Информации

Полагање на стручен испит за вршење работи во автошкола и испитен центар и на испит за возач-инструктор

Кандидатите за вршење работи на предавач и возач-инструктор во автошколата, контролор, испитувач по наставна програма од сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставна програма од управување со возило (практичен дел) во испитен центар, треба да положат стручен испит за оспособеност за работа.

Стручниот испит за вршење работи на предавач и возач-инструктор во автошкола се врши согласно Програма за проверка на стручно оспособување за добивање на лиценца за оспособување на кандидат за возач.

Стручниот испит за вршење работи на контролор, испитувач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и испитувач по наставна програма управување со возило (практичен дел) во испитен центар се врши согласно со Програма за проверка на знаење на кандидат за возач.

Стручниот испит се полага пред комисија формирана од страна на министерот за внатрешни работи која е составена од претседател и два члена, кои имаат најмалку десет години работно искуство во областа на сообраќајот.

На кандидатите кои успешно го положиле стручниот испит комисијата им издава уверение за положен испит.

На лицата врз основа на издаденото уверение Министерството за внатрешни работи им издава лиценца за работа.

За издавање на лиценцата за работа, лицата плаќаат надоместок за трошоци во висина на реално направените трошоци за нејзино издавање.

Кандидатот кој не го положил испитот ќе се упати на повторно полагање во рок од 30 дена од денот на добивање на резултатите од испитот.

Во периодот до повторно полагање на стручниот испит кандидатот нема право да извршува работи за кои е потребен стручен испит.

Стручниот испит се состои од теоретски дел со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите, се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. На кандидатот на кој му е одобрено барањето за полагање на стручниот испит, му се определува времето и местото за полагање на испитот, а кандидатот се известува најдоцна во рок од осум дена пред полагање на испитот.

На кандидатот му се овозможува да започне да го полага стручниот испит во првиот нареден термин од денот на одобреното барање за полагање на испитот.

Стручниот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.

Јавноста се информира за датумот и времето на полагањето на стручниот испит најмалку три дена пред одржувањето на испитот.

Полагањето на стручниот испит се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за внатрешни работи, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од одржаниот испит се поставува на веб страницата на Министерството за внатрешни работи.

Испитот се полага за секоја соодветна област и содржи најмалку 50 прашања со три опции за заокружување од кои една е точна, една е слична и една не е точна.

Полагањето на стручниот испит се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.

Прашањата од тестот зависно од тежината се вреднуваат со поени определени во тестот.

Прашањата содржани во тестовите за полагање на стручниот испит и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на стручниот испит во Министерство за информатичко општество и администрација.

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од тестот за полагање на стручниот испит изнесува 120 минути.

Се смета дека стручниот испит го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од тестот постигнал најмалку 70% од вкупниот број предвидени позитивни поени.