/ Прочитано:

3.003

Само чесната, стручна и посветена работа на судиите може да ја поправи сликата за независноста на судството — Александар Милошески, претставник на најмладата генерација судии

Александар Милошески е дипломец на Академијата за судии и јавни обвинители и е претставник на најмладата генерација судии во Основниот суд Скопје 1 каде постапува по предмети од прекршочната материја. Привилегијата да учествувате во обезбедувањето на правната сигурност и со тоа да придонесувате за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните е благородна и возвишена работа, вели тој. Искуството кое го стекнал на Академијата го оценува како непроценливо. Тврди дека во досегашното работење не се сретнал со обиди за влијанија и притисоци. Само чесната, стручна и посветена работа на судиите може да ја поправи сликата за независноста на судството во РМ,  смета младиот судија.

Од  јануари 2013 година, според измените во Законот за судови, судии и јавни обвинители во прв степен се избираат исклучиво од редовите на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Александар Милошески за судија на Основниот суд Скопје 1 беше избран на почетокот на годинава. Моментно е еден од најмладите делители на правда во овој Суд. Според него, подигањето на самосвеста и самодовербата, градењето на комплетен профил на правник кој може успешно и правилно да го применува правото,  како и практичните знаења од областа на судиската работа и работата на јавните обвинители се основните придобивки на секој дипломец на Академијата.

„Завршувањето на Правниот факултет и полагањето на правосудниот испит се важни елементи во градењето на еден добар правник, но тежиштето на овие два сегмента е теоретското  знаење. Иако се големи напорите на факултетите во подобрување на практичната настава и приближување на истата до студентите далеку од доволно е тоа за да се смета дека еден дипломиран правник е спремен за употреба на знаењата во пракса. Токму тој недостаток во досегашното градење на добри правници во пракса се отстранува со искуствата кои се стекнуваат на Академијата за судии и јавни обвинители. Неизмерни и од непроценливо значење се искуствата и знаењата од практичната примена на правото и правораздавaњето со кои се стекнуваат дипломците на Академијата. Активното учење низ практична настава комбинирана со предавања на теоријата од страна на практичари, директни применувачи на законските норми, отвораат нови хоризонти за еден правник кој сака да практикува право и да се занимава со правораздавање“, вели Милошески.

Просек на оценки – најмалку осум, познавање на еден од официјалните јазици на Европската унија од кои задолжително англискиот јазик што се докажува со меѓународно признат сертификат, полагање психолошки тестови, препораки од најмалку петнаесет луѓе за квалитетот на кандидатот, полагање стручни испити, работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит. Тргнувајќи од сопственото искуство, Милошески уверува дека строгите критериуми за влез на Академијата се пресудни за поголема компетитивност, квалитет и мотивација помеѓу заинтересираните кандидати.

„Строгите критериуми се пресудни за избор на компетентни кандидати и подоцна токму овие критериуми придонесуваат за квалитетна настава, за работна атмосфера и натпреварувачки дух помеѓу академците кое нешто го подига нивото на квалитет на самата обука и има придонес во мотивацијата кај секој академец за да го даде најдоброто од себе“, нагласува тој.

Привилегијата да се влијае врз подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните преку санкционирање на девијантните појави, бил основниот мотив, како што вели, да се определи за судиската професија.

„Решавањето на судските предмети на со закон предвиден начин значи решавање на безброј животни проблеми на граѓаните пред сѐ и обезбедување на сигурноста во секојдневното живеење на граѓаните, со санкционирање на девијантните појави односно девијантните постапки на поединци кои со своите постапки го прекршиле законот и на некого му нанеле зло е благородна и возвишена работа. Тоа е нешто кое ретко која друга професија може да го овозможи“, истакнува Милошески.

Стручност, теоретски и практични знаења се само дел квалитетите кои, според младиот ентузијаст,  треба еден судија да ги поседува.

„Истовремено судијата мора како човек да биде чесен, правичен, свесен и спремен да ги почитува изградените и општоприфатени вредности во општеството, како и да има свој интегритет кој ќе му овозможи  непречено и самоуверено вршење на судиска функција“, вели тој.

Како прекршочен судија, посочува дека предметите за сторени сообраќајни прекршоци се најмногубројни во Одделението за прекршоци при Основниот Суд Скопје 1.

„Евиденциите кои ги води Одделението за прекршоци при Основниот Суд Скопје 1 покажуваат дека најмногубројни се барањата за поведување на прекршочни постапки против прекршителите на одредбите од Законот за безбедност на патиштата или кратко кажано – предмети за сторени сообраќајни прекршоци. Ако зборуваме за правните лица, најголем број од постапките против нив се од областа на стопанството, односно правните лица се јавуваат како прекршители на законските одредби со кои се регулирани нивните обврски кои треба да ги почитуваат во текот на нивното работење односно согласно дејностите за кои истите се регистрирани во Централниот регистар на Р.Македонија“, објаснува Милошески.

Со оглед дека неодамна е  избран судија додава дека е премногу рано да зборува за потешкотии кои се јавуваат во секојдневното работење.

„Премногу е рано да зборувам за потешкотии бидејќи на реални потешкотии до денес не сум наишол. Динамиката на работењето е нешто што можеби во првите денови претставува потешкотија, но всушност таа динамика е само нешто на што секој млад судија треба да се навикне. Работењето на судијата може да биде обременето со потешкотии од техничка природа во смисла на навремена и уредна достава, технички и просторни можности за одржување на рочишта  и сл. За други потешкотии денес објективно не можам да зборувам“, вели тој.

Независноста на судството се смета за основа на владеењето на правото. Како припадник на новата генерација судии која е најповикана да ја врати довербата на граѓаните во судството, Милошески потенцира дека само чесната,  стручна и посветена работа на судиите може да ја поправи сликата за независноста на судството во Македонија.

„Доследното почитување на законите, прифатените меѓународни прописи, препораките на ЕУ за постапување при работењето на судиите ќе го донесе судството на право место во очите на граѓаните и ќе ја вратат довербата во истото. Безрезервното почитување на пропишаните процедури и заштитата на човековите права ќе го подобрат коментарот и заклучоците на ЕУ за судството во РМ“, дециден е Милошески.

Тврди дека досега не се сретнал со обиди за влијание и притисоци.

„Немало ниту директни ниту индиректни притисоци. Од првиот ден кога започнав со вршење на судиската функција па до денес, сите одлуки кои како судија сум ги донел се во склад со прописите, пропишаните процедури и врз основа на мое слободно судиско уверување“, подвлекува младиот судија.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 26. 07. 2014