„РОВЕР“: Апелација повторно ја укина првостепената пресуда — обвинетите ослободени од притвор
Среда, 1 јули 2015 – Апелациониот суд Скопје по вторпат ја укина првостепената пресуда за „Ровер“, каде еден од обвинетите е и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски.
Апелација покрај укинувањето на пресудата донела решение за укинување и на мерката притвор против обвинетите Зоран Трајковски, Ивица Ристиќ и Сашо Јовановски, бидејќи е истечен законскиот рок од две години минати во притвор по правосилност на обвинението. За обвинетиот Гоце Митревски, пак, се укинува мерката куќен притвор.
Бошкоски, и понатаму останува зад решетки, бидејќи одлежува правосилна казна за случајот „Кампања“. Тој за овој случај доби петгодишна казна затвор и му останува уште една година.
Со обвинението за случајот „Ровер“ десетмина обвинети се товарат за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, кое се случи во 2001 година.
Со втората пресуда на Основниот суд Скопје 1, Љубе Бошкоски, кој се товари за помагање убиство, беше осуден на десет и пол години казна затвор. Судскиот совет, овојпат, кај обвинетите за помагање убиство не утврди умисла за убиство на Киро Јанев, туку само на Марјан Тушевски. Покрај Бошкоски и останатите обвинети беа ослободени од обвинението за убиството на Јанев.
Највисоки казни, доживотен затвор, повторно бе пресудени за тројцата првообвинети Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, кои сè уште се недостапни за судот. Вук Вукичевиќ, кој исто така е недостапен, беше осуден на 15- годишна казна затвор.
>> „Ровер“ E. П.