/ Прочитано:

870

Се самоуби еден од обвинетите за групното силување во Индија — неговото семејството убедено дека се работи за убиство

Понеделник, 11 март 2013 – Неверојатен пресврт на случајот кој што ја потресе Индија, но и целиот свет. Рано утринава се самоуби еден од обвинетите за групното силување на 23-годишната индиска студентка во престолнината Њу Делхи, што доведе до нејзината смрт, пренесоа светските агенции. Се работи за високо-обезбедена ќелија во индискиот затвор Тихар, па оотука се отвори простор за шпекулации дали тој навистина се самоубил. 

Рам Синг (33), возач на автобусот во кој на 16 декември беше нападната младата жена, беше еден од шестмината обвинети во случајот. Тој се обесил во затворската ќелија со својата облека, соопштија надлежните.

Веста за неговата смрт предизвика барања на неговите адвокати и семејството да се спроведе истрага во најкраток можен рок. Убедени се дека тој е убиен во затворот и ја одбиваат можноста дека тој извршил самоубиство. 

Како што пишуваат светските медиуми, експерти од судска медицина веќе биле на местото на настанот. Според извори од затворот, Синг последнава недела бил депресивен, одбивал храна и вода, тврдење кое го оспорија неговите адвокати.

Бидејќи се работи за смрт која настапила под сомнителни околности, властите на Њу Делхи побараа да се отвoри истрага под капата на надлежниот судија. 

„Синг не беше сам во ќелијата во која го изврши самоубиство, тука се сместени и други затвореници, а истата е под  надзор на еден стражар. Но, никој не знае како дошло до тоа. Окол 5 часот иутринава беше пронајден мртов“, изјави официјално лице од затворот додавајќи дека тој имал самоубиствени тенденции.

Дваесетгодишнот брат на починатата студентка изјави дека не е особено задоволен од веста бидејќи сакал Синг да „биде обесен… јавно“. Според него, возачот се самоубил, бидејќи знаел дека ќе биде осуден на смрт.

„Се надевам дека останатите ќе ја дочекаат својата смртна пресуда“, дополни братот на брутално силуваната девојка.

Студентката почина во болница во Сингапур две недели откако беше силувана и тепана со метален стап, на враќање од кино со свој пријател, 28-годишен компјутерски инженер, кој беше тешко повреден.

Случајот ја потресе цела Индија и предизвика масовни протести со барања за сурови казни за силувачите.

Петмина од обвинетите, кои се полнолетни, беа изведени пред специјален суд и може да бидат осудени на смрт. Последниот, 17-годишен малолетен тинејџер, е суден одделно и може да добие казна до три години затвор.