/ Прочитано:

691

САД со досега најостри санкции кон Русија — Москва ги оценува како „примитивен потег“

Четврток, 17 јули 2014 – Американскиот претседател Барак Обама вчера го одобри досега најголемиот пакет економски санкции против Русија, а на директна мета се рускиот нафтен гигант „Росњефт“, други енергетски компании, како и компании од областа на финансиите и одбраната. Од друга страна европските лидери на вчерашниот самит се одлучија за помалку „амбициозен“ пакет.

Американскиот претседател, Барак Обама во кратко обраќање пред новинарите во Белата куќа рече дека санкциите се воведуваат поради тоа што Русија одбива да работи на дипломатско решавање на кризата и се уште им доставува оружје на бунтовниците.

Тој додаде дека за тоа веќе неколку пати разговарал со Путин, но дека до сега ниту едно нивно барање не е исполнето.

Лидерите на ЕУ на самитот во Брисел, пак, се договорија да се зајакнат рестриктивните мерки против Русија, но да не се наметнуваат економски санкции.

„Европскиот совет се согласи да ги прошири рестриктивните мерки кон насочени ентитети, вклучително и Руската Федерација, кои материјално или финансиски ги поткрепуваат акциите кои ги поткопуваат или загрозуваат украинскиот суверенитет, територијалниот интегритет и независноста“, се наведува во заклучоците кои ги усвоија челниците на 28-те земји членки на Европската унија.

Официјална Москва ги нарече новите санкции „примитивен потег“, кој сериозно и трајно може да ги наруши односите меѓу Русија и западните земји.

Рускиот претседател Владимир Путин нагласи дека таквите санкции вообичаено имаат „бумеранг“ ефект и оти ќе ја доведат Русија во „безизлезна ситуација да возврати“.

Според руското Министерство за надворешни работи, „санкциите само ќе го поттикнат крвопролевањето на истокот на Украина и претставуваат примитивен обид за одмазда затоа што работите во Украина не се одвиваат онака како што сакаат САД“.