/ Прочитано:

889

САД: Телефонските снимки на АП се запленети поради безбедносни причини

Вторник, 15 мај 2013 – Конфискацијата на снимки од телефонски разговори на новинари од агенцијата „Асошиејтед Прес“ (АП) била неопходна, бидејќи било утврдено истекување на информации кои ја засегнуваат националната безбедност, соопшти Американското Министерство за правда.

Јавниот обвинител Ерик Холдер изјави дека иследниците ги испочитувале сите правила и норми при својата истрага, а операцијата била спроведена откако станало јасно дека се работи за важни и тајни информации кои директно ја загрозуваат безбедноста на американските граѓани.

Во изјавата за новинарите, јавниот обвинител вели: „Јас сум обвинител од 1976 година и морам да кажам дека ова е една од најсериозните информации кои протекле досега. Го стави американскиот народ во опасност и верувајте не се работи за хипербола. Се обидуваме да откриеме кој е одговорен и поради тоа беше потребна агресивна акција“.

АП упадот на властите го оценија како големо и недозволено мешање во работата на агенцијата, додека Белата куќа соопшти дека нема никакви сознанија за случајот бидејќи Министерството за правда за таквите акции одлучувало самостојно.

Новинската агенција „Асошиејтед Прес“ вчера објави дека американската влада запленила двомесечните телефонски разговори на повеќе нивни новинари и уредници.

Првиот човек на организацијата Гери Пруит, ја окарактеризира акцијата како „масивен и досега невиден упад“ во новински операции на агенцијата. На почетокот на 2012-та, запленетите информации биле од нивните редакции во Њујорк, Вашингтон и Хартфорд, во Конектикат.