Информации

Влада на Република Македонија
"Илинденска" б.б. 1000 Скопје
тел. +389(0)2 3118 022
Министерство за економија
- Сектор за Минерални суровини
Јуриј Гагарин 15, Скопје
Тел. +389 (2) 3093 408 Факс. +389 (2) 3084 472 email: contact@economy.gov.mk

Доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини по барање на заинтересирано лице

Концесија за експлоатација на минерални суровини се доделува врз основа на барање на субјектот кој вршел детални геолошки истражувања во случај кога резултатите од извршените детални геолошки истражувања не се во сопственост на Република  Македонија.

  • На субјектите како што се јавните претпријатија и јавните установи согласно Законот за минерални суровини, концесија за експлоатација на минерални суровини се доделува врз основа на барање.

Опис на постапка

  1. Барањето се поднесува до органот на државната управа (Министерство за економија/ Сектор за минерални суровини) надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини во рок од 180 дена, сметано од денот на истекот на концесијата за детални геолошки истражувања.
  2. Просторот на кој се бара доделување на концесија за експлоатација мора да биде во согласност со студијата за оправданоста на бараната концесија.
  3. Кон барањето за добивање концесија, покрај податоците за барателот на концесијата,се приложува и:
    • студија за оправданоста на бараната концесија;
    • топографска карта во мерка 1:25.000 со координати на граничните точки на локацијата на определен простор;
    • скица, копие од катастарски план со вцртани граници на бараниот простор за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини и имотен лист, со број на катастарски парцели и култури за површината на која ќе се врши експлоатацијата на минералната суровина;
    • елаборат за извршените детални геолошки истражувања.
  4. Доколку се работи за барање за добивање на концесија за експлоатација на подземна вода, покрај овие  прилози, барателот е должен да достави и согласност за користење на вода од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на управувањето со водите.
  5. По доставување на барањето органот на државната управа (Министерство за економија/ Сектор за минерални суровини) надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини врши увид на самото место и по службена должност бара мислења од единицата на локалната самоуправа и од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на заштитата на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, земјоделството, шумарството, водостопанството, како и од други органи на државната управа надлежни за вршење на работите од соодветната област, а за доставените барања за добивање на мислења се известува Државниот управен инспекторат заедно со копија од доставените барања за мислења.
  6. Одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини донесува Владата на предлог на органот на државната управа (Министерство за економија/ Сектор за минерални суровини) надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.
  7. Врз основа на одлуката за доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, концедентот и концесионерот склучуваат договор за концесија за експлоатација на минерални суровини.

Пренос на концесија за експлоатација

Законот за минерални суровини дозволува можност за пренос на на концесијата за експлоатација, при што истата може да се пренесува целосно или делумно.

Предметот на концесијата за експлоатација не смее да се даде под закуп.

Со преносот на концесијата, концесионерот ги стекнува правата и обврските кои произлегуваат од издадените дозволи и одобренија од надлежните органи, во смисла на Законот за минерални суровини и друг закон.

Потребни документи

  • Барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини (во барањето треба да биде нагласена видот на минералната суровина, локалитетот на кој се јавува, координати на бараниот простор и основни податоци на Барателот на концесијата);
  • студија за оправданоста на бараната концесија;
  • топографска карта во мерка 1:25.000 со координати на граничните точки на локацијата на определен простор;
  • скица, копие од катастарски план со вцртани граници на бараниот простор за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини и имотен лист, со број на катастарски парцели и култури за површината на која ќе се врши експлоатацијата на минералната суровина и
  • елаборат за извршените детални геолошки истражувања.