат родителите на третман во Советувалиште, но не успеваат секогаш да го заштитат детето и неговото право на еднаква основа да остварува контакти со двајцата родители, односно непречено да остварува лични односи и контакти со родителот со кого не живее“, констатира Народниот правобранител во Годишниот извештај.

Предмет на овие претставки, како што се наведува во Извештајот, најчесто е незадоволството на родителот од работата на центрите за социјална работа и од нивните одлуки во врска со правото на видување.

„Ако во минатите години само родители и блиски роднини поднесуваа претставки за ова право на детето, во извештајниот период забележано е активно учество и на децата, со цел остварување на правото на видување со родителот или со братот/сестрата. Постапувајќи по овие претставки, Народниот правобранител им укажуваше на центрите за социјална работа при одлучувањето да го имаат предвид најдобриот интерес на детето, да го сослушаат неговото мислење и да донесат одлука која пред сè ќе обезбеди непречено остварување на ова право гарантирано со Конвенцијата“, се наведува во Извештајот.

Народниот правобранител истакнува дека, според Конвенцијата за правата на детето и Законот за семејството, детето има право да расте со двајцата родители, а обврска на родителите е да се грижат за правата и најдобриот интерес на детето. Меѓутоа, и покрај ваквата определба, практиката покажува дека голем број деца, иако за тоа не се виновни, се принудени да живеат само со едниот родител, а многу често им е оневозможено да бидат со двајцата родители на еднаква основа.

„Во случаите кога родители се сомневаа во стручноста на тимот што постапува по конкретен предмет, Народниот правобранител бараше од Јавната установа Заводот за социјални дејности да изврши стручен надзор над работата на тимот и да утврди дали преземените мерки се во интерес на детето или во интерес на еден од родителите. Во најголем број случаи ова право беше попречувано од страна на самите родители кои, поради нивните меѓусебни конфликтни и затегнати односи, го користат детето како инструмент за одмазда, а во неколку случаи се одеше и до крајност, во насока на обвинување на другиот родител за сексуална злоупотреба на детето, притоа не водејќи сметка за влијанието и траумите врз малолетното дете“, се посочува во Извештајот.

Народниот правобранител укажува дека меѓуопштинските центри за социјална работа треба во континуитет и посветено да постапуваат по секој случај поединечно, да се следи состојбата во семејството затоа што преку таквиот начин на работа може навремено да се реагира, но и да се превенира евентуална злоупотреба на детето во семејството.

Молк од институциите

Иако изминатиов месец интензивно се обидувавме да стапиме во контакт со надлежно лице во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, оттаму до денес не добивме одговор на нашите прашањата во однос на тоа каде тие го лоцираат проблемот.

Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи најпрвин никој не се јавуваше на единствениот телефонски број за контакт објавен на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика, за подоцна да нѐ упатат да се обратиме преку имејл до директорката на оваа установа, од каде што, пак, неколку дена подоцна, на 5 мај, нѐ известија дека заминала на службено патување и дека ќе добиеме одговор кога таа ќе се врати. До денес не сме добиле одговор.  

Се обративме и до Министерството за труд и социјална политика. Но и оттаму, по речиси еден месец сѐ уште не сме добиле одговор на доставените прашања.

Академик останува отворен да го пренесе ставот по ова прашање на надлежните институции.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 3.06.2015