Информации

Регистар на доброволни пензиски фондови
Орган што врши супервизија на пензиските фондови:
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)
Локација:
ул. „Стив Наумов“ бр.100, 1000 Скопје Македонија

Контакт-телефон/факс: +389 (2) 3224 229
+389 (2) 3217 573
+389 (2) 3166 452

Доброволен пензиски фонд – Трет столб

Третиот столб е доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, односно осигурување што се користи по желба на осигуреник или на лице кое сака дополнително да штеди и со тоа да стекне и поголема пензија. Членството во третиот столб е на доброволна основа на лицето и не е условено од тоа дали физичкото лице е вработено или не е вработено.

Член на третиот столб може да биде секое лице кое навршило 15 години, но не повеќе од 70 години, и кое може да издвојува дополнителни средства од своите тековни примања за да ги уплаќа придонесите кон третиот столб, независно од фактот дали е опфатено со системот за задолжително пензиско осигурување или не е опфатено.

Членови на третиот столб можат да бидат и лица за кои трети лица ќе ги уплаќаат придонесите. Пензионерите не може да членуваат во третиот столб.

Освен што може да си уплаќа самостојно на посебната индивидуална сметка, осигуреникот може да биде вклучен и во професионална пензиска шема која треба да се организира од страна на работодавачот кој ќе уплаќа средства во третиот столб.

Едно лице може да стане член на доброволен пензиски фонд со потпишување договор за членство со овластен агент на друштво за управување со доброволен пензиски фонд или друштво за управување со задолжителен и доброволен пензиски фонд и уплата на придонес, со што лицето добива доброволна индивидуална сметка. Член може да се стане и со учество во професионална пензиска шема и поседување професионална сметка, доколку работодавачот одлучи да обезбеди дополнително пензиско осигурување за своите вработени.

Износот на средствата што ќе се уплатуваат зависи од одлуката на лицето кое ќе членува во третиот столб или од одлуката на лицето кое ќе уплатува за членот, и не мора да е ист при секоја уплата.

Едно лице може да уплаќа средства за друго лице, но во тој случај договорот за членство треба да биде потпишан од: членот, агентот во име на друштвото и уплаќачот кој уплаќа придонес во име и за сметка на членот. Средствата се уплаќаат на доброволната индивидуална сметка на членот, по потпишување на договор за членство и отворање на сметката на членот. Уплатите на придонес ќе се вршат на посебна парична сметка на доброволниот пензиски фонд, која се води кај чуварот на имот и потоа ќе се распоредуваат на доброволната индивидуална сметка на членот.

Уплатените средства, намалени за надоместокот од придонес, заедно со приносот од инвестирањето, се дел од идната пензија на членот на третиот столб. Сите тие средства заедно го формираат износот од кој ќе се исплаќа пензискиот надомест од доброволното пензиско осигурување. Други дополнителни придобивки од третиот столб се даночните олеснувања за членот, но и за работодавецот кога станува збор за професионални пензиски шеми. Износот за трет столб кој го уплаќа работодавецот за своите работници не влегува во бруто-плата, па според тоа не подлежи на плаќање на придонесите за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување

Без разлика дали е лицето член на првиот, вториот или третиот столб, може да штеди во осигурителни компании за животно осигурување. Животното осигурување во осигурителна компанија не е пензиско осигурување и не го претставува третиот пензиски столб, односно штедење за пензија и не ги има истите карактеристики и поволности (даночни олеснувања и сл.)  како штедењето во третиот столб.