Информации

Оспособување на кандидат за возач

Кандидатот за возач кој се подготвува за полагање на возачки испит, може заради оспособување и пред положениот возачки испит да управува на патот со возило од онаа категорија за која го подготвува испитот, ако со возилото управува под надзор на возач-инструктор.

За време на управувањето со моторно возило, кандидатот за возач е должен кај себе да има лична карта или друг документ за идентификација и уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на лицето, кандидат за возач кое постапува спротивно.

На пат со моторно возило може да се оспособува за управување и кандидат за возач кој има до една година помалку од годините на возраст, пропишани за издавање возачка дозвола за категоријата на возила во која спаѓа моторното возило на кое се врши оспособувањето.

Моторно возило на кое на пат кандидатот за возач се оспособува во практичното управување со возилото, е означено со посебни таблици.

Таблиците, имаат форма на квадрат, по боја се сини и на нив со бела боја е напишана буквата „L“. Оспособувањето на кандидат за возач е наставен процес кој задолжително се спроведува според Наставен план за обука на кандидати за возачи.

Оспособувањето задолжително се спроведува за секој кандидат за возач.

Наставниот план, задолжително ги опфаќа следниве наставни програми:
– сообраќајни правила и прописи (теоретски дел),
– управување со возило (практичен дел) и
– укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода.

Оспособување на кандидати за возачи согласно со наставната програма за укажување на прва помош, врши Црвениот крст на Република Македонија или здравствена установа овластена од Министерството за здравство, за што издава потврда за оспособеност за укажување на прва помош.