/ Прочитано:

1.005

САД: Насилни протести поради одлуката на Големата порота да не му се суди на полицаецот кој уби момче

Вторник, 25 ноември 2014 – Сите повици за мирни протести во Фергусон останаа нечуени, откако големата порота на  американската сојузна држава  Мисури вчера донесе одлука да не го обвини полицаецот Дарен Вилсон за убиството на 18-годишниот Мајкл Браун, припадник на црната раса, што се случи на 9 август годинава во ова мало гратче. Камења летаа, луѓето трчаа низ облаци од солзавец, автомобилите гореа, по што полицијата уапси 29 лица. До протести и собири дојде и во неколку други американски градови, меѓу кои, Лос Анџелес, Њујорк и Вашингтон, дојде до собири и протести 

Фергусон

Одлуката беше соопштена по денови на неизвесност и напнатост. Поротата составена од девет белци и тројца црнци го покрена случајот кон крајот на август и оттогаш сослуша многубројни сведоци и патолози за да го преиспита убиството. Агенциите потсетуваат дека големата порота одлуките ги носи со консензус.

„По исцрпно разгледување на деталите, поротниците одлучија дека не постои веродостојна причина да се покрене обвинение против Вилсон“, изјави обвинителот Роберт П. Мекулоу.

Мекулоу прецизираше дека поротниците проследиле над 70 часа на сведочење и разгледале исцрпен доказен материјал. Тој најави дека истиот ќе биде објавен веднаш по прес-конференцијата на којашто ја соопшти одлуката на поротата. Тој ги пофали поротниците затоа што ја исполниле „оваа монументална одговорност“ и ја истакна „исклучителната соработка“ меѓу федералните истражители и локалните власти. Обвинителот упати сочувство до семејството на Браун и ја заврши изјавата со зборовите дека се приклучува на родителите на загинатиот тинејџер во повикот до сите да продолжат со демонстрацииите, да продолжат со дискусијата, но да го прават тоа на конструктивен начин.

Претседателот Обама се обрати до нацијата кусо време откако беше соопштена одлуката на Големата порота. Тој во кусото ТВ-обраќање истакна дека се приклучува на родителите на Браун „во повикот сите коишто протестираат, тоа да го прават на мирен начин“. Обама го цитираше таткото на Браун: „Не е одговор да се повредат други лица или да се уништува имотот. Не сакам смртта на мојот син да биде попусто“.

Семејството на Браун упати соопштение во коешто изрази „длабока разочараност“ од одлуката да не се покрене обвинение.

Адвокатите на полицаецот Вилсон коментираа дека Поротата постигнала согласност дека тој постапил во рамки на законот и правилата за полициските процедури.

Полицаецот Дарен Вилсон на 9 август во Фергусон го уби невооружениот црн тинејџер Мајкл Браун, испукувајќи во него повеќе куршуми, што предизвика протести и расни тензии во градот каде црнците се мнозинство, но белците доминираат во власта.

Додека сведоците на убиството истакнуваа дека Браун ги кренал рацете во вис, во знак на предавање, полицијата на Мисури тврди дека пред фаталните истрели имало борба меѓу тинејџерот и полицаецот.