Информации

Основање и работа на испитен центар

Работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, ги врши правно лице по добивање лиценца за испитен центар од Министерството за внатрешни работи, за временски период од пет години.

По издавањето на лиценцата, Министерството за внатрешни работи го запишува испитниот центар во Регистарот на испитни центри во ова министерство.

Испитниот центар, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит ги врши согласно со организацијата на соодветните организациски единици на Министерството за внатрешни работи.

Испитниот центар, може да организира и спроведува возачки испит за кандидат за возач и во подружница, надвор од местото на неговото седиште, доколку ги исполнува условите од членот 242 став (2) од Законот за безбедност во сообраќајот

Постапката за добивање на лиценца, се спроведува врз основа на јавен конкурс кој го распишува Министерството за внатрешни работи.

Во случај кога на јавниот конкурс, за определено подрачје не се пријави ниту едно правно лице, односно ниту едно од пријавените правни лица не ги исполнува условите утврдени со овој закон, јавниот конкурс за тоа подрачје се повторува.

Испитниот центар и подружниците, можат да започнат со работа по нивниот упис во Централниот регистар на Република Македонија.

Со барањето за упис во Централниот регистар на Република Македонија, се поднесува и лиценцата за испитен центар издадена од Министерството за внатрешни работи, како доказ дека се исполнети пропишаните услови за работа на испитниот центар.

Испитниот центар и подружниците со свои акти го уредуваат начинот на организација и вршење на работите на организација и спроведување на возачки испит на кандидат за возач, во согласност со посебен закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Испитниот центар, по донесување на одлука за промена во однос на основачот, стручниот кадар, адресата или одговорното лице во испитниот центар, е должен во рок од осум дена од денот на настанатата промена за истата да го извести Министерството за внатрешни работи.

Доколку испитниот центар не го извести МВР ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, а исто така глоба ќе му се изрече и на одговорното лице во испитниот центар во износ од 30% од одмерената глоба за испитниот центар.

За вршење на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, испитниот центар задолжително треба да ги исполнува следниве услови за работа:
– да има стручен кадар,
– да има организација на работа,
– да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално-технички капацитети,
– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопственост на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи,
– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и
– да има возила од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно со одредбите од овој закон.

Соодветен стручен кадар, се лица кои се вработени во испитниот центар, и тоа:
– раководител на испитен центар,
– контролор,
– претседател на испитна комисија,
– испитувач по наставната програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
– испитувач по наставната програма управување со моторно возило (практичен дел).

Министерството за внатрешни работи на физичко лице за вршење на работи во испитен центар му издава лиценца и тоа:
– лиценца за контролор,
– лиценца за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
– лиценца за испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел).

Лиценца за контролор се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку високо образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за контролор и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

Лиценца за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку високо образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

Лиценца за вршење на работи на испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел) се издава на физичко лице, кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку средно образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда,
5) да има положено стручен испит за испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи и
6) да поседува дозвола за возач-инструктор.

Во случај на одземање на лиценците, физичките лица може повторно да се стекнат со лиценца по истекот на една година од одземањето на лиценцата под услови и во постапка утврдени со овој закон.