Информации

Министерство за здравство на РМ
ул. "50 Дивизија" бр. 6, 1000 Скопје
тел. 389 (2) 3112 500
Сектор: Државен санитарен и здравствен инспекторат
- Подрачни одделенија за инспекциски надзор

Барање на странка за добивање на спроводница и одобрение за пренос, закоп и ексхумација

За пренос на телото на умрено лице преку граница или на територија на Република Македонија потребна е спроводница. Спроводницата е документ што се обезбедува од различни институции во зависност од околностите на секој случај, и тоа:

– Кога телото на умрено лице се пренесува од воена единица или од единица на полиција во која лицето умрело, спроводницата ја издава воен или друг овластен лекар кој присуствувал на опремувањето на телото на умреното лице;

Кога телото на умрено лице се пренесува од странство заради закоп во Република Македонија, односно во транзит преку територијата на Република Македонија, спроводницата ја издава надлежното дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во државата од која се пренесува телото на умреното лице;

– Спроводница за пренос на телото на умрено лице во транзит преку територија на Република Македонија се издава врз основа на одобрение за пренос издадено од државата од која телото на умреното лице се изнесува и од државата во која телото на умреното лице се пренесува заради закопување.

Спроводница за македонски државјанин што починал во странство се издава во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија од чие јурисдикциско подрачје се пренесува телото на починатото лице. За тоа се потребни следните документи:

1. Барање за издавање спроводница за пренос на телото на умрено лице;
2. Доказ за државјанство на Република Македонија (патна исправа или лична карта);
3. Извод од матичната книга на умрените издаден од државата каде што настапила смртта;
4. Лекарски извештај за причината за настанатата смрт (причината за смртта да не биде заразна болест);
5. Одобрение (потврда) за пренос на починатото лице од државата каде што настапила смртта;
6. Податоци за начинот на пренос на починатото лице (доколку преносот се врши по копнен пат, потребно е издавање спроводница од сите земји низ кои ќе транзитира телото на починатиот);
7. Име и презиме на лицето што ќе го придружува починатото лице.

Доколку починатото лице не е македонски државјанин, спроводницата се издава по добивање согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

За вообичаено обезбедување на спроводница неопходно е: уредно пополнето барање за добивање на спроводница и одобрение за пренос, закоп и ексхумација и уплатница на износ од 2.000,00  и административна таксена марка од 50,00 денари.

По обезбедување на спроводницата, може да се поднесе барање за издавање на извод од матичната книга на умрените.