Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи

Дозвола за постојан престој на странец во РМ

Дозвола за постојан престој ќе се издаде на странец кој најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за издавање на дозвола за постојан престој, непрекинато престојувал на територијата на Република Македонија врз основа на дозвола за привремен престој.

Условот за пет години непрекинат престој во Република Македонија се смета дека е исполнет ако:

  • странецот во периодот од пет години пред поднесување на барањето за постојан престој не престојувал надвор од Република Македонија шест последователни месеци,
  • во временски период што во вкупно траење не надминува десет месеца и
  • на странец чиј престој е во интерес на Република Македонија, може да му се издаде дозвола за постојан престој пред истекот на предвидениот рок.

Дозволата за постојан престој ја издава Министерството за внатрешни работи, лично на странецот на кого се однесува.

Услови за издавање на дозвола за постојан престој

Дозвола за постојан престој ќе му се издаде на странец, кој:

  • до моментот на поднесување на барањето престојувал во Република Македонија непрекинато пет години врз основа на дозвола за привремен престој,
  • има стабилни и редовни средства за издржување,
  • има обезбедено сместување или средства за сместување,
  • има здравствено осигурување,
  • за време на престојот во Република Македонија, во периодот од пет години пред поднесувањето на барањето за постојан престој не сторил кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење од најмалку една година и
  • не претставува опасност за јавниот ред, националната безбедност или меѓународните односи на Република Македонија.

Опис на постапка

Дозволата за постојан престој се издава врз основа на поднесено барање на странецот.

Кон барањето странецот е должен да достави важечка и призната патна исправа или заверен препис од истата, како и докази дека се исполнети  горенаведените условите.

За барањето на странецот за издавање на дозвола за постојан престој одлучува Министерството за внатрешни работи со решение.

Во случај кога се одбива барањето на странецот од причини утврдени во членот 89 став 1 алинеја 6 од Закон за странци,  надлежниот орган не е должен да ги образложи причините од кои се раководел при донесување на таквото решение. Против решението  странецот има право на жалба во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен на Владата на Република Македонија. Решението на надлежната комисија на Владата ќе се донесе во рок од 30 дена од денот на поднесување на жалбата. Против решението на надлежната комисија на Владата може да се поведе управен спор пред надлежен суд, согласно со Законот за управните спорови.

Потребни документи

  • барање за одобрение за постојан престој,
  • доказ дека до моментот на поднесување на барањето престојувал во Република Македонија непрекинато пет години врз основа на дозвола за привремен престој,
  • доказ дека има има стабилни и редовни средства за издржување,
  • доказ дека има здравствено осигурување,
  • доказ дека за време на престојот во Република Македонија, во периодот од пет години пред поднесувањето на барањето за постојан престој не сторил кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење од најмалку една година и
  • важечка и призната патна исправа или препис од истата.