/ Прочитано:

3.080

Сентенци од специјализираните судски оддели на Вишиот управен суд

Вишиот управен суд објави сентенци од специјализираниот судски оддел за имотно – правна област и други права, специјализираниот судски оддел за пензии, права од пензиско и инвалидско осигурување и други права и сентенци од специјализираниот судски оддел за финансиски, царински, даночни и други права.

pravosudstvo-zakoni-jazik-e1392813463351.jpg

СПЕЦИЈАЛИЗИРАН СУДСКИ ОДДЕЛ ЗА ИМОТНО – ПРАВНА ОБЛАСТ И ДРУГИ ПРАВА (Билтен бр.9)

УЖ-1 бр.388/2015

Претседател на совет судија Анита Данилова

Управниот суд правилно утврдил дека поднесеното барање за денационализација е нецелосно, односно во истото не е наведено за кој недвижен имот се однесува барањето за денационализација, потоа дека не е јасно по кој основ се бара денационализацијата и не е со сигурност утврдено недвижноста која е предмет на денационализација, односно не е извршена идентификација на истата.

Управниот суд со Пресуда, тужбата на тужителот Државен правобранител за подрачје Скопје, ја уважил и оспореното Решение на Министерот за финансии, Комисија за одлучување по барањата за денационализација за Општина Центар-Скопје, Гази Баба-Скопје и Карпош- Скопје, го поништил.

Против пресудата на Управниот суд, жалба изјавија заинтересираните лица во која наведоа дека при донесувањето на пресудата Управниот суд сторил суштествени повреди на одредбите на постапката, погрешно ја утврдил фактичката состојба и погрешно го применил материјалното право. Предложија жалбата да се уважи, а пресудата на Управниот суд да се преиначи така што тужбата на тужителите ќе се уважи.

Вишиот управен суд, најде дека Министерот за финансии, преку Комисија за одлучување по барањата за денационализација за Општина Центар-Скопје, Гази Баба-Скопје и Карпош-Скопје, со седиште во Општина Центар-Скопје донел Решение, кое барањето за денационализација го уважил и вратил во сопственост на барателот недвижности подробно опишани во самото решение и определил надомест на барателот во вредност од 3.611.197,00 денари, за остатокот на имотот кој не може да биде предмет на реално враќање во површина од 12.783 м2.

Управниот суд, постапувајќи по тужба на Државниот правобранител за подрачје Скопје, против напред наведеното решение, донел пресуда со која тужбата ја уважил и оспореното решение го поништил. Управниот суд вака одлучил бидејќи утврдил дека органот во управната постапка нецелосно ја утврдил фактичката состојба и неправилно го применил материјалното право, односно Законот за денационализација.

Вишиот управен суд најде дека во конкретниот случај не се основани жалбените наводи на жалителите, правни наследници на барателот за денационализација дека при донесувањето на пресудата, Управниот суд неправилно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба и погрешно го применил материјалното право. Имено, согласно член 9 од Законот за општата управна постапка, предвидено е дека во управната постапка мора да се утврди фактичката состојба на работите и за таа цел мора да се утврдат сите факти што се од важност за донесување назаконито и правилно решение. Согласно член 1 од Законот за денационализација, со овој закон се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Согласно член 2 од законот, се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири, вакафи, одземени од 2 август 1944 година, врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста, врз основа на прописите за одземање на имот, заради остварување на општо-корисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општо-корисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и без правна основа. Согласно член 8 од истиот закон, предмет на денационализација, не е одземен имот за кој е платен, односно даден надомест, ако одземениот имот за кој е даден надомест постои, имотот може да се врати при што барателот е должен да врати надомест во износ, на начин и постапка утврдени со прописот на Владата на Република Македониja, согласно член 37 од законот. Согласно член 16 од истиот закон, во постапка за денационализација се применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка доколку со овој закон поинаку не е определено. Управниот суд правилно утврдил дека тужениот орган донел незаоконито решение и притоа не ја утврдил целосно фактичката состојба, што довело до погрешна примена на материјалното право. Управниот суд правилно утврдил дека поднесеното барање за денационализација е нецелосно, односно во истото не е наведено за кој недвижен имот се однесува барањето за денационализација, потоа дека не е јасно по кој основ се бара денационализацијата и не е со сигурност утврдено недвижноста која е предмет на денационализација, односно не е извршена идентификација на истата.

II – Уж-1.бр.543-2014

Судија Лидија Георгиевска

Неопходност за произнесување на тужител во случај кога е поднесена тужба за управен спор пред Управен суд, а е донесен дополнителен управен акт. Суд не може да ја запре постапката со одлука, без да се произнесе тужителот дали е задоволен со дополнително донесениот управен акт или останува при наводите на тужбата и дали тужбата ја проширува и врз новиот акт. Управниот суд со Решение ја запрел постапката по тужбата на тужителот, изјавена против Решението на Владата на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијацијата.

Против решението на Управниот суд, жалба изјави тужителот поради суштествени повреди на правилата на постапката, погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог жалбата да се уважи, побиваното решение да се укине и да се врати предметот на повторно постапување и одлучување. Жалбата е основана.

Во конкретниов случај тужителот до Управниот суд поднел тужба против Решението на Владата на Република Македонија-Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијацијата. Во тужбата пред Управниот суд, тужителот навел дека со жалбата изјавена пред второстепениот орган, истиот оспорил само дел од првостепеното решение за денационализација, додека со останатиот дел од решението бил задоволен. Управниот суд постапувајќи по тужбата со Допис од 20.05.2010 година, побарал од тужителот да го извести дали првостепениот орган постапил по напатствијата содржани во решението на тужениот орган, односно дали има ново решение и доколу е донесено да му достави на судот примерок од истото.

Тужителот со Допис од 08.06.2010година го известил Управниот суд дека во повторната постапка е донесено ново Решение Дн.бр.25-08-250/3 од 31.07.2009година, со кое е одлучено по барањето за денационализација, како и дека по истото е поднесена жалба од страна на Државното правобранителство на Република Македонија. Воедно, во прилог доставил примерок од првостепеното решение. Постапувајќи по тужбата, Управниот суд со побиваното решение ја запрел постапката, при што се повикал на член 28, став 1 од Законот за управните спорови. Вишиот управен суд одлучувајќи по жалбата на тужителот најде дека со оспореното решение се сторени суштествени повреди на правилата на постапката, што истото го прави незаконито.

Согласно член 28 од Законот за управните спорови, („Службен весник на Република Македонија“ број 26/2006 и 150/2010), ако органот за време на судската постапка донесе друг акт со кој се менува или се става вон сила управниот акт против кого е поведен управен спор, како и кога во случајот од членот 22 на овој закон, дополнително ќе донесе управен акт, тој орган, покрај тужителот, едновремено ќе го извести и судот пред кој е поведен спорот. Судот во тој случај ќе го повика тужителот во рок од 15 дена да изјави дали со дополнително донесениот акт е задоволен или останува при тужбата и во кој обем, односно дали тужбата ја проширува и врз новиот акт. Согласно ставот 2 од истиот член, ако тужителот изјави дека со дополнително донесениот акт е задоволен или ако не даде изјава во рокот од ставот 1 на овој член, судот ќе донесе решение за запирање на постапката. Согласно ставот 3 од истиот член, ако тужителот изјави дека не е задоволен со новиот акт, судот ќе ја продолжи постапката …>>>Целосен текст на сентенците на Вишиот управен суд објавени во Билтенот бр.9.

M.В