Информации

Основање и работа на автошкола

Спроведувањето на оспособување на кандидат за возач го врши правно лице по добивање на лиценцa за автошкола од Министерството за внатрешни работи. Лиценцата, Министерството за внатрешни работи ја издава доколку автошколата ги исполнува условите утврдени во Законот за безбедност во сообраќајот. Автошколата може да започне со работа по нејзиниот упис во Централниот регистар на Република Македонија.

Со барањето за упис во Централниот регистар на Република Македонија, се поднесува и лиценцата за автошкола издадена од Министерството за внатрешни работи, како доказ дека се исполнети пропишаните услови за работа на автошколата.

Автошколата, по донесување на одлука за промена во однос на основачот, стручниот кадар, адресата или одговорното лице во автошколата, е должна во рок од осум дена од денот на настанатата промена за истата писмено да го извести Министерството за внатрешни работи.

Доколку не биде известено МВР, на автошколата ќе и се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност.

За оспособување на кандидати за возачи, автошколата задолжително треба да ги исполнува следниве услови: – да има стручен кадар, – да има опремена просторија (училница) од најмалку 20 m² со видео надзор, – да има уреден простор за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата, – да има сообраќаен автодром (полигон) во сопственост на автошколата или под закуп кој ги исполнува пропишаните услови и соодветните сообраќајно-технички елементи, – да има најмалку две сопствени возила од категорија „Б“, а за останатите категории – по едно сопствено возило или возило под закуп и – да располага со наставни средства, помагала и информатичка опрема за спроведување на наставната програма укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода, како и софтверска веб апликација.

Стручен кадар се лица кои се вработени во автошколата и тоа: – стручен раководител, – предавач и – возач-инструктор.

Возилата на автошколата задолжително треба да бидат: – регистрирани во Република Македонија, – опремени со двојни команди, освен возилата од категориите „А“, „А1“, „Д“, „Д1“ „Ф“ и „Г“ и возилата за лицата со посебни потреби, – опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач и – опремени со две возачки огледала поставени на двете надворешни страни на предниот дел на возилото.