Информации

Управа за јавни приходи на РМ
Генерална дирекција
бул. Кузман Jосифовски-Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел.
+389 (2) 3299 500; 075/346 986
Факс
+389 (2) 3281 010
Email:
info@ujp.gov.mk
Инфо центар:
0800 33 000
Пријави неправилности::
198
Работно време
од понеделник до петок
од 08:30 до 16:30 часот Регионални дирекции

Персонален данок – Даночни потикнувања

1. Даночни намалувања/ослободувања кај приходи од самостојна дејност

Намалување на даночна основа

  • На обврзникот му се намалува даночната основа за извршените вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти), за проширувања на сопствената дејност, во висина од 30% од извршените вложувања, со тоа што извршеното намалување не може да биде поголемо од 50% од утврдената даночна основа за истиот даночен период.
  • Како вложувања во материјални и нематеријални средства не се сметаат: вложувањата во патнички автомобили, мебел, теписи, аудиовизуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други украсни предмети за опремување на административни простории.
  • Обврзникот кој вложува во патнички автомобили во дејностите: изнајмување на возила (рент-а-кар), автотакси превоз, возила за обука на возачи и специјални возила (погребални, брза помош, возила за помош на пат и слично) има право на намалување на даночната основа во висина на извршеното вложување, но не повеќе од висината на даночната основа за истиот даночен период.
  • За остварување на правото на даночно намалување основен услов е обврзникот да не ги оттуѓи или на друг начин пренесе средствата за период од три години, почнувајќи од годината во која е извршено вложувањето.
  • Ако обврзникот на крајот на секој пресметковен период, документирано не докаже дека износот на намалувањето на даночната основа го вложил за намените и не ги отстапил основните средства, го губи правото на ослободување.
  • Ако даночниот обврзник не ги искористил инвестиционите вложувања за намената за кое го користел намалувањето на даночната основа му се наплатува данокот во износ зголемен за каматата пропишана за даноците што не се платени во пропишаниот рок.

Намалување на даночната основа за годишно лично ослободување

  • На обврзникот му се намалува даночната основа за износот на годишното лично ослободување пресметано според времетраењето на вршењето на дејноста (месечен износ на ослободување утврден за годината помножен со бројот на месеци во кои обврзникот работел).

Даночно ослободување по основ набавени и ставени во употреба фискални апарати

  • На обврзникот кој е должен да воведе и користи одобрен систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања му се намалува пресметаниот данок за набавени до десет фискални апарати, во висина на нивната вредност.
  • Ослободувањето обврзникот го остварува со поднесување на – “Барање – одобрение за даночно ослободување по основ на воведување во употреба на одобрен систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања “образец “ПДД 02” – до органот за јавни приходи според неговото седиште.
  • Барањето се доставува во пресметковниот период, во кој одобрениот систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања е набавен и воведен во употреба.
  • Правото на даночното ослободување се остварува од првиот нареден месец во тековната година од воведувањето во употреба на одобрениот систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања до крајот на годината, сразмерно, на износот на вложените средства.
  • Доколку ова право не биде искористено во целост се пренесува во наредниот период, се до негово целосно искористување.

Даночно ослободување за обврзници кои прв пат започнуваат да вршат самостојна дејност

Се ослободува за период од три години (според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност):

  • трговецот поединец – кој прв пат започнува да врши самостојна дејност како трговец поединец и
  • физичко лице – кое прв пат врши дејност, доколку достави доказ од надлежниот регистарски орган дека пред отпочнувањето на вршењето на дејноста не бил регистриран за вршење на дејност.

Даночни олеснувања за обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност според паушално утврден приход

За лицата коишто земјоделската дејност ја вршат како основно занимање им се признаваат следниве даночни олеснувања:

  • до 300.000 денари (приход) му се признаваат 100% нормираните трошоци и
  • од 300.001 до 1.300.000 денари (приход) му се признаваат 80% нормирани трошоци.

За лицата коишто земјоделската дејност ја вршат како дополнително занимање нормираните трошоци се определуваат во висина од 80% од остварениот приход.

2. Даночни олеснувања кај приходи од имот и имотни права (закупнина)

На даночниот обврзник му се признаваат следните даночни олеснувања:

  • 25% од висината на приходот при издавање под закуп на неопремени станбени и деловни простории;
  • 30% од висината на приходот при издавање под закуп на опремени станбени и деловни простории;
  • стварните трошоци, документирано докажани (по барање на обврзникот).

3. Даночни намалувања кај приходи од авторски права и права од индустриска сопственост

Намалување на даночна основа при утврдувањето на нето приходот

При утврдувањето на нето приходот од авторски права и права од индустриска сопственост се признаваат следниве трошоци:

  • 60% од бруто приходот – за вајарски дела, таписерии, керамопластика, уметничка керамика и витраж;
  • 50% од бруто приходот – за уметничка фотографија, ѕидно сликарство и сликарство во простор во техниките: фреска, графика, мозаик, интарзија, емајл, интарзирани и емајлирани предмети, костимографија, модно креаторство и уметничка обработка на текстил (ткаен текстил, печатен текстил и слично);
  • 50% од бруто приходот – за сликарски дела, графички дела, индустриско обликување со изработување на модели и макети, ситна пластика, уметнички решенија за сценографија, научни, стручни и публицистички дела, преведување на дела од книжевноста, музички и кинематографски дела и реставраторски и конзерваторски дела во областа на културата и уметноста;
  • 30% од бруто приходот – за изведување уметнички дела во областа на сериозната музика, балетот, операта и театарската и филмската глума, за рецитирање, снимање филмови и идејни скици за таписерија и костимографија;
  • 30% од бруто приходот – за преводи (освен преводи на книжевни дела), предавања и слични интелектуални творби;
  • 25% од бруто приходот – за изведување на естрадни програми на забавна и народна музика;
  • 25% од бруто приходот – за други авторски дела и дела од индустриска сопственост, кои не се наведени во предходните одредби;
  • стварни трошоци (наместо нормирани трошоци), што по барање на обврзникот документирано ќе ги докаже.

При утврдувањето на нето приходот од авторски права и права од индустриска сопственост за вајарски дела, сликарски, графички, тапасиерски и други творби од применетата уметност, остварени на изложби одржани надвор од живеалиштето на обврзникот, покрај трошоците предвидени во член 41 од ЗПДД му се одбиваат и трошоци за превоз на творбите, патните трошоци како и трошоците за престој во местото на одржувањето на изложбата, се додека таа трае, во висина на највисоките дневници утврдени со соодветни прописи.

Признати трошоци при утврдување на нето приходот од патенти и знаци на разликување – следниве трошоци се признаваат при утврдување на нето приходот од патенти и знаци на разликување:

  • таксите и трошоците што се плаќаат за заштита на патенти според потврдата на надлежниот орган за заштита на патентите;
  • трошоците за изработка на нацрт и технички опис на патентот и знакот на разликување што биле составен дел на пријавата со која од надлежен орган се бара заштита на патентот и знакот на разликување, според потврдата на стручно лице кое ги изработило тие нацрти и технички описи. Мислења за реалноста на овие трошоци издава организација регистрирана за застапување на авторите;
  • трошоците за изработка на прототип потребен за проверување на патентот што е пријавен, односно заштитен. Ако прототипот е изработен во претпријатие, односно установа, потврда за трошоците за изработката издава изработувачот. Ако прототипот го изработил пронаоѓачот во сопствена режија, се признаваат стварните трошоци што ги имал, а мислење за реалноста на трошоците издава соодветна организација регистрирана за застапување на авторите.

4. Даночни ослободувања кај приходи од капитал (дивиденди, камати …)

Камати на орочени штедни и други депозити.

5. Даночни ослободувања кај приходи од капитални добивки

На даночниот обврзник му се признаваат:

  • 30% од нормираните трошоци – при утврдувањето на даночната основа се однесуваат на трошоците направени при продажбата на хартиите од вредност, учеството во капиталот и недвижниот имот.
  • 100% на средствата – остварени од продажба на недвижен имот кој обврзникот го продава по истекот на три години од денот кога го стекнал.
  • Капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност не се оданочуваат од 1.01.2013 до 31.12.2015.

6. Даночни ослободувања кај игри на среќа и наградна игра

Данокот на доход за добивките од игри на среќа и други наградни игри не се плаќа ако поединечната добивка не го надминува износот од 5.000 денари.

7. Даночни олеснувања кај други приходи

За другите приходи за кои данокот се утврдува по одбивка, даночната основа му се намалува со одбивање на нормираните трошоци од бруто приходот во висина од 35%.