/ Прочитано:

2.025

Се подготвува нов Закон за заштита на личните податоци, кој ќе биде предложен по широката јавна дебата

Подготвување на нов Закон за заштита на личните податоци, со кој ќе се овозможи сеопфатна заштита на личните податоци како дел од основните човекови права заштитени со конвенциското право и современите националните законодавства, најавува Дирекцијата за заштита на личните податоци.

akad 2

На настанот посветен на одбележувањето на Денот на заштитата на личните податоци, директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски нагласи дека изминатата година институцијата со која раководи посветила големо внимание на потребата од донесување нов Закон, но и на изнаоѓањето решенија за зголемена ефикасност на Дирекцијата.

„На одбележувањето на овој значаен датум, сакам да нагласам дека подготовката на новиот Закон за заштита на личните податоци ќе биде сеопфатен и усогласен со легислативата на Европската Унија и оттука заштитата на личните податоци од законски аспект ќе биде редизајнирана и усогласена со европското законодавство“, истакна Трајковски.

Подготовката на новиот Закон, подвлече првиот човек на Дирекцијата за заштита на личните податоци, ќе биде спроведена низ сеопфатен консултативен процес,  проследен со широка јавна дебата и со вклученост на стручната јавност, на невладиниот сектор и на релевантните институции особено од доменот на заштитата на човековите права.

Донесувањето на новиот Закон го поздрави и народниот правобранител, Иџет Мемети, кој нагласи дека Народниот правобранител ќе го даде својот придонес во создавањето на новото законско решение, кое, како што подвлече, првенствено мора да го изрази она што значи суштинска заштита на личните податоци како фундаментално човеково право предвидено во Европската конвенција за човековите права и слободи.

„Во новото законско решение мора да се стави посебен акцент на јавната свест. Силната јавна свест придонесува за суштинска имплементација на законите, но исто така, и за превенцијата. Често си спомнувам за зборовите на еден мој професор кој, во контекст на заштитата на човековите права, велеше дека е подобро да има грам превенција отколку еден тон заштита“, истакна народниот правобранител.

Поаѓајќи од потребата за подобрување на законодавството од областа на заштитата на личните податоци, а во насока на нејзините идни активности, од Дирекцијата за заштита на личните податоци го нагласуваат и значењето на Нацрт-стратегијата (2017 – 2020) за спроведување на правото за заштита на личните податоци, за која стана збор и на денешниот настан.

Во Стратегијата, која Дирекцијата ја објави неодамна, е предвидено ревидирање на македонското законодавство во контекст на Регулативата на ЕУ од 25 мај 2016 година на Европскиот парламент и на Советот за заштита на лицата во поглед на обработката на личните податоци и слободен проток на тие податоци, која треба да се применува од 25 мај 2018.

Во Стратегијата, исто така, се нагласува и потребата од хармонизација на македонското законодавство со законодавството на ЕУ. Овој нацрт-документ е втор стратешки документ на Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија. Како што велат од Дирекцијата, како и за новиот Закон, така и за Стратегијата ќе има сеопфатна  јавна консултација.

Нацрт-стратегијата е изготвена во рамките на проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“ и во неа се истакнува дека таа е ориентирана кон националните и меѓународните барања кои треба да бидат исполнети при располагање со основните начела на професионалност, транспарентност и квалификуван персонал во рамките на Дирекцијата.

Покрај подготовката на Стратегијата, од Дирекцијата додаваат дека во насока на зголемена транспарентност на оваа институција, надградена е и веб-страницата на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

ДЕН НА ЗАШТИТАТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ: Заштитата на личните подaтоци и на приватноста – основнo човековo правo и демократска придобивка

М.В