/ Прочитано:

2.241

Се воведува медијација во семејните спорови

Понеделник, 25 ноември 2013 – Посочената цел за предложувањето на законските измени на Законот за семејство е побрзото и полесно решавање на семејните спорови. Се воведува  примената на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите, како дел од процесот на вградување на медијацијата во специфичните области во рамки на домашното законодавство.

„Сегашните измени и дополнувања на Законот за семејството се резултат на потребата од воведување на медијацијата во специфичните области, меѓу кои и во семејните спорови, како начин кој е многу посоодветен, отколку нивното решавање преку судска постапка. Oсновната цел на медијацијата во брачните и семејните спорови , особено во споровите во кои се присутни малолетни деца, е уште повеќе да се потикне вклучувањето на двајцата родители во грижата за детето и да се намали конфликтот помеѓу родителите во вршењето на родителското право во текот и по разводот на бракот. Досегашните искуства од примената на постојните законски одредби во делот на решавањето на семејните спорови укажува на тоа дека во најдобар интерес на децата е родителите околу овие прашања самостојно да постигнат спогодба, без инволвирање на институциите. Истворемено, практичната примена на Законот ја наметна и потребата од допрецизирање на одредбите кои се однесуваат на злоупотреба и грубо занемарување на вршењето на родителските должности со цел обезбедување поголема заштита на децата.“, ја оценува состојбата предлагачот на измените, Министерството за труд и социјална политика.

Предложените измени и дополнувања на Законот за семејството ги содржат следниве решенија:

– се доуредува постапката за давање на дозвола за склучување на брак помеѓу малолетни лица;

– се доуредува делот кој се однесува на тоа што се смета за злоупотреба или грубо занемарување на родителските должности односно се додава дека како злоупотреба или грубо занемарување се смета и наведувањето на детето на питачење или користењето на детето за питачење;

– се утврдува дека во случаите кога брачните другари немаат заеднички малолетни деца или полнолетни лица над кои е продолжено родителското право, бракот се разведува со спогодба за развод на брак постигната во постапката за медијација;

– се дава можност во случаите кога брачните другари имаат заеднички малолетни деца или полнолетни лица над кои е продолжено родителското право, брачните другари сами да одлучат кој ќе ја води мировната постапка, односно дали истата ќе се води пред центарот за социјална работа или пред медијатор; и

– се утврдуваат глоби за непостапување на центарот за социјална работа.

  >> Целосен текст на Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за семејството (прво читање)