Информации
Испит за возач-инструктор
Испитите за возач-инструктор се полагаат во овластена образовна институција, пред испитна комисија формирана од министерот за образование и наука.
На лицето кое ги положило испитите за возач-инструктор овластената образовна институција му издава диплома за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор.
Врз основа на дипломата, Министерството за внатрешни работи издава дозвола за возач-инструктор, според местото на живеење на лицето, со рок на важење од пет години.
Во дозволата се впишуваат категориите на возила за кои кандидатот има положено испити за возач-инструктор.
Дозволата за возач-инструктор престанува да важи:
– со истекот на рокот на нејзината важност (5 години),
– во случаите во кои е предвидено престанување на важност на возачката дозвола за категоријата за која е изречена прекршочната санкција и
– во случај кога е изречена прекршочна санкција на управување со моторно возило за категоријата за која е изречена прекршочната санкција.
Прекршочен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот-инструктор кој врши оспособување на кандидати за возачи по истекот на рокот на важност на дозволата за возач инструктор.
Трошоците за специјалистичко образование за возач-инструктор, се на товар на кандидатот за возач-инструктор, во висина на реално направените трошоци за завршување на специјалистичкото образование.
Реално направени трошоци за специјалистичко образование за возач-инструктор се:
– трошоци за тестови,
– трошоци за диплома за завршено специјалистичко образование за возач-инструктор,
– паричен надоместок за членовите на комисијата за спроведување на испит за возач-инструктор и
– слични трошоци за полагање на испитот за возач-инструктор.