Се повлекува целокупниот асортиман на „Фервекс“
Четврток, 6 јуни 2013 – „Бристол-Маерс Сквиб“, производителот на популарниот антивирусен лек „Фервекс“, издаде наредба за повлекување на нивниот производ од пазарот.
Наредбата уследи откако беше откриено дека лекот „Фервекс“ со вкус на малина содржи атипична бактериска флора која може да предизвика гадење, повраќање и дијареа. Иако, бактериската флора беше пронајдена само во лекот со арома на малина, „Бристол-Маерс Сквиб“ реши превентивно да го повлече целокупниот асортиман на „Фервекс“.
Од компанијата соопштија дека досегашните анализи покажале оти бактерија била присутна во сахарозата што се додава во лекот. Компенијата потенцира дека анализите на лекот продолжуваат и дека кога ќе бидат добиени нови податоци јавноста ќе биде навремено информирана за нив.
„Фервексот“ вообичаено се препорачува за симптоматско лекување на настинки, разни форми на ринитис, висока температура и болки во мускулите.